Достапни линкови

Неделен печат – „Десницата може да го победи Груевски“


Во интервју за неделникот „Сега“ Филип Петровски од „Обединети за Македонија“ вели дека обединетата десница, вклучувајќи ги и бранителите има потенција од 200 илјади гласови. „Фокус“ објавува колумни на потпретседателите на „Обединети за Македонија“ и ВМРО Народна. „Форум“ и „Глобус“ пак, се занимаваат со Скопје 2014.

„Сега“: ,,Десницата може да го победи Груевски“

,,Десницата може да го победи Груевски“ ја вади како наслов неделникот ,,Сега“ поентата од интервјуто со поранешниот истакнат ,,подмладок“ на ВМРО-ДПМНЕ, сега во партијата Обединети за Македонија на Бошковски и од неодамна доктор по меѓународни односи, Филип Петровски. Петровски, имено, смета дека обединетата десница, каде што ги вклучува и бранителите, имала потенцијал за над 200 илјади гласови и дека Георгиевски и Бошковски се вистинските лидери на ВМРО, уште од самостојноста на државата. За разлика од неавтентичната екипа, Груевски тоа го знае, па затоа мора да работи на создавање поделби и меѓу десницата. Петровски во интервјуто за ,,Сега,, констатира дека премиерот само мисли како да се задржи на власт, дека нема концепција, нема издржан план, нема автентичност, нема пример со кој може да се спореди при извлекување на поентите на неговото владеење.

„Фокус“: Потезите на владата свесно насочени кон нарушување на меѓуетничките односи

,,Фокус“ објавува два текста –едниот од потпретседателот на Обединети за Македонија, Златко Кесковски, другиот од претседателот на ВМРО-Народна, Марјан Додовски. Првиот смета дека според возраста, актуелната Влада навистина била детска градинка, но дека пожарот што можела да го предизвика во никој случај немало да биде резултат на наивна детска палавост. Постапките на Владата, пишува Кесковски, се мошне свесно насочени токму кон нарушување на меѓуетничките, па дури и на меѓурелигиските односи, што е многу опасно за државата! Вториот десничарски опозиционер, Додовски, покрај другото, смета дека преку китењето на плоштадот во Скопје, Груевски сакал да направи дистинкција помеѓу времето на неговата влада и на оние пред него, но расипничкиот однос спрема државните пари него лично нема да го чинело ништо, ќе останел запаметен, а ќе им направел и неопислив бербат на оние што ќе дојдат по него.

„Форум“: „Најголемите великани од македонската историја на ниво на локални фаци“

Во едиторијалот на ,,Форум,, се' уште како реакција на проектот ,,Скопје 2014“ главниот уредник реагира на она што деновиве го откри А1 Телевизија, но новинарите некако слабо го регистрираа: дека за да се одбегне дебата во Собранието, за да се одбегне расправа и дискусија, со други зборови, како што пишува, за да се суспендира демократијата, решенијата за статуите на најголемите великани на македонската историја се сведени на ниво на локални фаци. Општина Центар, имено, ги прогласи за спомен обележја статуите на Александар Македонски, Гоце Делчев, Никола Карев, гемиџиите, какви што се ,,Шмизлата“ ,,Питачот“ ,,Фраерот“! ,,Срамота е!“ извикува авторот во ,,Форум - ,,Великаните не заслужиле таков однос спрема нив, а ниту граѓаните и демократијата!,,.

„Глобус“: „Злосторничко здружување на Владата против државата и здравиот разум“

,,Глобус“ за истово прашање смета дека, всушност, Владата прави, како што пишува, злосторничко здружување против државата и здравиот разум и прашува зошто јавниот обинител Шврговски не реагира на тоа. Авторот на текстот ја темели констатацијава врз тврдењата на арх. Мирослав Грчев дека целата постапка за проектот, Владата и општина Центар го спровеле по скратена постапка за донесување урбанистички планови, одредба на Законот за просторно и урбанистичко планирање што самата Влада на Груевски го укинала уште во јули минатата година. Имено, Постои ли поголем резил за еден, во наводници, ,,чесен“ националсоцијалистички режим кој сака се' да биде според закон“ го цитира ,,Глобус“ арх. Грчев.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG