Достапни линкови

Првенствено - консензус за името


Консензус наместо препукувања?
Консензус наместо препукувања?

Можни ли се внатрепартиски промени во владеачката коалиција и престуктуирање на опозицијата? За некои експерти тоа се очекува во следниве 6 месеци. За други, пак она што следи е притисок за поголем партиски дијалог со цел консензус за решавање на спорот со Грција околу името


Експертите се поделени околу прашањето дали може да се очекува внатрепартиски промени во владеачката коалиција и престуктуирање на опозицијата. Нивните коментари следуваат по последните случувања на политичка сцена односно по неодамнешното преминување на градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски од ЛДП во СДСМ, препукувањата меѓу партнерите во Владата, заострените изјави на албанските политичари дадени на партиски конгеси. Дел од експертите сметаа дека во наредниов период може да се очекува зголемена тензија на меѓуетнички план. Политикологот Алберт Муслиу вели дека во наредниве 6 месеци може да се очекуваат партиски промени.

„Не само со преструктуирањето на ДУИ, туку и со говорите коишто се одржаа на нивниот конгрес, сериозно може да се очекува дека комоцијата која владеачката партија ја имаше од ДУИ во изминатиот период ќе се намалува и дека ДУИ сега е спремна на сите чекори, а по мое мислење дури и за напуштање на владата, што, пак, за мене не отвора можности за бројчано прерструктуирање на власта туку евентуално би водело кон предвремени избори“

Аналитичарот Владимир Божиновски има поинакво мислење.


„Не очекувам некои поголеми поместувања во однос на групирања внатре во партиите и меѓупартиски коалицирања. Очекувам да се воспоставам поинтензивни дијалози за изнаоѓање на заеднички став околу спорот со името. Идната година не би требало да е изборна“

И двајцата експерти очекуваат СДСМ да продолжи да бара партнери за да ја ојакне опозицијата. Божиновски смета дека јазот меѓу ЛДП и СДСМ е продлабочен заради преминот на Стевче Јакимовски. Муслиу вели дека опозицијата во наредниот период ќе има поагресивен настап со тенденција да и ги разниша позициите на власта.И двајцата се согласуваат дека наредните шест месеци ќе бидат многу важни на политички план. Експертите се надеваат дека политичарите помалку ќе се занимаваат со меѓупартиски препукувања, туку ќе се посветат на стратешките прашања и ќе гоискористат шпанското преседавање со Унијата за да може земјата да добие датум за почеток на преговори.Тие велат дека нареден чекор на политичарите во 2010 та треба да биде носење на консензус за решавање на спорот со Грција.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG