Достапни линкови

Димитар Поп Стефанија успешен едриличар од Охрид


Охридско Езеро

Охридско Езеро

Четиринаесет годишниот Димитар Поп-Стефанија од Охрид, кој од најмала возраст плива и едри досега има освоено 20 медаљи и 6 пехари за успесите во едрењето, учествувал на многу домашни и меѓународни едриличарски регати, а пред две години беше прогласен за најуспешен едриличар во Македонија.

Според познавачите на приликите Димитар сега е најуспешниот млад Охриѓанец во водените спортови на Охридското Езеро.
Почнав да пливам на пет години на Сараиште, каде обуки за едрење држеа еден повозрасен едриличар и татко ми, и така почнав да едрам на шест години. Тука е Охридското Езеро, пред мојата куќа имаме кајче и го зедовме кајчето, јас влегов прв пат во едрлица и едревме на многу силен ветер, ми стана интересно и почнав да се занимавам со овој спорт

„Почнав да пливам на пет години на Сараиште, каде обуки за едрење држеа еден повозрасен едриличар и татко ми, и така почнав да едрам на шест години. Тука е Охридското Езеро, пред мојата куќа имаме кајче и го зедовме кајчето, јас влегов прв пат во едрлица и едревме на многу силен ветер, ми стана интересно и почнав да се занимавам со овој спорт“

вели Димитар кој е роден и порастен на езеро, во семејство каде едрењето е традиција, со татко првак кај ветераните, Димитар со уште педесеттина деца едри и тренира во Едриличарскиот клуб "Стрмец" во Охрид. Тој на копно ги вежба правилата за едрење, а речиси секој ден е во водите на Охридското Езеро каде се бори со ветрот и едрилицата, со која плови во сите годишни времиња, дури и кога е студено во зима, облечен во посебна опрема.

„Јас во едриличарскиот клуб сум веќе осум години, се подготвувам со тренерот Стефчо Ставрев.На лето едрам седум дена во неделата, или шест некогаш. Се подготвуваме за натпревари во државата и меѓународни регати.Тука е добро,имам и пријатели и клубот ми е како втор дом. Јас имам моја приватна едрилица и имам и моја опрема.Секој мора да има своја опрема ако сака да е во овој спорт,“

вели Димитар кој има учествувано на шест Илинденски едриличарски регати во Охрид, каде има освоено шест медаљи, најдобар е во генерален пласман во класата оптимист, едрел на меѓународни регати во Бугарија, Србија, Хрватска,на Светското првенство во Турција, Европското во Словенија, на Балканијадите во Романија и Грција, од каде се враќал со медаљи и многу нови пријатели. Кои се згодите и незгодите во овој спорт?

„Кога едрам со мојата едрилица, што е мала едрилица, на јак ветер ако не е доволно стабилизирана, таа може да се преврти и потоа треба веднаш да реагирам за ја вратам, и да ја испразнам. Има случаи кога при превртување можеш да се најдеш под едрилицата, тогаш се вади појасот, за што треба знаење за гнурење,за да излезеш од под едрилица,да ја вратиш и да продолжиш“

вели Димитар, успешен едриличар кој го завршува основното училиште, каде најмногу го сака предметот физичко, има време за другарување и забава, сака да стане тренер по едрење и вели дека овој спорт секогаш ќе му биде хоби.

„Дури можам јас би сакал да сум во едрилица. Не осум, туку осумдесет,ако можам.“

посакува Димитар Поп-Стефанија, младата гордост на Охридското едрење, кој со помош на клубот,федерацијата и неговото семејство израсна во исклучително талентиран и успешен едриличар.Со желба ветрот секогаш поволно да дува и да му ги полни едрата во пловењето низ брановите, светот и животот, се надеваме дека и државата и градот ќе покажат поголем интерес и слух за стимулирање на талентот на Димитар,како еден од нашите најдобри спортски амбасадори во светот.
XS
SM
MD
LG