Достапни линкови

Баросо: Решете го спорот со Грција


Хозе Мануел Баросо

Хозе Мануел Баросо

Мислам дека има политичка волја на двете страни за конечно решавање на спорот со името, порача претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел.

Препораката од Европската комисија за отпочнување преговори за членство во ЕУ и визната либерализација за Македонија треба да бидат поттик за решавање на спорот за името со Грција, и натамошна интеграција на земјата во Унијата, изјави Баросо по средбата со Груевски во Брисел. Баросо, како што јави Миа, смета дека Македонија и нејзините граѓани направиле исклучителни напори во процесот на пристапување во Унијата, со исполнување на критериумите за отпочнување на преговорите за членство.
Заради тоа Македонија треба да го реши спорот со Грција, и да продолжи со исполнување на одредниците за членство во ЕУ и забрзување на реформскиот процес, изјави Претседателот на Европската Комисија

Македонскиот премиер Никола Груевски потврди дека Македонија останува посветена на европската агенда и оти ќе продолжи и натаму напорно да работи за остварување на таа цел.

„Ние ќе се трудиме да ги решаваме сите отворени прашања, а со тоа и дојдеме до решение за прашањето со спорот што го отвори Грција поврзан со нашето име. Во изминатиот период имаше интензивни разговори помеѓу Македонија и Грција. Дијалогот е воспоставен како никогаш досега, а има и интензивни разговори под покровителство на посредникот на ОН. Сепак, се уште немаме сериозен суштински напредок поврзан со прашањето“.

изјави македонскиот премиер. Тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека е уверен оти има многу место за грчката влада да биде пофлексибилна во овој спор.

- „Грција може да ни даде шанса да почнеме со преговорите и да продолжиме со интензивните разговори поврзани со спорот за името. Мислам дека може непосредно да се водат и преговорите за членство во ЕУ и разговорите за името. Грција може да не блокира на патот кон ЕУ многу пати при секое отварање или затворање на поглавјата или на крајот, но сметам дека блокадата нема да биде решение, туку само дополнително ќе ги оддалечи двете земји“, рече премиерот Груевски додавајќи дека тоа го покажала и грчката блокада за членството на Македонија во НАТО.

Европските дипломати оптимисти до последен момент

Европската комисија есенва даде препорака за одредување датум за преговори со назнака дека таа треба да се сфати и како поттик за решавање на прашањето за името. Евродипломатите до последен момент покажуваат интерес па дури и оптимизам дека прашањето може да се реши до 7 декември. Денешната средба според Сталевски може да се гледа и во тој контекст – Баросо веројатно очекува брифирање од прва рака за напредокот во преговорите по средбата на двајцата премиери од македонска и од грчка страна. Политикологот Влатко Божиновски денешната средба ја гледа како важна и поради фактот дека ова е прва можност претседателот на Европската комисија да го чуе македонскиот дел од приказната.

„Македонската страна, т.е. нашиот премиер да ги изнесе директно македонските ставови. До сега се одеше преку посредници, дали преку други европски дипломати, дали преку медиуми итн. Додека со грчката страна, затоа што се членки на ЕУ, комуникацијата беше директна,“

вели Божиновски. На Македонија е денешната средба да ја искористи најдобро што може.
Притисокот од Европа врз двете страни во спорот за дел од експертите и по завршувањето на состанокот на советот на министрите ќе биде неопходен за да можеме да се надеваме на каков и да е напредок.
XS
SM
MD
LG