Достапни линкови

Музичка претстава ,,10 песни за Марија“


Панорамски поглед на Скопје

Панорамски поглед на Скопје

10 песни за Марија е насловен театарскиот проект што како копродукција помеѓу Македонскиот народен театар и Нојкелнер опер од Берлин започна да се подготвува во нашата национална куќа. Оваа музичка претстава се работи според драмата Празен град на Дејан Дуковски.

Комбинација од современа музика, театар, сонгови и танц е новиот копродукциски проект 10 песни за Марија, што Македонскиот народен театар почна да го работи заедно со берлинскиот Нојкелнер опер. Како основа за овој музички театар е земена драмата Празен град на македонскиот драматург Дејан Дуковски која сеуште е на репертоарот на нашата национална куќа, режисер ќе биде Санди Лопичиќ, а соработката е подржана од Гете институтот во Скопје.

,,Она што се случуваше овде како констелација беше токму спојување на музиката со театарот, со овој проект ја отвараме и таа фаза во МНТ, едно свртување кон музиката и се надевам дека и после овој проект ќе има режисери кои ќе го продоложат ова.„
Она што се случуваше овде како констелација беше токму спојување на музиката со театарот, со овој проект ја отвараме и таа фаза во МНТ, едно свртување кон музиката и се надевам дека и после овој проект ќе има режисери кои ќе го продоложат ова

вели Сашо Миленковски, директор на МНТ. Од своја страна, Берхнард Глоксин, уметничкиот директор на Нојкелнер опер, истакнува дека сакале да направат претстава со значајна театарска група од Балканот и дека притоа ги одбрале Дуковски кој е познат во Германија и Лопичиќ кој подолго време работи во тој дел од Европа.

,,Опен оп е прв фестивал за европски театар во мал формат кој секогаш трага по нови и актуелни приказни. Имавме претстави од Естонија, Белгија, Холандија, Чешка, но досега немавме театарска трупа од Балканот, кој нас не интересира како значаен дел од Европа. Затоа решивме да создадеме приказна со МНТ, која ќе се вклопи во концептот на нашиот фестивал.„

Драматургот Дејан Дуковски, пак, откако ќе наведе дека со Лопичиќ подолго време се подготвувале за проектот само кратко ќе забележи:

,,За мене ќе биде исто така едно ново искуство, во моментов работиме на концерт и сонгови.„

Улогите во овој проект ќе ги толкуваат актерите Сенко Велинов, Горазд Цветковски и Јелена Јованова, на сцената ќе бидат и авторите на музиката Џијан Емин и Геоги Шаревски со своите придружници, а режисерот Санди Лопичиќ, кој и самиот е музичар, подвлекува дека во случајот не станува збор за мјузикл и дека звуковноста во претставата сакал да ја фокусира некаде помеѓу Германија и Балканот.

,,Ние во почетокот ќе се трудиме да се држиме до текстот на Празен град и потоа ќе се обидеме да раскажеме една нова приказна со помош музиката, емоциите, електричните гитари... Всушност ќе трагаме по заедничка енергија.„

Премиерата на копродукцијата 10 песни за Марија е планирано да се случи на 8 април на отворањето на фестивалот Опен оп, кој во организација на Нојкелнер опер до 18-ти истиот месец ќе се одржи во еден од највиталните мултикултурни делови на Берлин.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG