Достапни линкови

Зоран Коњаноски, министер за одбрана


Macedonia - Zoran Konjanovski, Minister of defence, Skopje, 4Dec2009
Macedonia - Zoran Konjanovski, Minister of defence, Skopje, 4Dec2009

Ние продолжуваме по патот на реформите. Тие не завршија со самитот во Букурешт. Очекуваме час поскоро да бидеме членка на НАТО Алијансата

Дали успешното решавање на спорот со соседна Грција единствениот предуслов за Македонија да влезе во НАТО?

Врз основа на она што нам ни се случи на последниот или претпоследниот самит во Букурешт кога многу јасно беше нотирано дека сите реформски задачи Република Македонија ги заврши. Остана да се затвори уште едно прашање кое ни го наметна нашиот јужен сосед, а тоа е со непризнавањето на нашето уставно име. Но, што се однесува до одбраната сакам јасно да кажам дека ние продолжуваме по патот на реформите. Не би сакале по половина или една година да се чуе во НАТО Алијансата дека Република Македонија не се движи по патот на тие реформи. Тие ни се потребни, прво нам, заради нашата Армија, заради нашата земја, а понатаму и заради глобалната слика, затоа што ние сакаме да бидеме дел од коалиционите партнери и мора да се прилагодиме кон основните правила кои важат во НАТО Алијансата. Значи, недвосмислено е дека ние продолжуваме по патот на тие реформи. Често пати, дел од граѓаните се прашуваат, па чекајте, зошто уште реформи? Нели во Букурешт ни беше кажано дека ние завршивме со реформските задачи. Да, но реформите немаат крај и ние тоа го правиме и тие ги следиме тие текови. И во последнава година направивме низа реформски зафати.
Zoran Konjanovski
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:09:48 0:00

Малку поопшто прашање, што губи Македонија со тоа што не е членка на Алијансата?

Па, искрено да ви кажам, јас и другите луѓе, според она што Република Македонија го прави за НАТО, веќе се сметаме како земја членка на НАТО. Можам да кажам дека сме многу попосветени и попринципиелни од многу земји членки на НАТО. И затоа, полноправното членство за Република Македонија, македонските граѓани не треба да го сфатат како награда за Република Македонија, затоа што ние реално го имаме тоа и заслужено. Значи, ние очекуваме час поскоро да бидеме дел од НАТО Алијансата.

Министре, не знам дали ќе се согласите со мене, но во јавноста се создава впечаток како евро интеграциите сега да се на преден план, а НАТО интеграциите како да се во втор план. Ваш коментар?

Тоа се два паралелни процеси кои одат заедно еден со друг. Владата на Република Македонија е подеднакво посветена и кон европската интеграција на Република Македонија. Но, остануваме подеднакво посветени и кон НАТО интеграциите. Знаете дека во последниот период кога ги завршивме сите реформски задачи бевме оценети со највисока оценка. Уште еднаш сакам да потврдам дека имаме како министерство поддршка од Владата да ги продолжиме тие реформски зафати, се со цел, час поскоро да бидеме дел од НАТО семејството.

Споменавте реформи, може да ми дадете неколку примери?

Па само во последната година имавме неколку реформски задачи кои ги завршивме или кои ги отпочнуваме. Еден од реформските задачи и зафати кои ги завршивме во Министерството за одбрана е возобновувањето на Воената академија. Незамисливо беше со ваков капацитет, со вакво бројно учество на нашата држава во сите мисии надвор од Република Македонија да немаме извор, каде што ќе ги школуваме, произведуваме тие кадри за потребите на АРМ и затоа сметавме дека приоритетно е решавањето на школувањето на кадрите и затоа ја возобновивме Воената академија. Мислам дека Република Македонија да нема Воена академија е исто како државава да нема породилиште. Буквално така ги перцепирам тие работи во однос на едукацијата на нашите кадри. Вториот реформски зафат го направивме во однос на военото здравство. Затоа што знаеме дека 2013, 2014 година ќе биде година кога треба да одговориме на некои партнерски цели. Тоа е Мисија за која се имаме пријавено дека ќе бидеме спремни во 2013 година, и затоа сега, односно во 2009 година беше година кога требаше да ги отпочнеме реформите за да можеме да го стигнеме она што го планираме во 2013 година.

Кога сме кај реформите, се забележува дека буџетот за догодина е намален за Министерството за одбрана. Како тоа ќе влијае врз спроведувањето на реформите?

Неколку години се шпекулира дека со намалувањето на средствата се скратуваат можностите за дополнителни реформи во Министерството за одбрана. Јас сакам да ве уверам дека не е така. Впрочем, тоа се покажа и со крупните реформски зафати кои ги направивме во 2009 година кои ќе продолжиме да ги правиме во 2010 година. Доколку се сака, ќе се најдат средства за завршување на тие реформски зафати. Во вакви ситуации кога имаме економска криза, кога сите земји се зафатени од неа, верувајте дека сите средства на сите Министерства за одбрана на некој начин се скатени. Тука останува големината на еден менаџер, на еден министер, како да ги пренасочи средствата, како да заштеди во некои ситуации и каде да ги пренамени тие средства. Мислам дека со внатрешно прелевање на средствата успеваме да излеземе од целата ситуација и напротив да бидеме многу поуспешни отколку во години кога имало многу повеќе средства во Министерството за одбрана.

Малку на меѓународно ниво, Вашингтон на неколку пати апелираше за испраќање војници во Авганистан. Дали се размислува од македонска страна да се испратат повеќе војници?

Во моментов ние партиципираме во повеќе мисии. Учествуваме во мисијата ИСАФ во Авганистан. Присутни сме во Либан, присутни сме во БИХ. Ние сме свесни дека тоа присуство треба на некој начин треба да го зголемиме уште повеќе во 2010 година, согласно на сите оние планови кои на некој начин се проектирани за иднината на мисиите во Авганистан. Со оглед на тоа, во 2010 година, веќе најавивме такво зголемување во однос на 2009 година со нови 79 војници кои ќе бидат во заедничка мисија со нашите партнерски и пријателски сили од Националната гарда во Вермонт во САД и благовреме ги започнавме сите подготовки. Нашите војници веќе кон крајот на 2009 година беа упатени на запознавање и обука со американските војници во Луизијана. Сега, деновиве се вратија во Македонија. Следи дополнителна обука на терените во Македонија и во февруари заминуваат на нова мисија во Авганистан.

Како би ја опишале генерално соработката меѓу Македонија и САД на полето на одбраната?

Соработката е на навистина високо ниво. Ние гледаме секогаш парнер кој ни помага, ни ги отвора вратите, не усмерува. И во исто време, од сите контакти што ги имам можам да кажам дека САД знаат да бидат благодарни на таквата политика и позиција на Република Македонија. Впрочем, не забораваат кога нашите војници со војниците на САД и заедно ја градат иднината на целиот свет затоа што проблемот со тероризмот не е само проблем на една држава и војна на САД кон Авганистан, туку е војна на сите држави од светот со глобалниот немир, тероризмот.

Да се вратиме дома, минатата недела беа посебно актуелни прашањата за професионалните војници кои бараат зголемување на старосната граница. Зошто нивните барања не можат да се задоволат?

Пред се, затоа што кога се потпишуваат договорите меѓу Министерството за одбрана и професионалните војници, професионалните војници знаеле кои се нивните права, и знаеле дека на 38 години на некој начин треба да ја напуштат АРМ. Второ, затоа што сепак ние сме престроени и работиме по некои правила коишто ги има и во многу земји од НАТО Алијансата. Јас разговарав и со професионалните војници неколку пати. Можеби сум прв министер што на заедничка маса седна да ги решаваме заедно проблемите и за кои понудивме соодветни решенија. На еден од тие состаноци беа повикани и НАТО советодавниот тим и воени аташеа од други земји и разговаравме како тоа е решено и во други земји членки на НАТО. Буквално сличните методи и сличните начини на решавање како и во другите земји ќе ги примениме и во Република Македонија. Значи, војниците кога ќе наполнат 37 години ќе им овозможиме обука, односно преквалификација или доквалификација на сметка на Министерството за одбрана и после 38 година имаат можност да бидат дел од активната резерва која ја понудивме како реформски зафат годинава, а ќе профункционира од 2010 година, а преку која ќе можат секој месец паушално да добиваат околу седум илјади денари, нормално во текот на еден месец или една година ќе има и соодветен план за обука на професионалните војници. Мислам дека тоа е она што го нудат и другите земји во НАТО.

Неколку од војниците јавно се жалеа дека постоеле притисоци, исклучувања на парно во касарните, повици на распит во МВР. Имате коментар?

Немам коментар, затоа што сум сигурен дека тоа не се случувало во Министерството за одбрана. Ако некој сакаше да прави притисоци врз војниците и другиот офицерски кадар, тоа можеше да го прави на друг начин, немаше јас неколку месеци да разговарам и да се договарам со професионалните војници, да одам од гарнизон до гарнизон да разговараме за проблемите, а во исто време и да правиме притисоци. Мислам дека едното со другото не оди, тоа не е вистина и мислам дека мала група на луѓе во моментов се изманипулирани од некои политички сили кои се опозицијата и кои сакаат на таков начин да ја втурнат и АРМ во она што значи протести пред владата и слични работи.
XS
SM
MD
LG