Достапни линкови

Дебар – Градски советници бараат превод на македонски


Дел од советниците Македонци во општина Дебар се жалат на несоодветниот предвод за време на седниците на Советот на општината. Раководството на локалната власт оценува дека проблемите со преводот се од технички карактер и дека нема друга позадина.

Дел од советниците во општина Дебар подолг период бара соодветен но и синхронизиран превод на седниците од албански на македонски јазик. Проблемот е актуелен и сега, но и во минатите мандати, пред се поради тоа што нема соодветна техника за превод, за која на неколку пати расправаше и минатиот состав на Советот, но и овој актуелниот, оцени дека е неопходна потреба.
Преводот не се реализира на соодветен начин. Преведувачот се труди да ни го долови она што се говори, но ние не можеме да ја разбереме суштината на таквиот превод


,,Преводот не се реализира на соодветен начин. Преведувачот се труди да ни го долови она што се говори, но ние не можеме да ја разбереме суштината на таквиот превод“,

вели советникот на СДСМ во Советот на Дебар Шанија Ајровски. Тој додава дека нема синхронизиран превод, се преведуваат само делови од она што се говори и се нема реален превод на говорот. Нема ниту техника за превод, подвлекува Ајровски.

Слична е и оценката на советникот на ВМРО ДПМНЕ Фатмир Имеровски:

,,Ние сме изгубени во преводот. Сеуште нема техника , наводно има напори да се реши проблемот со преводот. И во изминатиот состав но и во овој состав на советот е барано повеќе пати да се овозможи обезбедување на техника и соодветен превод. Барањето е упатено уште во 2006 година,“

вели советникот Имеровски. Според Имеровски советниците без разлика на новната партиска и етничка припадност, секогаш се ангажираа да се обезбеди техника за превод.

Последните информации говорат дека со помош на ЗЕЛС, техниката за превод е обезбедена, но сега проблем е просторијата на локалната власт , бидејќи моментално седниците на Советот се одржуваат во други институции, зашто новиот објект на локалната самоуправа сеуште е во градба.

Техниката за превод е обезбедена преку ЗЕЛС и очекуваме истата да се постави во новиот објект на општината за два месеци , вели претседателот на советот на Дебар Низамедин Папранику .

Инаку раководството на локалната власт во Дебар ја изнесува оценката дека проблемите со преводот се од технички карактер и тој нема друга позадина, бидејќи во дебар локалната власт постојано ги спроведува законските норми кога е во прашање почитувањето на двојазичноста .

Невладиниот сектор имајќи во предвид дека Дебар е општина со мултиетнички карактер има реализирано бројни проекти околу потребата од почитување на рамноправноста на јазиците кои се говорат во оваа општина .
  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG