Достапни линкови

Нимиц: различни погледи, но и основа за продолжување на процесот


Посредникот во спорот со името Метју Нимиц по денешната средба во Атина со заменик шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас изјави дека Атина и Скопје имаат различни погледи за решавање на прашањето за името, но истовремено изрази уверување дека има основа врз која може да продолжи процесот. Нимиц изјави дека Друцас го уверил оти Атина останува целосно посветена на решавање на проблемот преку заедничко прифатливо решение што ќе му го отвори патот на Скопје кон евроатлантските структури. Нимиц во Атина повтори дека името на државата е клучното прашање за кое се разговара, додека останатите прашања што излегоа во изминатиот период, се споредни. Портпаролот на грчкото МНР Грегори Делавекурас информираше дека на получасовната средба, станало збор за новиот пристап на грчката страна во однос на ова прашањето. ,,Позитивната порака што ја праќа Грција почнува да се разбира. Се надеваме дека позитивните промени ќе бидат пренесени и на преговарачката маса,, рече Делавекурас. Метју Нимиц попладнево треба да се сретне со премиерот Јоргос Папандреу и со Андонис Самарас, лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија.
XS
SM
MD
LG