Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Анализи за опозициониот фронт


Македонски весници

Македонски весници

Содржините на македонските неделници изминатава недела главно се посветени на формирањето на опозициониот фронт по иницијатива на СДСМ. Неделникот ,,Фокус" донесува наслов поставувајќи прашање ,,Кој е помалку опасен за Македонија - партизаните на Црвенковски или удбашите на Груевски?"

Во насловот на опширната анализа на домашната политичка сцена по формирањето на опозицискиот фронт по иницијатива на СДСМ, неделникот ,,Фокус,, го поставува прашањето ,,Кој е помалку опасен за Македонија – партизаните на Црвенковски или удбашите на Груевски?,,. Споредбите не одат во прилог на власта, одговара неделникот, па, во свој стил констатира дека Црвенковски, Петковски и Андов, и покрај целиот свој мрачен транзициски багаж, ако се има предвид каде треба да се движи Македонија во 2010-та, за Груевски, Ѕинго и Поповска се Гордон Браун, Ангела Меркел и Никола Саркози! А фронтот најмногу треба да се сфати како порака до народот, до исплашените, излажани и осиромашени граѓани, до летаргизираните медиуми кои, како што пишува, ги полнеа своите мешиња од дарежливиот буџет на пропагандистичката влада, до фирмите кои стенкаат под казнената политика на Груевски, до олигарсите кои и натаму се заплашувани и рекетирани, до граѓанските здруженија … дека доаѓа часот кога борбата за иднината на Македонија ќе мора да се води пожестоко, заклучува ,,Фокус,,. ,,Форум,, исто така се занимава со антивладината коалиција, но во едиторијалот со наслов ,,Носталгична иднина,, констатира дека Црвенковски не можел да го победи Груевски со маргиналци и со историја – туку со визија и со иднина. ,,Левицата не може вечно да се вози на носталгија по некои поарни времиња кога сите земаа К-15 и синдикални полутки,, пишува ,,Форум,, забележувајќи дека не е јасно дали, на пример, Титовите леви сили и Угриновски ќе му донесат политички профит или поголем зијан на Црвенковски кој им дава легитимитет на значаен политички фактор со тоа што ги зема за свој политички сојузник. Во уводникот-пресек на настаните во изминатата недела, ,,Сега,, ја исфрла тезата дека во сценариото за соборување на Груевски и за формирање ,,техничка влада,, освен некои второкласни политичари, изгледа се вмешани еден сопственик на телевизија и еден моќен македонски бизнисмен, кој, според неделникот, исто така имал амбиции и во медиумскиот бизнис и во политиката. Алудирајќи на не докрај отворено искажаното противставување, неделникот смета дека ,,секој што денес се огласува за опозиционер треба јасно да се постави во однос на политиката на владата на Груевски,, заклучува ,,Сега,,. ,,Глобус,, објавува интервју со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски во кое тој, главно, го анализара владеењето на Груевски и дали, евентуално, би се создале услови за негово повлекување. Георгиевски смета дека единствена причина за повлекување на Груевски би била доколку меѓународниот притисок за решавање на спорот за името стане неподнослив, плус оној од коалициониот партнер во власта, ДУИ, бидејќи моменталната политичка сцена во Македонија не препорачува повлекување на премиерот поради тоа што постои разбиена и неорганизирана опозиција, максимално владејачко мнозинство во Собранието и поволен рејтинг во јавноста, заклучува Георгиевски.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG