Достапни линкови

Лидерска средба за уставни измени


Уставните измени пред партиските лидери

Уставните измени пред партиските лидери

Во Скопје денеска се одржа лидерска средба за уставни измени во делот на Судскиот Совет. Средбата беше на иницјатива на Премиерот Никола Груевски. СДСМ и Нова Демократија ги побараа предлозите во писмена форма.

Премиерот Никола Груевски денеска пред лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДУИ Али Ахмети и на Нова демократија Имер Селмани ги презентираше предлог измените на Уставот во делот на Судскиот совет.
По лидерската средба во Клубот на пратениците што траеше околу еден час, Груевски изјави дека иницијативата за уставни измени содржи неколку клучни работи - да се зголеми бројот на членови на Судскиот совет избрани од редот на судиите со непсоредно тајно гласање на сметка на оние што ги предлагаат Собранието и претседателот на државата, министерот за правда да не е член на Советот и скратување на мандатот на членовиоте кој сега е шест години. Целта е да се зајакне независноста на судскиот систем и да се зголеми неговата ефикасност.

Лидерот на СДСМ Црвенковски изјави дека побарал писмен документ на она што било презенетирано од премиерот Груевски, по што ќе решат дали ќе дадат поддршка за уставните измени, бидејќи, како што рече, станува збор за многу сериозно прашање.

Предлозите во писмена форма ќе ги сочека и претседателот на Нова демократија Имер Селмани, по што ќе ги разгледаат и ќе се изјаснат на наредната лидесрска средба. Селмани излегол и со свои предлози, меѓи кои и во Уставниот суд да се одлучува според Баденетровиот принцип - со двојно мнозинство

ВМРО ДПМНЕ: Да се зголеми независноста на судството


Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека измените се предлагаат за да се зголеми независноста на судството.
ВМРО-ДПМНЕ предлага министерот за правда да не членува во Советот по службена должност, да се зголеми бројот на членови на советот избрани директно од судиите и да се намали шестгодишниот мандат на членовите на Советот. Судскиот совет сега има 15 члена. Осум од нив се избрани од судиите, тројца од Собранието, двајца судии членуваат во Советот по предлог на Претседателот на државата, а по функција, во советот членуваат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.

ДУИ: Мандатот на судскиот совет да не се преклопува со власта

Владејачката ДУИ го подржува предлогот министерот за правда да не биде член на Судскиот совет. Пратеникот Аднан Јашари од ДУИ вели дека тие ќе предложат, освен министерот за правда, во Советот да не членува ниту претседателот на Врховниот суд.

„Сметаме дека се работи за човек кој се именува од страна на истиот орган, односно Републичкиот судски совет на Република Македонија и во тој случај сметаме дека можеби на некој начин постои т.н. судир на интереси.“


Тој вели дека тие имаат и предлози во однос на изборот на членови на Советот од страна на судиите. Јашари посочува дека треба внимателно да се анализира предлогот за намалување на мандатот на членовите на Судскиот совет.

„Треба добро да се анализира, мандатот да не биде ист со изборните циклуси.“

Се отвора Пандорина кутија за Уставот?

Во Нова демократија најавија дека ќе побараат измени на Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците. Тие бараат албанскиот јазик да биде официјален на целата територија на Македонија. Бараат и уставните судии да гласаат со бадентерово мнозинство.

Аднан Јашари од ДУИ вели дека ако се отвори дебата, тие ќе предложат и други измени, особено во однос на начинот на уредување и функционирање на Уставниот суд.

„Дали со Деловник или со закон, тие предлози најверојатно денеска ќе бидат предложени од претставниците на ДУИ.“

За разлика од пред десетина дена кога опозицискиот СДСМ реагираше дека овие промени се иницираат заради дополнителна партизација на судството, генералниот секретар на партијата Андреј Петров сега со поумерена оценка.

„Овој предлог е повеќе од очигледно дека не доаѓа од страна на ВМРО ДПМНЕ туку од страна на меѓународната заедница.“

Петров, сепак, повикува на внимателност при менувањето на Уставот.

„Секое отворање на Уставот, без претходна подготовка, без да се дискутира со релевантните политички партии со исфрлање на информацијата во медиумите, може да ја отвори Пандорината кутија.“
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG