Вести
Казахстан стана член на безбедносна организација подржана од Русија
види ги сите денешни вести
Гринфилд: Предлог-резолуцијата за Палестинците ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликт
Амбасадорката на Соединетите Држави во Обединети Нации, Линда Томас-Гринфилд изјави дека предлог-резолуцијата за полноправно членство на Палестина во ОН ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликт по принципот две земји за двата народа.
Таа додаде дека САД се подготвени да го прифатат барањето во нацрт-резолуцијата поднесена од Палестинската управа за нејзино целосно интегрирање во структурите на ОН.
Советот за безбедност на ОН утре ќе гласа за предлог-резолуцијата Палестинската управа да биде полноправна членка на светската организација.
Советот за безбедност на ОН одлучи да одговори на барањето на Палестина за полноправно членство во Обединетите Нации до крајот на април, што палестинските власти го опишаа како „историско“, а Израел остро го осуди.
Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена.
Во ноември 2012 година, Палестина доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.
Палестина го ажурираше своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН минатата недела, укажувајќи на израелската офанзива во Газа, а телото започна процес на ревизија во понеделникот (9 април).
Белата куќа: Бајден е против одделни пакети помош за Украина и Израел
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби изјави дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден е против потенцијалниот предлог на републиканците во Претставничкиот дом да им дадат помош на Израел и Украина во два различни пакета.
„Ние не поддржуваме предлог-закон кој го финансира само Израел, бидејќи на Украина и треба муниција“, наведе Кирби.
Тој додаде дека претседателот на Претставничкиот дом, Мајкл Џонсон ја добил пораката на администрацијата и престанал да се обидува да ги одвојува пакетите за помош за двете држави.
Претходно, претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, изјави дека Претставничкиот дом на Соединетите Држави следната недела ќе гласа одделно за помош на Украина и Израел.
Американската помош за овие земји сè уште не е усвоена бидејќи Џонсон не сакаше да ја разгледа мерката од 95 милијарди долари што Горниот дом ја усвои во февруари. Вклучува 14 милијарди долари помош за Израел и 60 милијарди за Украина.
Џонсон нагласи дека новите мерки во Претставничкиот дом предвидуваат приближно исти износи на странска помош. Притисокот конечно да помине оваа финансиска помош преку Конгресот порасна по иранскиот напад врз Израел.
Дубаи под вода: поплавени се автопатите и аеродромот
За само неколку часа од големото невреме кое го зафати Дубаи наврнало дожд колку за година и половина. Поплавени се главните сообраќајници и аеродромот, поради што мораа да бидат пренасочувани летови.
Големите дождови кои ги зафатија Обединетите Арапски Емирати и делови на Катар и Бахреин предизвикаа поплави.
Во Оман, во неделата и понеделникот (14 и 15 април) во невремето загинаа 18 лица.
Метеоролозите и за денеска (17 април) најавуваат бури, поради што училиштата во Обединетите Арапски Емирати веројатно ќе останат затворени.
САД подготвуваат нови санкции за Иран
На 16 април, американската министерка за финансии Џенет Јелен предупреди на глобалната економска штета од сè понапнатата ситуација на Блискиот Исток.
Таа вети дека САД и нивните сојузници нема да се двоумат да воведат санкции врз Иран за да се спротивстават на неговите „малигни и дестабилизирачки активности“.
Јелен ова го изјави пред почетокот на состанокот на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кој e закажан за оваа недела.
Новите американски санкции против Иран би можеле, како што наведе, да го намалат капацитетот на таа земја за извоз на нафта.
„Очекувам дека ќе преземеме акција против Иран во наредните денови“, рече Јелен на конференцијата во Вашингтон.
Според неа, масовниот ракетен напад на Иран врз Израел укажува на важноста од користењето на американските економски алатки, како знак на одговор „на малигната активност“ на таа земја.
„Од нападите извршени викендов до нападите на Хутите во Црвеното Море, акциите на Иран ја загрозуваат стабилноста на регионот и може да предизвикаат прелевање на „економска штета““, рече таа.
На 13 април, доцна во ноќта, Иран го нападна Израел со проектили и беспилотни летала како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Сирија на 1 април, што Техеран им го припишува на израелските сили.
Израел најави дека ќе одговори на иранскиот напад, додека светските лидери повикуваат на воздржаност од Израел, стравувајќи од спирала на насилство.
Зеленски потпиша нов закон за воена мобилизација во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 април го потпиша Законот за мобилизација, со кој се очекува да се реши проблемот со недостигот на војници во Украина, поради руската инвазија на земјата.
Станува збор за закон што беше усвоен од украинскиот Парламент на 11 април, а со кој ќе се регулира начинот на регрутирање на граѓаните, по неколкумесечно одложување и откако беа поднесени илјадници амандмани за да се ублажи првичниот нацрт, кој беше непопуларен.
Законот, меѓу другото, ги обврзува Украинците на возраст од 18 до 60 години да ги информираат воените власти за нивните лични податоци, па канцелариите за регрутирање полесно ќе можат да видат кој во кој регион може да се мобилизира.
Способните мажи со закон ќе бидат обврзани постојано да носат документ за регистрација издаден од нацрт-канцеларијата, додека на службените лица ќе им биде дозволено да го побараат документот на улица.
Иако пратениците ублажија некои одредби поврзани со затајување на воена служба, Законот дозволува казнување за затајување на службата.
Законот не предвидува никакво временско ограничување за отслужување на воениот рок, што значи дека војниците кои се борат од почетокот на инвазијата, односно од февруари 2022 година, се уште не знаат кога ќе бидат демобилизирани.
Поради воена состојба, на мажите на воена возраст им е забрането да одат во странство, но нема процедура за повикување на украински мажи кои се надвор од државата.
Сепак, новиот закон предвидува дека од Украинците на кои им требаат конзуларни услуги, како што е обновувањето на пасошот, може да се бара да достават документи за воена регистрација.
Путин го повика Блискиот Исток да се воздржи од нови конфликти
Рускиот претседател Владимир Путин ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од потези кои би предизвикале нов конфликт кој би имал катастрофални последици, објави Кремљ на 16 април, пренесува Ројтерс.
Путин, кој ги зајакна врските со Иран откако испрати руски војници во Украина во 2022 година, телефонски разговараше со иранскиот претседател Ебрахим Раиси за нападот на Иран врз Израел, кој Кремљ го нарече „одмазднички мерки“.
Доцна на 13 април, Иран лансираше беспилотни летала и проектили кон Израел како одмазда за израелскиот напад врз неговиот конзулат во Сирија на 1 април, во кој загинаа седум членови на Исламската револуционерна гарда, вклучително и двајца команданти.
Иран го смета Израел како одговорен за овој напад, кој, од друга страна, ниту ја потврди ниту негираше својата вмешаност во инцидентот.
Во својот прв јавен коментар за иранскиот напад врз Израел, Путин рече дека главната причина за моменталната нестабилност на Блискиот Исток е „нерешениот конфликт меѓу Палестинците и Израел“.
Кремљ соопшти дека Путин се надева дека сите страни ќе покажат воздржаност и ќе спречат нова рунда конфликти.
Раиси, како што се наведува во соопштението, рекол дека акциите на Иран се од ограничен карактер и дека „Техеран не е заинтересиран за натамошна ескалација на тензиите“.
Русија, која воспостави блиски врски со врховниот водач Али Хамнеи и арапските лидери како саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, постојано го критикуваше Западот дека ја игнорира потребата од независна палестинска држава во границите од 1967 година.
Путин и Раиси ги потврдија ставовите на Русија и Иран дека е потребен итен прекин на конфликтот во појасот Газа, како и решение за тешката хуманитарна ситуација и создавање услови за политичко и дипломатско решение на кризата.
Соединетите Американски Држави (САД) веруваат дека сè посилните партнерства меѓу Русија, Кина, Иран и Северна Кореја претставуваат еден од најопасните предизвици во последните четири децении.
Иран и достави на Русија голем број балистички ракети и беспилотни летала, кои Москва ги користеше во војната во Украина, која започна во февруари 2022 година.
Собранието на РС закажа седница за Изборниот закон и извештајот за Сребреница
Народното собрание на Република Српска (НСРС) ќе расправа за Предлог-изборниот закон на Република Српска на посебна седница закажана за четврток, 18 април.
Ова беше објавено по колегиумот на ентитетскиот Парламент во вторник, 16 април.
Нацрт-изборниот закон на РС, усвоен на крајот на март, предвидува дека ентитетската изборна комисија ќе ја преземе правната улога на државната Централна изборна комисија на БиХ во организирањето на локалните избори во тој ентитет, но и општи избори за претседател и потпретседатели на РС.
Од крајот на војната во 1995 година, ентитетите во БиХ никогаш немале јурисдикција за спроведување на изборите во земјата, ниту пак ентитетската јурисдикција над изборите е спомната во Уставот на БиХ.
Претставниците на меѓународната заедница работата на донесувањето на овој закон ја оценија како „директен напад врз државната структура на БиХ“.
И Централната изборна комисија претходно објави дека тие се единствените одговорни за одржување на изборите во Босна и Херцеговина.
Сите избори од донесувањето на Изборниот закон на БиХ во 2001 година до денес беа организирани од ЦИК, а изборите пред тоа беа организирани од Привремената изборна комисија, формирана со Дејтонскиот договор.
Локалните избори во БиХ, на кои се избираат градоначалници, шефови на општини и локални парламенти, се уште не се закажани, но законот предвидува тие да се одржат на 6 октомври.
Властите на РС ја започнаа процедурата за донесување на овој закон откако високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, кој не е признат од властите во РС, наметна технички измени во изборниот закон на БиХ, шест месеци пред локалните избори. закажана за октомври.
Меѓу другото, измените вклучуваат професионализација на избирачките одбори и биометриска идентификација на гласачите, како и други измени за намалување на можноста за изборни манипулации.
Пред пратениците и извештај со кој се негира геноцидот во Сребреница
На дневен ред на Парламентот на РС ќе биде и „извештајот на Независната меѓународна комисија за истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница од 1992 до 1995 година“, кој го формираше Владата на РС.
Овој извештај беше претставен на седницата на НСРС во јуни 2021 година, а во него, меѓу другото, беше наведено дека „геноцид не е извршен во Сребреница“.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од енклавата под заштита на Обединетите нации.
За овие злосторства, повеќе од 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор.
За законите за имунитет и референдум
На седницата треба да се најдат Предлог-законот за референдум и граѓанска иницијатива на РС и Предлог-законот за имунитет на Република Српска, кои во нацрт-форма беа усвоени во декември минатата година.
Предлог-законот за имунитет предвидува дека службениците во РС ќе бидат заштитени од непочитување на одлуките на високиот претставник. Во јуни, ентитетскиот парламент донесе закон според кој неговите одлуки нема да се применуваат во РС.
Инаку, одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина се конечни и обврзувачки.
Предлог-законот за референдум и граѓанска иницијатива, кој е предлог на владејачките партии предводени од СНСД, предвидува дека за успех на референдумот ќе биде потребно мнозинство гласачи, а не мнозинство од вкупниот број гласачи запишани во избирачкиот список, како што вели сегашниот закон.
Украински дронови уништиле радар во Русија, тврдат официјални лица од Киев
Беспилотните летала на Службата за безбедност на Украина (СБУ) уништиле воени радари во областа Брјанск во Русија, потврдил извор од украинската служба, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
„Радари вредни 100 милиони долари беа погодени од седум беспилотни летала“, изјави за (РСЕ) извор од СБУ кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека има потврда дека рускиот комплекс повеќе не е во функција.
Тој не прецизираше кога се случил наводниот напад, а информацијата не можеше да биде независно потврдена. Неодамна, Русија не спомна ниту обид за украински напад врз Брајанск.
Радарскиот комплекс „Небо-СВУ“ го надгледуваше небото на површина од околу 700 километри во Украина, нудејќи им на руските трупи подобра контрола за време на нападите и поддршка на бомбардери кои целат на украинска територија.
Руското Министерство за одбрана на 16 април објави дека руските сили „спречиле обид за напад на украинско беспилотно летало“, соборувајќи три над регионот Белгород.
Соочена со недостиг од системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција, украинската војска се повеќе прибегнува кон напади со беспилотни летала на руска територија, насочени кон воени инсталации и капацитети за преработка на нафта.
Болните и изнемоштени лица до полноќ можат да се пријават за гласање на претседателските избори
Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице), а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, посочуваат од Државната изборна комисија (ДИК).
Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.
„Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник)“, се посочува во Роковникот на институцијата.
Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април. Првиот круг за претседателските избори е на 24 април (среда).
Грмотевици и поплави во Пакистан - загинаа 39 лица
Во поројните дождови и грмотевици кои зафатија неколку делови на Пакистан загинаа 39 лица, а десетици беа повредени во изминатите неколку дена, соопштија локалните власти на 16 април.
Најпогодени се провинциите Хајбер Пахтунхва на северозапад, Пенџаб на исток и Балучистан на југозапад.
Главниот град на Белуџистан, Квета, прогласи „вонредна состојба од урбани поплави“, соопшти пакистанската агенција за управување со катастрофи.
Повеќето од жртвите се земјоделци кои биле погодени од гром додека вршеле теренска работа.
Поради обилните врнежи во 2022 година, во Пакистан се случија огромни поплави во кои загинаа 1.739 луѓе, а штетата беше проценета на 30 милијарди долари (28 милијарди евра).
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете