Достапни линкови

Земјотрес со сила од 6,2 степени повторно го погоди Чиле, на само два дена по катастрофалниот потрес, во кој загинаа над седумстотини луѓе. Земјотресот кој беше со интензитет од 8,8 степени според Рихтер, е еден од петте најсилни што досега се регистрирани во светот.

Министерот за одбрана на Чиле Франциско Видал изјави дека чилеанската морнарица направила грешка, бидејќи веднаш не издала тревога за цунами опасност по големиот земјотрес што ја погоди земјата. Извештаите велат дека повеќето од жртвите биле од приморските региони, кои беа погодени од големите бранови. Само во рибарското село Конститусион загинале над 300 луѓе. Во Чиле се уште нема конечни податоци за бројот на загинатите и за направената штета.

По саботниот, главниот град Сантијаго беше зафатен и со уште неколку помали потреси. Властите велат дека од земјотресите биле погодени скоро два милиона луѓе. Претседателката на Чиле Мишел Бачеле прогласи состојба на катастрофа во земјата, наведувајќи дека станува збор за една од најголемите трагедии во изминативе 50 години. ,,Се зголемува бројот на исчезнатите,, изјави таа по итната седница на владата на која биле донесени посебни вонредни мерки во две области во земјата кои се најмногу погодени од земјотресот.

,,Ние се соочуваме со катастрофа од незамисливи размери и таа ќе бара гигантски напори и на јавниот и на приватниот сектор.
Се соочуваме со вонредна состојба која бара итна и брза реакција. Ги повикувам сите граѓански и воени власти, како и сите институции да соработуваат во оваа задача...
Станува збор за еден од најголемите напори во историјата на земјата и тие ќе бидат потребни не само сега, туку и во иднина.,,

Бачеле најави дека веднаш е покрената интензивна дистрибуција на храна за најзагрозенато население. Мерките, според Бачеле, ќе бидат во сила 30 дена со цел да се гранатира јавниот ред и мир и тие ќе бидат спроведувани од полицијата и војската.

,,Се соочуваме со вонредна состојба која бара итна и брза реакција. Ги повикувам сите граѓански и воени власти, како и сите институции да соработуваат во оваа задача.,,

Ситуацијата во поголемиот дел на Чиле и натаму е хаотична, а најтешко било во вториот по големина град Консепсион, бидејќи епицентарот на земјотресот бил на само 115 километри североисточно од него. Во Консепсион живеат над половина милион луѓе, а таму веќе биле забележани грабежи на продавниците кои полицијата се обидела да ги спречи со солвазец и со водени топови.

Инаку, по саботниот земјотрес нивото на водата на Пацификот нагло се покачи и затоа 53 земји ги предупредија нивните граѓани од можноста за цунами. Сепак, нивните страхувања се покажаа за неосновани, бидејќи брановите кои кои стигнаа на бреговите на Хаваи, Австралија, Јапонија, Русија и други земји, не биле поголеми од еден метар. Страхувањата на Пацификот ги поттикна загриженоста од повторувањето на цунамито во Индискиот Океан во 2004 година. Тогаш поради ненавременото предупредување загинаа над 230 илјади луѓе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG