Достапни линкови

Македонски искуства од крводарителството пренесени во Албанија


Крводарителска акција

Крводарителска акција

Дебарската општинска организација на Црвениот Крст во рамките на меѓуграничната соработка со албанската општинска организација на Црвениот Крст од градот Пешкопеја, започна да ги пренесува искуствата од Македонија за начинот на зголемување на бројот на доброволните крводарители.

Над 20-тина крводарители членови на општинската организација на Црвениот крст од Дебар даруваа крв во пограничниот град Пешкопеја. Во Република Албанија многу е мал бројот на оние кои доброволно даруваат крв и во најголем дел најдрагоцената течност се собира со наплата или пак од членови на семејство на лице во потреба за крв вели секретарката на Црвениот крст на Пешкопеја Кимете Елези.
Самиот факт што во текот на 2009 година кај нас се регистрирани само 22 случаи на доброволно дарување на крв, говори дека сме на почетокот на доброволноста во оваа сфера


,,Самиот факт што во текот на 2009 година кај нас се регистрирани само 22 случаи на доброволно дарување на крв, говори дека сме на почетокот на доброволноста во оваа сфера. Искуствата што ги има масовното доброволно крводарување во Дебар се поттикнувачки за нас."

истакнува Елези. Секретарот на општинската организација на Црвениот Крст на Дебар, Исни Телкиу, истакнува дека оваа соработка, која е дел од соработката на Црвениот крст на Македонија и Црвениот крст на Албанија, има меѓуграничен карактер, а целта е да се пренесат искуствата во крводарувањето.

,,Оваа акција се реализира врз основа на потпишан Меморандум за соработка на двете општински организации на Црвениот Крст на Дебар и Пешкопеја. Наша оценка е дека нашите искуства ќе помогнат во подобрувањето на состојбата со доброволното дарување на крв во соседнава општина Пешкопеја. Ние се обидуваме со нашите искуства да помогнеме да се зголеми бројот на доброволните крводарители во споредба со семејното крводарување или пак дарувањето на крв со наплата,,.
Наша оценка е дека нашите искуства ќе помогнат во подобрувањето на состојбата со доброволното дарување на крв во соседнава општина Пешкопеја


Вели Телкиу. Во крводарителната акција во Пешкопеја дебарчанецот Шкељим Попината даруваше крв по 81 пат. Тој на средбата со крводарителите од албанскиот пограничен град ја нагласи потребата од зголемување на бројот на доброволните крводарители.

,,Овде дознавме дека има малку добороволци за дарување на крв и сметам дека треба да се работи особено со младите за да се подобри состојбата со доброволното крводарување."

И додека во општинската организација на Црвениот Крст на Пешкопеја во 2009 година се регистрирани 22 случаи на доброволно крводарување, во Дебар лани се собрани 840 единици крв од доброволни крводарители, што е над 18 насто повеќе од годишниот план.
  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG