Достапни линкови

Метју Нимиц повторно во Скопје и Атина


Што ќе донесе новата посета на Нимиц? Фото: Од средбата со премиерот Груевски за време на минатата посета

Што ќе донесе новата посета на Нимиц? Фото: Од средбата со премиерот Груевски за време на минатата посета

По повеќе од 7 месечна пауза на покана од двете страни во преговарачкиот процес за името, на нова рунда преговори во регионов пристигнува медијаторот на ООН Метју Нимиц. Засега не е познато дали тој носи нов предлог за името. Во меѓувреме државниот врв се договори за настапот пред Нимиц

Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски по средбата на државниот врв изјави дека е договорен заеднички настап кој би се движел во рамките на конструктивно проактивно дејствување за време на овие средби. Целта, според Милошоски, е да се даде придонес за постигнување едно решение или во најмала рака напредок по однос на решението на билатералниот спор наметнат од Република Грција во однос на уставното име на Република Македонија.

Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски ова го изјави по средбата кај претседателот Ѓорге Иванов на која присуствуваа премиерот Никола Груевски,вицепремиерот Абдилаќим Адеми и амбасадорот Зоран Јолевски.

На средбата, која според Милошоски била од консултативен карактер, амбасадорот Јолевски имал исцрпен извештај за процесот во кој е директно вклучен и беа координирани позициите пред посетата на посредникот во македонско-грчките разговори за името Метју Нимиц на Република Македонија.

Нимиц доаѓа во вторник

По повеќе од седуммесечна пауза на покана од двете страни во преговарачкиот процес за името, на нова рунда преговори во регионов пристигнува медијаторот на ООН Метју Нимиц. Според информациите коишто пристигнуваа од канцеларијата на Нимиц, тој контактирал во изминатиов период со двете страни иако се до неговото пристигнување остана неизвесно дали новите средби ќе бидат само консултативни или ќе донесат и нови предлози. Исто така беше речено дека медијаторот ќе ги закаже новите средби тогаш кога сите страни ќе сметаат дека тие би биле корисни. На што се подготвени сега двете страни исто така е непознато, со оглед на тоа што директните контакти одржани во меѓувреме не донесоа и нови оптимистички сигнали во поглед на заземените позиции. Извесно разочарување околу тврдите позиции и на македонската и на грчката страна изрази Нимиц при ноемвриските средби со преговарачите Јолевски и Василакис во ноември кога Македонија беше во очекување на декемврискиот министерски состанок на ЕУ на кој на дневен ред беше и препораката на ЕК за доделување датум за преговори со Унијата. Овие средби завршија и со неофицијални информации дека процесот е драматично влошен и дека двете страни се нашле на најоддалечени позиции до тогаш, нашата страна изложените грчки позиции ги нарече максималистички. Подготвеноста да се преговара за предлозите на Нимиц од јули минатата година остана. Последен пат во регионов Нимиц беше во јули минатата година кога откако како што беше објавено го достави модифицираниот октомвсиски предлог за промена на уставното име во Република Северна Македонија за меѓународна употреба, си замина со оптимизмот дека кај двете страни постои подготвеност да се дојде до решение. Нимиц демантираше дека предмет за преговорите се идентитетот и јазикот на државата. По средбата со грчкиот премиер пред декемврискиот состанок во Брисел Груевски рече дека токму тоа прашање било тврдо поставено од грчката страна. Во меѓувреме се отвори и прашањето на европско посредништво за решавање на спорот иако решението пред се се гледа во процесот воден во ООН. Постои уникатна можност прашањето да биде решено и за тоа одговорноста ја имаат лидерите, порача минатата недела еврокомесарот за проширувањето Штефан Филе при посетата на Скопје. Меѓународниот притисок спорот да се реши и во наредните неколку месеци евроинтегративниот процес на земјава да се деблокира е се посилен.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG