Достапни линкови

Клинтон за поголема соработка меѓу НАТО и Русија


Американскиот државен секретар Хилари Клинтон

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон во синоќешниот говор во Вашингтон, посветен на иднината на трансатлантскиот воен сојуз, ги отфрли притисоците на Москва за постигнување нов европски безбедносен договор.

Евентуалниот нов договор за безбедноста на Европа, според американскиот државен секретар Хилари Клинтон, само ќе го намали влијанието на НАТО во светот и предложи наместо тоа Русија повеќе да се приближи до Алијансата.

„Додека Русија се соочува со предизвици за нејзината безбедност, НАТО не е меѓу нив. Сакаме кооперативни односи меѓу НАТО и Русија со кои се постигнуваат конкретни резултати и кои ги приближуваат двете страни.“

Русија во последниве години со длабока недоверба го посматраше процесот на проширувањето на НАТО кон исток, кога во своите редови ги вклучи балтичките земји и некои земји од Балканот. Москва особено силно се противи на планот на НАТО да им понуди членство на Грузија и Украина, со оглед на тоа што на нив се уште гледа како на дел од својата сфера на влијание.

Русија, исто така, изрази несогласување со американските планови за изградба на дел од својот ракетен одбранбен систем во Романија, откако претходно се откажа тоа да го стори во Полска и Чешка. Претседателот Барак Обама, веднаш по преземањето на функцијата, предложи ресетирање на односите со Русија кои беа нарушени по кратката војна меѓу Русија и Грузија во 2008 година.
Ние ја покануваме Русија да му се приклучи на НАТО во развојот на ракетен одбранбен систем кој може да ги заштити сите граѓани на Европа и Русија.

Во говорот, Клинтон призна дека Русија е гневна поради разместувањето ракетен систем во Романија, но отиде чекор подалеку од вообичаените зборови на убедување дека системот не е насочен против Москва.

„Неопходно е Русија да ја направиме партнер во нашите напори да се спречи ширењето на нуклеарното оружје. Така тоа треба да биде и во ракетната одбрана. Ние ја покануваме Русија да му се приклучи на НАТО во развојот на ракетен одбранбен систем кој може да ги заштити сите граѓани на Европа и Русија.“

Клинтон, исто така, испрати порака до Русија дека Соединетите држави остануваат посветени на европската безбедност и покрај фактот дека вниманието е насочено врз случувањата во Иран, Авганистан, Ирак, па дури и Кина.

„Соединетите Држави беа амбивалентни за тоа дали НАТО треба да се вклучи во безбедносна соработка со Европската унија. Тоа време е минато. Ние на Унијата не гледаме како конкурент на НАТО, туку на силна Европа гледаме како на важен партнер на НАТО и Соединетите држави.“

Клинтон исто така, го повика НАТО да го преиспита својот стратегиски концепт со цел тој да ги рефлектира новите закани со кои се соочуваат членките на Алијансата. Според неа, водечките принципи на Мисијата на НАТО се уште се релевантни, но Алијансата мора да го смени методот.

„Успехот во долготрајната борба не е само прашање на повеќе војници или подобра опрема. Тука е и прашањето како ефикасно ќе се прилагодите на новите околности. НАТО не може да продолжи да успева ако гледа во ретровизор.“

Изјави Клинтон. Инаку, поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, раководи со групата експерти која има задачата да го ажурира стратегискиот концепт на НАТО, кој последен пат беше преработен во 1999 година. Новата верзија треба да биде усвоена на самитот на НАТО во Лисабон во ноември годинава.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG