Достапни линкови

Неделен печат – ,,Латас врза јамка околу вратот на Груевски"


Дел од македонските неделници во ударните текстови ја анализираат веста дека новинарот Драган Павловиќ Латас бил српски шпион. ,,Глобус" обелоденува документи за непотизам во министерството за одбрана, а ,,Форум" ја анализира моменталната состојба во Македонија и опкружувањето

,,Тешко на Македонија, ако човекот кој ги дрмаше и Бранко и Бучко и Љупчо и Грујо, навистина бил српски шпион!,, е насловот на главниот текст во ,,Фокус,, во кој детално се опишуваат врските на новинарот Латас со сите политички гарнитури во земјава од нејзиното осамостојување до денес, како рефлексија на топ темата со која деновиве се занимаваат јавноста и медиумите. Фактот што на тешките обвинувања новинарот успеа во речиси истиот ден да демантира, да најави тужби за клевета, да има целовечерен монолог во емисијата ,,Јади бурек,, и со светлосна брзина да извади ,,тапија,, од МВР дека е чист, го инспирира ,,Фокус,, на насловната страница да констатира дека, цитирам, ,,Латас ја врза јамката околу вратот на Груевски,,.

Неделникот ,,Сега,, исто така се занимава со приказната за Латас, потсетувајќи на петте факти што јавноста ги дозна од неговиот настап во емисијата ,,Јади бурек,,: прво, дека дека експресно од министерката Јанкуловска добил документ дека не е соработник на странски разузнавачки служби, што е за изненадување, пишува ,,Сега,, ако се знае дека само за лична карта, на пример, граѓаните чекаат и по неколку месеци; второ, дека Латас, кој, инаку, се' дознава, не знае кој му го ,,сместил,, ова, па смета дека е жртва на своевиден заговор против него; трето, просто неверојатно звучи признанието дека новинарот е личен пријател со Груевски, по што премиерот, пишува неделникот, нема да може да ги убедува дипломатите, но и луѓето од својата партија дека тој и Латас немале никаква врска; четврто, Латас во емисијата јавно соопшти дека од Сител и од ,,Вечер,, вкупно има плата од 4 илјади евра што е за вчудовидување и петто – се виде дека Латас е исплашен, и тоа многу. ,,Сега,, по ова заклучува дека новинарот е исплашен, затоа што, најверојатно, има уште работи за него кои допрва ќе се откриваат.

Глобус: ,,Со мама и тато во НАТО"

Во статијата со наслов ,, Со мама и тато во НАТО,, ,,Глобус,, обелоденува документи од кои, според имиња и презимиња, се гледа дека во ,,министерството за одбрана на фамилијарните интереси,, како што пишува иронично на насловната, проработела некаква битолско-пробиштипска линија, дека се шири невиден непотизам и дека родители им делат плати на свои деца, други роднини и на пријатели. И дека сите тие, вработени преку агенцијата за времени вработувања ,,Проспект,, немале бруто плата под 30 илјади денари. ,,Глобус,, прашува дали причините за некои состојби во Одбрана треба да се лоцираат токму во бројните примери на непотизам кои и доведуваат до состојба да се фризираат резултати, да се фингираат успеси, да се премолчуваат ситуации…

Форум: ,,Тегла"

Во уводникот со наслов,,Тегла,, во најновиот број на ,,Форум,, се анализира моменталната ситуација на Македонија во опкружувањето, метафорично претставена како состојба во тегла со ајвар, покриена одозгора и со две потенцијално кризни подрачја: Косово и Босна и Херцеговина. Авторот на текстот алудира на тоа дека доколку Македонија продолжи да инсистира да стави етикета на теглата, односно да се бори за потврда на само еден елемент од идентитетот –името, а притоа да остане надвор од евроатлантските интеграции, плус притисната и од другите три соседни држави, кои можат да се ,,досетат,, да и 'испорачаат свои ,,видувања,, на добрососедските односи, кои се еден од условите за евроатлантските интеграции, може да ја изгубиме дури државата, без која, пак, нема создавање културни, економски, политички и безбедносни вредности, кои денес стојат во подлогата, имено, на македонскиот идентитет.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG