Достапни линкови

Премиера на ,,Печалбари" во режија на Пројковски


Куманово

Куманово

Утревечер и во сабота, на сцената на Кумановскиот театар, премиерно ќе биде изведено новото читање на македонската битова драма Печалбари од Антон Панов, во адаптација и режија на Дејан Пројковски.

По минатогодишните поставки на Р од Јордан Плевнеш во Градскиот театар Скопје, Бегалка од Васил Иљоски во Штипскиот театар, Браќа Карамазови во Битолскиот театар и Последниот ден на Мисирков, повторно од Плевнеш во театарот Антон Панов во Струмица, режисерот Дејан Пројковски еве го со нов проект. Тој за сцената на Кумановскиот театар ја адаптира Печалбари на Антон Панов. Пројковски за своето видување на оваа битова драма забележува дека тое е обид да се направи една нова деконструкција на познатиот текст и дека се занимава со прашањето зошто Македонецот има потреба да го напушти сопствениот универзум, сопствениот простор и својата среќа и зошто секогаш таму некаде е местото каде што е подобро или вистинското место за живеење.
,,Печалбари" според мене е текст кој што веќе е дел од колектвината меморија на Македонецот и за нас беше предизвик едно дело кое што дел од таа колективна меморија, да се обидиме да го прераскажеме на еден нов современ сценски јазик кој што комуницира со публиката денес


,,Печалбари" според мене е текст кој што веќе е дел од колектвината меморија на Македонецот и за нас беше предизвик едно дело кое што дел од таа колективна меморија, да се обидиме да го прераскажеме на еден нов современ сценски јазик кој што комуницира со публиката денес."

ќе рече Пројковски.
Во Печалбари играат актерите Горан Илиќ, Дубравка Киселички, Сања Арсовска, Кети Дончевска Илиќ, Драгиша Димитриевски, Димитрија Доксевски и Ивица Димитриевиќ, кој за своето толкување на ликот на Костадин ќе забележи:

,,Костадин во оваа претстава се обидува да промени нешто, да остане тука, да остане со двете нозе во својот простор, во својот дом и да проба да ги измени некои работи. Доволно беше одење од оваа држава, од овој простор... Мислам дека треба да се погледнеме тука околу себе, да погледнеме во себе, да видиме тука како е, и ако сакаме нешто да промениме да почнеме тука од нас."

И, на Печалбари Пројковски соработува со стандардната екипа на уметници, па така сценографијата е на Владо Ѓорески, костимите на Благој Мицевски, а музиката ја потпишува Горан Трајковски.

,,Новитет во оваа наша соработка со Дејан е тоа што за прв пат успеавме да организираме да музиката оди комплектно во живо, односно ја свири еден мал оркестар поточно трио составено од хармоника, кларинет и пијано."

Во изведбата учествуваат и музичарите Филип Стамевски, Игор Зотиќ и Сашо Темелковски, претставата заради специфичната поставка ќе можат да ја следат само 90 посетители во една вечер, а следните изведби се закажани за 28 и 29 јануари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG