Достапни линкови

Неделен печат – Како да се реши проблемот со името?


Неделниците во своите изданија се занимаваат со проблемот со името. Средбата Груевски-Папандреу, е главна тема на неделниците

,,Според многумина минатонеделниот епилог им стави крај на надежите дека македонскиот и грчкиот премиер ќе постигнат некакво решение кое потоа формално ќе биде ставено на маса во ОН, кои се покровител на преговорите,,- пишува во наднасловот на широката анализа за средбата Груевски-Папандреу во Преспа, насловена со ,,Земјата ја даваме, името не го даваме,,- ,,Глобус,,. Неделникот заклучува дека анализата на приодот на Груевски кон проблемот со името покажува дека тој се држи настрана од неговото решавање затоа што смета дека со отпорот што го дава ги зацврстува своите позиции на кормилата на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот е во тоа што сега, кога земјава е на чекор од евроатлантските интеграции, државната политика нема капацитет да ги направи решавачките потези за да осигура стабилност, безбедност и просперитет на своите граѓани, заклучува ,,Глобус,,. Неделникот ,,Сега,, во уводникот го поставува прашањето дали Латас и Мирка и денес одлучуваат и го советуваат премиерот за тоа кој може, а кој не може да биде министер, кој е херој, а кој кукавица, па одговара дека секој што повикува на 'второ полувреме' на 2001 година, на одмазди и на линчови, не и' мисли добро на оваа земја и дека на сите нив треба да им се каже громогласно 'не'. Тоа можеби ќе мора да стане пресуден дискурс на проевропските сили во Македонија токму сега, по 7 декември, кога во македонското мултиетничко општество ќе попушти внатрешната кохезија под импресија на неспорниот факт дека нашата евроатлантска перспектива ќе биде блокирана, песимистички заклучува ,,Сега,,. Неделниците ,,Фокус,, и ,,Форум,,- со совети како да се реши проблемот со името и како да се дефинираат нашите црвени линии: во уводникот ,,Фокус,, предлага Македонија да се откаже од тужбата против Грција во Хаг и на писмено од двојната формула за името, подоцна да се откаже и од статуите пред Владата и од имињата на античките славни татко и син од аеродромот и од Градскиот стадион во Скопје, од автопатот … Тоа, соред ,,Фокус,, би ги исфрлило од игра бесмислените грчки барања за промена на македонскиот Устав, етнос, јазик, и никој би немал право на ексклузивна употреба на придавката македонски. Значи, обете страни би ги повлекле своите максималистички барања. ,,Фокус,, смета дека во тој случај од ЕУ би требало да добиеме датум за преговори, но дека до тој датум ќе треба да биде решен спорот за името, што значи со Грција да се преговара само за име кое ќе го промени срамното БЈРМ, и за негова примена или не во билатералната комуникација со државите кои веќе не признаа како Република Македонија. ,,Форум,, пак, исто така во уводник, остро ја напаѓа ЕУ за нејзината, како што вели контрадикторна политика, спомнувајќи етнички чистења, концентрациони логори и гасни комори. Неделникот топката ја префрла кај опзицијата и смета дека таа требала не на збор, туку суштински да прифати заедничка платформа со Владата, заедничка црвена линија, која според неделникот веќе сме ја имале, требало само да се обзнани! Тоа треба да се има в џеб до 7 декември и датумот за преговори ќе биде извесен, смета ,,Форум,, заклучувајќи дека, во спротивно, цитирам, ,,Грција ќе се надева, а Унијата ќе и' верува дека опозицијата во Македонија, ако и' се даде можност, ќе прифати ерга омнес сосе етничко чистење!,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG