Достапни линкови

Неџат Јакупи, министер за животна средина


Неџат Јакупи, министер за животна средина

Неџат Јакупи, министер за животна средина

Република Македонија ги следи ставовите на ЕУ генерално во борбата против климатските промени, а и во сите други сфери. Во моментов нема големи пречекорувања на максимално дозволените количини на загадување на воздухот

Деновиве беше актуелен самитот во Копенхаген. Какви обврски има Македонија во областа на климатските промени?

Република Македонија ги следи ставовите на ЕУ генерално во борбата против климатските промени, а и во сите други сфери. Со постојниот статус кој го имаме, до сега немавме конкректни директни обврски за емисија на јаглерод диоксид. Но, сега како земја со кандидатски статус и земја која е во исчекување на датумот за преговори и кои обврски ќе бидат во процесот на преговорите определени за Република Македонија како идна земја членка со полноправен статус, ние нашиот став го градиме во однос на ставот на ЕУ.

Колку можеме да кажеме дека кај нас има примена на европските директиви за квалитет на воздухот во однос на „Окта“ и „Цементарница“?

Според нашите мерења, значи во различни периоди на годината има различни нивоа, но во моментов нема големи пречекорувања на максимално дозволените количини. Секако дека еден голем дел од загадувањето за Скопје е од сообраќајот, од автомобилите и во зимскиот период го надополнува и „Топлификација“ и други фактори и самата местоположба на Скопје, меѓутоа тоа важи генерално и за целата држава. Ние не можеме да кажеме дека има огромни пречекорувања на емисиите иако ние 24 часа вршиме надзор и при евентуални констатации постапуваме во согласност со законот.

Но, експертите алармираат дека нашите станици не ги мерат компонентите за квалитет на воздух како приоритетните полутанти коишто се многу поопасни материи, туку дека ги мерат само гасовите како јаглерод диоксид и фреон кои го создаваат ефектот на стаклена градина. Истите посочуваат дека поопасните материи се испитуваат во лабораториски услови?

Не, тие се констатираат во акредитираните лаборатории, меѓутоа секоја мониторинг станица, освен основните параметри има и дополнителни, онака како што е потребно по емисиите коишто ги вршат одредени инсталации. На пример, во мониторинг станицата кај „Окта“ има инсталации и за бензен, азот и други показатели. Во УСЈЕ има и за поголеми честички. Значи, во зависност од инсталацијата, мониторинг станиците се надополнети со такви параметри коишто генерално не важат, но за одредена инсталација има потреба да се мерат и ние тоа го извршуваме на најсофистициран начин и ги следиме сите можни емисии.

И самиот укажавте на присуство на ЦО2, до каде се нашите напори за намалување на ЦО2 во воздухот?

Во Република Македонија според двете комуникации за климатски промени најголем емитер на ЦО2 е енергетиката и има интензивна кампања за внесување во употреба максимално можно обновливи извори на енергија. Друг голем емитер е земјоделството, исто така и во тој сектор се реализираат проекти и се интензивираат во наредниот период реализирање на такви програми, како што е зафаќање на метан и други параметри. И секако дека акциите за пошумување и заштитата на шумите од пожари, којашто за жал во Република Македонија има околу 14 насто од сите ЦО2 емисии се токму од пожарите присутни минатите години. Сета оваа палета ни овоможува ние да имаме конкретни мерки кон оваа проблематика и секако дека во стратегијата за енергетика на министерството за економија се предвидени сите можни сценарија за наредниот период, за редукција на емисија на гасови, од конвенционалните капацитети и за воведување на други извори на енергија кои не вршат емисија на ЦО2.

Што прави министерството во однос на неконтролираното согорување на отпадот?

Уште не е системски решен проблемот со менаџирањето на комуналниот отпад. И сеуште немаме комплетна, функционална, со сите потребни дозволи легална депонија за комунален отпад. Сведоци сме на инцидентно распространување на комунален отпад низ целата држава и вакви инциденти од видот на согорување коишто пречат врз животната средина, но влијаат и врз климатските промени. Меѓутоа, постапките кои ги вршиме како министерство и како влада, заедно со регионите и општините е идната година дел од депониите да ги изградиме преку средства од ИПА фондовите, а другите плански региони, односно регионални депонии да ги изградиме по однос на концесионирање и јавно – приватно партнерство. Процедури за кои сме во завршна фаза и до крајот на годинава ќе бидат објавени и првите повици за интерес за неколку региони, коишто во првите две години би означувало дека ќе бидат најголемите инвестиции, а со тоа ќе се надминат и овие проблеми.

Директивите за квалитет на воздухот предвидуваат дека треба да се анализираат и параметрите за квалитет на почвата. Што покажуваат овие анализи?

Во Министерството за животна средина до сега се имаат изработено неколку анализи и студии, како студијата за Велес, околу топилницата. Има одредени студии за околината на „Охис“. Изработени се гео хемиски карти за Велес, дел од Скопје. Во моментов имаме потпишан договор за изработка на квалитетот на водата и почвата во околината на „Окта“, што произлезе како барање и потреба од жителите во околината на „Окта“. Имаме во план изработка на гео хемиски карти и за полошкиот регион и за сите други региони каде што има и во минатото, а и сега има одредено индустриско загадување од коешто ние ќе ги добиеме сите релевантни податоци, за квалитетот на почвата, односно нивото на загадување, односно составот на загадување на одредена локација и заедно со сите други параметри кои се потребни и за надземни и за подземни води, а секако и за воздух.

Каде е констатиран висок степен на индустриска загаденост?

Во сите овие што ги напоменав, оние што се изработени и изготвени има одредени показатели за индустриско загадување, како во околината на Велес, во околината на „Охис“, Јегуновце, ќе треба да ги почекаме резултатите од испитувањата во Пробиштип, но за нас е битно е дека е евидентно дека има загадување, но овие проекти ќе помогнат и во утврдување на мерките во однос на пречистување на овие региони.

Дали се решливи проблемите на индустриска загаденост и во колкав временски период?

Светските искуства се многу интересни и прифатливи, но чинат многу. Ние како влада и држава можеме да учествуваме со дел од финансиските средства. Како пример, можам да ви кажам дека еден од предлозите за конкретни мерки за уредување на загаденоста во околината на Велес чини четири милиони евра, коишто се доста финансиски средства, меѓутоа има разни институции и фондови, каде што ако имаме добри проекти и апликации ќе можеме да ги користиме тие средства. Ние такви веќе изготвуваме, конкретно изготвуваме проект документација за „Охис“, каде што има индустриско загадување со пестициди и мислам дека ќе може да аплицираме во меѓународните фондации каде што има конкретни модели и средства за користење токму за индустриско загадување.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG