Достапни линкови

Неделен печат – ,,Таен пакт помеѓу Груевски и Георгиевски?"


Неделен печат
Неделен печат

Македонските неделници обработуваат тазлични теми, ,,Сега" се занимава со проектот Скопје 2014. ,,Глобус" објавува дека во декември се сретнале Никола Груевски и Љубчо Георгиевски и забележува промена на реториката на поранешниот премиер.

,,Сега" – Анализа за проектот Скопје 2014

,,Ова е беден галиматијас и српска традиција,, вели Борис Чипан, најстариот професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, во интервјуто во неделникот ,,Сега,, за проектот ,,Скопје 2014,,. Ова што е презентирано е ниту класицизам, ниту барок, ниту рококо, ниту пак академизам, смета тој. Неделникот потсетува дека Чипан е автор на зградата на МАНУ и конзерватор на црквите Света Софија во Охрид и Свети Пантелејмон во Нерези. Секоја власт сака зад себе да остави нешто по што ќе биде запаметена, но треба да се внимава да се направи нешто добро, заклучува професор Чипан во интервјуто за ,,Сега,,.

,,Глобус" – ,,Таен пакт помеѓу Груевски и Георгиевски?"

,,Таен пакт помеѓу Груевски и Георгиевски?!,,прашува и се чуди во насловот на статијата неделникот ,,Глобус,, објавувајќи дека поранешните сопартијци и блиски пријатели имале тајна средба во приватен стан во Скопје, некаде околу 15 декември минатата година. Повод за средбата била понудата, од Георгиевски на Груевски, аргументи и докази за ослободување од затвор на една висока личност која била дел од државниот естаблишмент во времето на Владата на Георгиевски. ,,Глобус,, пишува дека затоплувањето на односите го демантираат и Груевски и Георгиевски, но ако се проанализирале последните неколку настапи на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, неделникот забележува драстична промена на реториката на Георгиевски во неговите оценки на политиката на Груевски.

,,Фокус" – Името на државата да се одвои од името на нацијата

Од неделникот ,,Фокус,, се определивме за интервјуто со д-р Јованка Кепеска, универзитетски професор во пензија, која во последниве неколку години интензивно ги истражува причините, последиците и можните решенија во врска со оспорувањето на името на Република Македонија од страна на Грција. Ако дојде до не-фер решение за ова, тоа ќе биде затоа што немало доволно способности од наша страна за принципиелно решение на спорот за името, македонскиот идентитет и македонскиот јазик, смета проф. Кепеска. Таа го застапува ставот дека треба исклучително да се внимава да не се подлегне на опасноста националните институции на Република Македонија да бидат именувани со додавката Северна Република Македонија, по инерција во меѓународната комуникација таа формално да се наведува покрај нашето уставно име, а токму тоа е патот да се задуши македонскиот идентитет и тој полека да се трансформира во северно-македонски. Во решението мора да се инсистира да се одвои името на државата од името на нацијата, заклучува професор Кепеска во ,,Фокус,,.

,,Форум" – Интелектуаците и академската јавност во Грција толерантни по прашањето за името?


Речиси на истава тема, ,,Форум,, објавува разговор со Кристина Кулури, професор на Универзитетот Пелопонез во Грција. Авторот на интервјуто вели дека таа е меѓу оние грчки интелектуалци кои не се плашат да зборуваат за македонско-грчките односи, но само од историски аспект. Кулури смета дека прашањето за името не може да се игнорира, но дека тоа е главно политичко, а не историско прашање. Професор Кулури изјавува дека интелектуалците и академската јавност во Грција се многу толерантни и дека повеќето грчки медиуми имале избалансиран став по прашањето, а дека екстремистичкитре ставови главно доаѓале од крајната десница.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG