Достапни линкови

Шанса за пласман на ЕП во фудбал?


Арената Филип 2 во Скопје
Арената Филип 2 во Скопје

Жребката во Варшава не смести во групата Б, каде што се и националните тимови на Русија, Словачка, Република Ирска, Ерменија и Андора. Селекции кои ни се познати од претходните циклуси, во кои, единствено бевме инфериорни на дуелите со Русија. Токму поради тоа, и меѓу репрезентативците владее убеденост дека конечно е дојден моментот за пласман во баражот

Добивме неатрактивни противници, но затоа имаме група во која можеме да се надигруваме и да постигнеме најдобар пласман досега. Ова е мислењето на најголем дел од македонските фудбалски работници, по дознавањето на ривалите во квалификациите за ЕП кое по две години ќе се одржи во Полска и Украина. Жребката во Варшава не смести во групата Б, каде што се и националните тимови на Русија, Словачка, Република Ирска, Ерменија и Андора. Селекции кои ни се познати од претходните циклуси, во кои, единствено бевме инфериорни на дуелите со Русија. Токму поради тоа, и меѓу репрезентативците владее убеденост дека конечно е дојден моментот и за атак на второто место во групата, односно за пласман во баражот. Сепак, има и такви кои размислуваат потрезвено. Еден од нив е поранешниот селектор Ѓоре Јовановски.

„Не треба да бидеме еуфорични. Оваа група, како што е, ако го освоиме третото место за нас ќе биде огромен успех. Гледајќи колку се вложува во нашиот фудбал, дали тоа е младински, аматерски, професионален, не треба ништо да очекуваме. Значи, да освоиме едно место погоре од она што сме го освојувале ќе биде голем чекор напред.“

изјави Јовановски, кој не се сомнева дека имаме сили за барем еден чекор напред. Но, за такво нешто, пред се ќе треба да се освојат сите бодови во дуелите со репрезентациите од кои имаме подобар рејтинг. Токму поради киксовите на тие средби, во изминатите квалификациски циклуси немавме подобар пласман од за нас загарантираното четврто место. Според Јовановски тоа сега мора да се надмине, а најголем адут за остварување на таа цел ќе ни биде искуството на актуелниот состав.

„Мислам дека репрезентацијата како што е сега е созреана и има големо искуство пред овие квалификации.“

додаде Јовановски.

Слично размислуваат и љубителите на спортот, за кои не е недостижно ниту местото кое води во баражот за пласман на собирот на најдобрите европски селекции. Но, под услов да се даде максимумот на теренот.

„Ако се игра како што треба, ако има тимска работа, ако се даде се од себе мислам дека ќе се постигне нешто, очекувам второ трето место.“
„Треба да бидеме оптимисти.“
„Ако се игра тимски се може.“
„Не е чудно да изненадиме и да бидеме, ако не први, втори сигурно.“

рекоа анкетираните граѓани.
XS
SM
MD
LG