Достапни линкови

Неделен печат – „Драматичен пад на рејтингот на ВМРО ДПМНЕ“


„Фокус“ објавува анкета според која рејтингот на владеачката ВМРО ДПМНЕ паднал под 18 проценти. Неделникот ,,Сега,, објавува пошироко интервју со првиот претседател на државава, Киро Глигоров, при што, во насловот ги наведува неговите зборови - ,,Не скокајте избрзано во компромис“.

Она што за Македонија е испуштена шанса на патот за ЕУ, за Владата е успех во зачувувањето на гордоста на граѓаните, пишува, покрај другото, ,,Глобус,, во анализата посветена на постбриселските политички реакции во земјава. Неделникот забележува дека минатиот викенд Груевски ја фрлил последната карта: во интервју за една домашна телевизија, пишува неделникот, тој изјави дека нема да иницира заедничка стратегија со другите политички партии во земјата, бидејќи се плаши дека лидерот на СДСМ, Црвенковски ќе ја откриел на јавноста. Неделникот смета дека веќе ги чувствуваме последиците од досегашната политика на Владата во поглед на спорот со Грција за да констатира дека таа тивко ги еродира внатрешните потенцијали на Македонија на секој план. ,,Глобус,, ги критикува и социјалдемократите дека, поради неуспехот да направат партиска стратегија, не успеале во постбриселска Македонија да алиментираат силен притисок врз власта за да понесе одговорност за повторната блокада на евроатлантските процеси во земјава.

Сега - „Глигоров: Не скокајте избрзано во компромис!“

Неделникот ,,Сега,, објавува пошироко интервју со првиот претседател на државава, Киро Глигоров, при што, во насловот ги наведува неговите зборови, цитирам, ,,Не скокајте избрзано во компромис!,, за веднаш под ова да забележи дека човекот кој ја внесе нашата земја во ОН под привремената референца бара да не скокаме избрзано во компромис. Глигоров во интервјуто го изнесува своето мислење дека со Грција, не станувало збор за спор, туку за разлика што таа ја наметнала во врска со нашето име. Затоа, вели, покрај другото Глигоров, нашите напори постојано беа насочени кон помагање на Грција да се надмине таа разлика, а не кон барање некаков компромис за некаков измислен спор.

„Форум“ - Предвремени избори

,,Форум,, се занимава со идејата за предвремени избори за да напише дека лансирањето на таа можност е трговија, во време кога тие не му се потребни никому, а најмалку на државата. Неделникот тврди дека освен како забава на народот, никој во државава од партиско-политичките субјекти не посакувал избори, барем се' до крајот на шпанското претседателство со Унијата до крајот на јули, и тоа го поткрепува со тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ не ќе можел да го повтори успехот од 2008-та, СДСМ бил ослабнат од внатрепартиските и генерациските мени и делби и од бегот или од пропаста на главните извори пари, а во партиите од албанскиот кампус партиските, како што ги нарекува ,,Форум,, истресоци, биле посплотени отколку најголемите играчи, ДУИ и ДПА, па, можело да се случи да им ги расипат сметките.

„Фокус“ - „Драматичен пад на рејтингот на ВМРО ДПМНЕ“

,,Фокус,, пак, уште на насловната, објавува драматичен пад на рејтингот на владејачката партија под 18%. Овој неделник, имено, дошол до примерок од интерно истражување на јавното мислење направено за потребите на американските институции во државава, според кое рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ по извештајот на ЕК во октомври годинава изнесувал само 17,8%.Оној на СДСМ - 13,1%. ,,Фокус,, смета дека на едни евентуални избори, разликата од нецели 5% би била достижна, особено ако се имало предвид дека 21% од испитаниците одбиле да одговорат за кого би гласале, што ги зголемувало шансите на опозицијата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG