Достапни линкови

Голем број жртви во силниот земјотрес на Хаити


Се страхува дека во земјотресот кој бил со сила од 7 степени според Рихтеровата скала имало стотици загинати. Во меѓувреме, започна акцијата на меѓународната заедница за помош на Хаити.

Епицентарот на земјотресот бил на дваесетина километри од главниот град Порт о Пренс и предизвикал сериозни штети на многу згради и објекти, меѓу нив и на претседателската палата, седиштето на мировната мисија на Обединетите нации и канцеларијата на Светска банка во земјата. Според некои новински агенции, кои се повикуваат на изјави на очевидци, главниот град бил под урнатини. Се страхува дека под нив имало голем број загинати и ранети. Спасувачките екипи ја започнаа потрага по преживеани, додека илјадници луѓе се уплашени од можноста да останат без домови поради големите штети што ги предизвика земјотресот. Дел од оние што беа на аеродромот во Порто о Пренс кога се случи земјотресот по нивното пристигнување во Мајами на Флорида за Ројтерс изјавија:

,,Јас веќе бев таму, на излезот, подготвен да се качам на авион, во внатрешноста на зградата. Кога тоа се случи, почна зградата да се тресе и урива, а луѓето бегаа во паника.,,

Изјави Џозеф Монпеље, а Хуан Чарлс пак додава:

,,Кога тоа се случи, сите си ја вршеа нивната нормална работа, а потоа, одеднаш, слушнавме бучава. Помислив дека е слетување на некој авион. И тогаш, одеднаш, сè почна да се распаѓа. Воопшто немаше место за криење. Луѓето почнаа да плачат.,,

Соединетите Држави, Франција, Канада, владите во Латинска Америка и хуманитарните агенции почнаа да испраќаат експерти за катастрофи и хуманитарна помош на островот.

Американскиот претседател Барак Обама, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, се молел за луѓето на Хаити и ја изразил подготвеноста на Соединетите држави да и помогнат на земјата. Тоа го повтори и американскиот државен секретар Хилари Клинтон која престојува на Хаваите.

,,Соединетите држави нудат целосна поддршка за Хаити и за другите во регионот. Ќе обезбедиме хуманитарна помош во справувањето и со цивилната и со воената катстрофа во таа земја.,,

Изјави Клинтон. Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот бил проследен со два помали потреси од околу 5 ипол степени според Рихтер. На Хаити живеат околу девет милиони луѓе и таа е најсиромашна земја на Западната хемисфера. Хаити го делат островот со Доминиканската Република.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG