Достапни линкови

logo-print

Остарела чекајќи пензија


Прилеп

Прилеп

Седумдесетиедногодишната Ѓурѓа Стојановска од Прилеп полни 16 години чека да го оствари правото на инвалидска пензија

Седумдесет и едно годишната старица Ѓурѓа Стојаноска од Прилеп остарела чекајќи полни 16 години за да го оствари правото на инвалидска пензија. Управните органи на власта ја упатувале од врата до врата, но конечен одговор не може да добие ниту денес. Таа тврди дека повредите ги добила на работно место уште кога имала 55 години. Се враќала со автобус на битолски „Лозар„ каде што работела, паднала и од тогаш не гледа со едното око, а со годините намален и е видот и на другото око. Докторите прогнозирале комплетно слепило поради болест, но таа вели Бог ја чувал од уште поголемо зло. Денес Ѓурѓа едвај се движи низ куќата, се мачи колку да зготви ручек, за да се чувствува полезна во домот.
Одиме од врата до врата и никаде не можеме да најдеме решение


,,Јас страдам 16 години без никаква работа, не сум способна. А, од што да живеам никој нема кој да ми каже.Јас барам барем она мала пензија да ми дадат од оние 10 години што сум ги работела, да ми се врати некој денар да имам и јас, да живеам за притисок апчиња да купам, не можам од што да живеам".

Таа и нејзиниот сопруг Андон по опоравувањето од операцијата во Скопје доставиле барање до првостепената комисија во подружницата на Фондот на ПИОМ во Прилеп,но предметот никако да добие своја завршница. Биле одбиени и од второстепената владина комисија, но секогаш Врховниот односно Управниот суд, предметот по жалба го враќал на повторно разгледување до првостепената комисија.

,,Од врата во врата, одиме, лутаме, никаде не можеме точно решение да најдеме.Решението се врти, предметот во круг и не можеме точен збор никој да ни каже, не знаеме. Шеснаесет години, токму од 1993 година.Имаме од Врховен суд основани решенија 6, од второстепената комисија неосновани и никогаш ние не можеме точно правдата да ја најдеме".

Стојаноски велат барем да добијат каков-таков конечен одговор за да може натаму правдата да ја бараат во Стразбур.

,,Сакаме да се реши спорот, да поднесеме жалба, тужба како треба,до Стразбур.Сакаме и таму да поднесеме, да видиме дека сигурни сме, оти од повреда е женава инвалид останата и не е призната".


Ѓурѓа стравува дека ќе замине од овој свет без да ја чуе вистината, без денар да добие барем како надоместок за маките и страдањата низ годините.

Сега овие луѓе живеат со минимални 6000 денари, пензија на Андон,но тие не им се доволни за месечните давачки. Затоа Андон со количка во рацете, обработува 2 декара со тутун. Се мачи вели од утро до мрак, сам по нивите,пеш и во страв што прави дома сама кутрата, немоќна жена, но знае дека немаат избор. Сиромаштијата и болестите не им даваат друга можност, друга алтернатива за помирен живот, барем во деновите на нивната старост.
Немоќни пред институциите на системот, велат само на Бог му се молат да ги штити и чува од полошо.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG