Достапни линкови

Нови слободни економски зони


Владата ќе инвестира во отворање на десетина нови слободни економски зони за потенцијални странски инвеститори во Скопје, Тетово, Штип, Прилеп, Радовиш, Гевгелија, Струга, Струмица, Крива Паланка и во Кичево. Сепак, имајки го предвид фактот дека од отворањето на првата слободна економска зона „Бунарџик“ до денес само тројца странски инвеститори се активираа на „слободното“ земјиште, се поставува прашањето дали најзапамтени активности на овие простори ќе бидат церемониите со лопати преврзани со црвени панделки?

Од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони лани во медиумите обелоденија дека за планираните 10 нови зони веќе имало интерес од странски инвеститори, но сега се недостапни за коментар околу тоа колкумина се заинтересирани, дали ќе градат и од каде ќе дојдат?

Упатените се согласни дека отворањето на овие зони е значајно за привлекување на странски инвестиции. Професорот Јован Пејковски посочува дека со промоција и разработување на овие зони може да се привлечат повеќе инвеститори:

„И останува подобрата промоција, со подобра понуда, заедно со макроекономско стабилизирање, фискално олеснување и она што е најбитно инфраструктутно зајакнување, за да можат корисниците на зоните да имаат бенефиции од нивните вложувања кај нас.“

Со соодветни стратегии може да се разработат слободните економски зони во земјава, вели Пејковски и додава дека најсигурен метод за привлекување на странски инвестиции се успешните евроатлански интеграции:

„Очекувањата секогаш се рационални и врз таа основа може да се смета дека странските инвестиции со решавање на оние прашања коишто ние ги знаеме, а тоа се влезот во ЕУ и НАТО може да се очекува дека би биле зајакнати.“

Додека изградбата на зоните за странски фирми се одвива според предвидената динамика, се чини дека домашните компании се уште ја чекаат изградбата на индустриските зони за кои се надлежни локалните власти. Што ќе се случи доколку давањето на предност на странските инвеститори пред домашните се претвори во тренд?

Професорот Христо Карталов вели дека нееднаквиот третман на домашните и странските инвеститори може да предизвика револт:

„Во оваа ситуација кај нас, каде што странските инвеститори добиваат привилегирана положбам се создава еден револт или одбојност кај домашните затоа што тие не се еднакви со странските директни инвеститори.“

Инаку, според неофицијални информации во слободните економски зони им се дава предност на инвеститори кои нема директно да им конкурираат на домашните.

XS
SM
MD
LG