Достапни линкови

logo-print

Политички консензус за името


Последната лидерска средба одржана во јули

Последната лидерска средба одржана во јули

Според аналитичарите, Македонија мора да изгради политички консензус за името и да се искористи лошата економска ситуација во Грција за добивање поддршка кај економски силните сојузници. Заедничката платформа ке ја засили преговарачката позиција во следните 6 месеци.

Македонија мора јасно да ги постави црвените линии преку кои не може да помине при решавањето на спорот за името со Грција, а власта и опозицијата треба да оформат заедничка платформа за името, со која би се засилила македонската преговарачка позиција. Ова, според дел од домашната стручна јавност, се основните прашања на кои треба да се посвети земјава во наредните 6 месеци за да го реши спорот со Грција и да добие датум за преговори за полноправно членство во Европската унија.
Слушајќи ги изјавите на претседателот и премиерот после одлуката на Брисел скептичен сум дека државниот врв има подготвеност за справување со проблемот. Уште повеќе што не е зацртано до каде треба да се постави црвената линија.

Програмскиот директор на Aсоцијацијата за демократски иницијативи, Љуљзим Хазири вели дека Македонија бележи напредок, но се сомнева дека владата е вистински посветена на решавањето на спорот за името.
Тој е скептичен дека спорот може да се реши за време на шпанското претседавање со Унијата во првата половина на наредната година.

„Слушајќи ги изјавите на претседателот и премиерот после одлуката на Брисел скептичен сум дека државниот врв има подготвеност за справување со проблемот. Уште повеќе што не е зацртано до каде треба да се постави црвената линија.“

Поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле вели дека, пред да се преземат наредните чекори, треба да се види како ќе се координира новата функција претседател на ЕУ и дали ќе има претседателство. Тој советува Македонија да ја искористи лошата економска ситуација на Грција за да изгради што повеќе сојузници, особено меѓу богатите и моќни европски земји. Чашуле посочува дека власта и опозицијата се согласни дека не смее да се преговара за идентитетот. Затоа, вели тој, едно од најважните прашања за засилување на позицијата на Македонија е градењето на заедничка платформа за името меѓу сите политички партии.
Ако изградиме заедничка платформа тогаш ќе можеме да поработиме на позицијата во објаснувањето на главните партнери дека Грција не може упорно да и наметнува на Унијата нов критериум за членство кој се сведува на етничко чистење на еден народ

„Ако изградиме заедничка платформа тогаш ќе можеме да поработиме на позицијата во објаснувањето на главните партнери дека Грција не може упорно да и наметнува на Унијата нов критериум за членство кој се сведува на етничко чистење на еден народ. Бидејќи да се бара една нација да го смени името и идентитетот е токму тоа.“

Сепак, и тој се сомнева дека тоа може да се направи во наредните 6 месеци. Чашуле посочува дека во овој период теба да се внимава Македонија да не ја изгуби политичката волја за членство во Унијата, која и самата има проблеми.

„Да не ги редам сите проблеми што произлегуваат. Дали во овој момент и што ќе добиеме ако влеземе таму. Значи ние треба да спречиме овој процес на ерозија на Унијата во нашата јавност да се случи и конечно мораме да изградиме во тие шест месеци политичко единство. Очигледно тоа многу тешко ќе оди.“

Премиерот Никола Груевски вчера рече дека Македонија направила се што може, и дека однесувањето на Грција не е европско однесување. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, пак рече дека треба да се искористат наредните шест месеци да се најде решение за името, но и тој не е оптимист дека работите можат многу да се сменат.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG