Достапни линкови

Самит за климатските промени - лидерите против природата


Копенхаген
Копенхаген
“Глобалното затоплување не знае за граници, нема дискриминација, сите сме засеганти, собрани сме тука бидејки сме решени да превземеме акција”.
Со овие зборови данскиот премиер Ларс Расмусен ја отвори конференцијата во Копнехаген, која се смета за најголема во историјата. Најавено е учество на представници од над 190 држави, вклучувајки и 105 светски лидери. Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун изрази оптимизам дека на конференцијата, која ќе трае 12 дена, ќе биде постигнат договор за мерките против климатските промени.

Конференцијата во Копенхаген ги има сите елементи на научно-фантастичен трилер. Интенцијата е да биде постигната согласност за стратегијата со која ќе биде избегната катастрофата која и се заканува на целата планета, доколку повеќето од научниците се во право. Обединетите Нации проценуваат дека доколку емисијата на јаглерод диоксид продолжи со истото темпо, светот ќе се соочи со зголемување на температурата за 3 степени. Тоа ќе предизвика се поекстремни временски услови на земјата, како и зголемување на нивото на водата во морињата и поплави во многу крајбрежни места. За да се спречи таквото сценарио, светските лидери во Копенхаген треба да усогласат мерки со кои би се постигнало, температурата во наредните декади да не се заголеми за повеќе од 2 степена. Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо изјави:
Ние не можеме да преговараме против законите на природата, против науката


“Ние не можеме да преговараме против законите на природата, против науката. А она што ни го велат научниците е дека 2 степена целзиусови е максимумот што би бил издржлив”.

Но, иако проблемот е јасен, сеуште нема целосна согласност меѓу одделни земји за тоа што секоја од нив треба да направи. Еден од најголемите предизвици во Копенхаген е усогласувањето меѓу развиените земји, како Соединетите Држави и земјите во развој, како Кина, околу лимитите на емисијата на штетни гасови. Ианку, тие две земји се и најголеми светски загадувачи, односно испуштаат речиси половина од светската емисија на јаглерод диоксид. Американската влада вети дека до 2020-та година ќе ја намали емисија за 17 насто во однос на нивото од 2005-та година. Но тој предлог сеуште е заглавен во Конгресот. Кина, пак најави дека за истиот период ќе ја намали емисијата за 40 до 45 насто. Американскиот претседател Барак Обама го смени првичниот план околу учеството на самитот и наместо на почетокот, во Копенхаген ќе допатува на крајот. Тоа беше протолкувано како сигнал дека ќе биде постигнат некаков договор. Едно од клучните прашања е и колку развиените земји се подготвени да го финансираат развивањето на еколошки технологии во земјите во развој. Според проценката на Европската Унија, потребни се околу 150 милијарди долари за земјите во развој за да постигнат прогрес до 2020-та година. Но, како по 12 дена ќе заврши овој научно фантастичен трилер во Копнехаген, нема да биде познато до последниот ден.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG