Достапни линкови

logo-print

Во светот и натаму се кршат човековите права


Владите во светот во минатата година продолжија да ги кршат основните човекови права. Ова е оценката во редовниот годишен извештај на Стејт Департментот. Во него се додава дека над 30 те војни и конфликти во светот предизвикуваат зголемен број на тортури, егзекуции и кршење на човековите права.

Годишниот извештај всушност е составен од 194 индивидуални извештаи за спроведувањето на човековите права во земјите во светот. Во нив се критикуваат или им се одава признание на владите во оваа сфера.

„Извештаите објавени денеска претставуваат оценка за тоа до каде сме. Тие ни даваат фактичка основа за американските дипломатски, економски и стратегиски политики спрема другите земји во наредната година.“

Изјави американскиот државен секретар Хилари Клинтон на вчерашното претставување на извештајот во кој како главен заклучок се наведува дека во многу земји во кои траат конфликтите, токму цивилите се жртви на кршењето на човековите права.

Хилари Клинтон, државен секретар на САД
„Во конфликтните зони, бунтовниците, терористичките организации, паравоените формации и владините сили убивале, силувале и применувале нехумани тактики за да ја преземат контролата врз некоја територија, да ги замолчат неистомислениците и да го принудат цивилниот сектор на соработка“, стои во извештајот во кој посебно се истакнува Авганистан, каде што безбедносната ситуација во минатата година се влошила поради зачестените напади на бунтовниците. Со една третина од земјата во длабок конфликт Стејт департментот оценува дека авганистанската влада не била во можност ефикасно да ги штити луѓето.
Околу 25 влади во изминативе неколку години наметнаа нови рестрикции за невладините и други организации кои се занимаваат со заштитата на човековите права.

Во Ирак и покрај подобрувањето на безбедносната ситуација, нападите на бунтовниците, особено врз верските објекти, и натаму се закана за сите сектори во општеството, се наведува во извештајот во кој се додава дека во две илјади и деветата година многу влади продолжиле да вршат контрола врз информациите со тоа што ги спречувале јавните собири, употребата на интернетот, радиото, телавизијата. Во многу земји невладините организации биле спречени да работат и со посебни закони.

„Околу 25 влади во изминативе неколку години наметнаа нови рестрикции за невладините и други организации кои се занимаваат со заштитата на човековите права.“

Изјави американскиот помошник секретар за демократија, човекови права и труд Мајкл Поснер. Стејт департментот тука посебно ја потенцира ситуацијата во Иран, односно задушувањето на протестите по ланските контроверзни претседателски избори, како и Кина и Северна Кореа, каде што владите имаат целосна контрола врз сите информации.

Што се однесува до медиумите во извештајот се спомнува Русија, каде што независните медиуми биле под притисок да не ја критикуваат владата, а само лани биле убиени осум новинари, без да бидат пронајдени злосторниците. Стејт департментот исто така го потенцира трендот за маргинализирање на припадници на малцинствата, жените, децата и мигрантите.

Минатата година, како што се додава, биле забележани убиства и насилство врз ромите во Италија, Унгарија, Словачка и Чешка што, според Стејт Департментот, покажува дека ромите се најчести жртви на дискриминација во Европа.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG