Достапни линкови

logo-print

Културна манифестација ,,Дионисови слави"


Во организација на Културниот центар и театарот Скрб и утеха, филмската продукција Дион и едицијата Лицеум, во петок и сабота, во Градската библиотека Браќа Миладиновци во Скопје, ќе се одржи 17-то издание на манифестацијата Дионисови слави на која ќе се претстават творци од земјава, соседни Албанија, Бугарија и Грција и од Хрватска.

Со изложбите на кукли со народни носии на Розита Закева и копаничарски дела на Ване Петридов Цило, во петок од 20часот, во Градската библиотека Браќа Миладиновци во Скопје, ќе започнат 17-те Дионисови слави, културната манифестација на која се афирмира творештвото на Македонците од земјава, соседни Албанија, Бугарија и Грција и од Република Хрватска. Организатори на ова случување кое силно го крепи идентитетот на Македонецот на оваа балканска ветрометина се Културниот центар и театарот Скрб и утеха, Филмската продукција Дион и едицијата Лицеум.
Денеска ,,Дионисовите слави" повторно на некој начин ја обединуваат македонската култура која е поделена во четирите соседни земји кои граничат со Македонија и кои во еден период жал ми е што морам да кажам и денеска се потиснувани, значи повторно собирање, среќавање на македонската култура на едно место


,,Денеска ,,Дионисовите слави" повторно на некој начин ја обединуваат македонската култура која е поделена во четирите соседни земји кои граничат со Македонија и кои во еден период жал ми е што морам да кажам и денеска се потиснувани, значи повторно собирање, среќавање на македонската култура на едно место, добронамерно да се препознаеме, да пееме, да играме, да видиме дека светот треба да оди кон размена на култура, кон почитување на различностите."

вели Тихомир Стојановски, актер, режисер и еден од организаторите на оваа манифестација. Во рамките на оваа прва вечер од дводневното културно обединување ќе бидат промовирани и видео речникот за лица со оштетен слух Ега и книгата Театарот како масовна и елитна култура од Стојановски, а за која ќе говори писателот Д-р Александар Прокопиев. Наедно ќе бидат прикажани документарниот филм Деветте вретена на Јана во продукција на Дион и ТВ Сонце и театарската претстава Будење на ангелите во режија на Слободанка Чичевска, актерка во Велешкиот театар. Промотивните активности продолжуваат и во сабота со претставувањето на книгата Етногенезата на Богомилите од Назиф Докле од Гора, Република Албанија, а потем акцентот ќе биде ставен на фолклорот и ќе се претстават женските вокални групи Кременки од село Кремен, Пиринско, Горичанки од Горица, Мала Преспа и пејачката дружина од Солунско, за да манифестацијата биде крунисана со концертот на Македонското културно уметничко друштво Крсте Мисирков од Загреб.

,,Се надевам дека ,,ѕидовите" кои што постоеја и кои одвреме на време повторно се појавуваат на македонскиот балкански полуостров ќе се урнат и ќе можеме повторно да играме театар и во Егејско, да немаме проблем кога ќе играме и во Пиринско или Алабанија."

дополнува Тихомир Стојановски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG