Достапни линкови

Климатските промени во Битола донесоа температури карактеристични за екваторијалниот дел на планетата, велат битолските екологисти. Во градот под Пелистер веќе ги нема поларните зими со многу врнежи на снег и екстремно ниски температури.

На сметка на тоа, летата стануваат се подолги и пожешки, а живата во термометарот се искачува над 40-от степен, вели Нешат Аземовски, претседател на еколошкото здружение „Биосфера“.

„Сведоци сме дека во последните дестина години во непосредната околина на Битола и во самиот град се помало е количеството на снежни врнежи, а порано имавме до половина метар снег. Тоа беа многу ниски температури и Битола беше означена како најужна точка на северниот пол. Меѓутоа она што последните години се случува Битола со температурите од плус 40 степени на лето станува најсеверната точка на Сахара, односно температури карактеристични за екваторијалниот дел на планетата земја,“

вели Аземовски.

Од „Биосфера“ посочуваат дека изместени се границите на годишните времиња, а есента и пролетта скоро ги изгубивме.

„Последните десетина години има поместување на годишните времиња. Она на што ние се сеќаваме четири годишни времиња, со благ премин од топлите кон ладните периоди и обратно, сега веќе не постои. Имаме екстремно топол и екстремно ладен период. Во суштина пролет и есен не постојат повеќе. Имаме дождлив период во лето, го немаме класичното лето, имаме зимски период од ноември до крајот јануари, февруари кога нема снег или ќе има само еден или два денови на снежни врнежи, понатаму имаме пролет со летни температури, се е некако измешано и проблематично,“

додава Аземовски.

Ваквите климатски промени освен на здравјето на луѓето кои тешко можат да се прилагодат на наглите временски промени, ќе влијае и врз биодиверизтетот.

„Ќе бидеме интересни за некои нови видови инсекти, птици, водоземци, некарактеристични за ова подрачје, туку за тропските предели. Тоа се мароканските скакулци кои најверојатно ќе ги имаме во следните десет години. Тие се многу поопасни и поштетни од сегашните скакулци.“

На удар е и земјоделието. Многу култури во Пелагонија се изгубени. Никогаш во истотријата не се случило во октомври да наврнат 200 литри дожд на квадратен метар, како што беше случај минатата година. Од планираното само 30 проценти се посеа есента во добри услови, а 70 проценти беше посеано надвор од сеидбениот календар. Ова е аларм дека агрономите треба да се позанимаваат со избор на земјоделски култури кои ќе бидат поиздржливи на сегашните временски прогоди зашто според проценките во последните години приносите се намалени дури за 30 проценти.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG