Достапни линкови

Проблемот со името топ тема во неделниците


Сите македонски неделници во најновите изданија се занимаваат со проблемот со името во пресрет на министерскиот состанок на ЕУ во Брисел.

Само два неделника излегуваат в петок, денот кога, додека го слушате ова јавување, во грчкиот дел на Преспа веќе ќе биде остварена средбата Груевски- Папандреу. Два – излегуваат пред тој ден, така што резултатите и коментарите за македонско-грчкото рандеву ќе ги читаме во следните изданија. Во овој преглед – само претпоставените анализи и личните ставови на уредниците и на новинарите. Неделникот ,,Сега,, во насловот му порачува на премиерот: ,,Ако тргнеш во Преспа, не плаши се!,, користејќи дел од текстот на една реклама за автомобили којашто се врти по сите домашни телевизии. Неделникот, од информациите добиени од владини извори и објавени во ,,Вечер,, и во ,,Нова Македонија,, заклучува дека Груевски има намера да почне да преговара за името пред 7 декември, но дека тоа на провладините експерти им се чинело како почеток на крајот на нивната трагикомична апологија на политиката ,,корења ќе јадеме, името не го даваме,,. ,,Сега,, му порачува на премиерот да не се плаши од еден грст платеници, авантуристи и, како што пишува, фрустрирани луѓе, чии интелектуални дострели се сведуваат на воинствениот повик ,,да ги прекинеме преговорите…,, – без поткрепата од партијата на власт тие не можат да придобијат повеќе луѓе отколку што Тодор Петров собра на протестите пред зградата на ЕУ во Скопје, заклучува ,,Сега,,. Неделникот ,,Глобус,, смета дека темата меѓународно име служи за внатрешна криза, и смета дека неодамнешното писмо од Груевски до ,,почитуваните браќа и сестри,, е најсликовит приказ за тоа, како едно билатерално и надворешно-политичко прашање може да се претвори во пикантно мезе на хаотичната домашна трпеза и како потрагата по внатрешен непријател може да го дефокусира вниманието од сите други теми, кои во понормална ситуација би го окупирале вниманието на јавноста. ,,Фокус,, објавува интересно ,,египетско,, сценарио за спас на Груевски, правејќи аналогија со силните демонстраци за поддршка на египетскиот претседател Насер, кога тој си поднесол оставка, па пишува: ,,Претпоставеното сценарио со чии детали беше запознаен ,,Фокус,, од извори блиски до премиерот и до претседателот, предвидува, по евентуалниот компромис за името, премиерот театрално да поднесе оставка, по што би биле организирани, во наводници, ,,спонатани,, демонстрации за негова поддршка, обвинувајќи ги наводните предавници во опозициските и интелектуалните кругови. Дел од паролите би биле во смисла 'Груевски, врати се, не си ти виновен за промената на името!',,. Неделникот ,,Форум,, пак, кој важи за добро информиран од владини извори, во статијата насловена со ,,Грција ни крои нова влада,, смета дека договор за името до 7 декември нема да има, и оти тоа, сосема очекувано, ќе предизвика политичка криза при што ДУИ и СДСМ ќе инсистираат на ново парламентарно мнозинство, но, дека нова влада ќе составела ВМРО-ДПМНЕ. Од свои дипломатски извори ,,Форум,, дознава дека Груевски уште еднаш ќе се сретнел со Папандреу, на 2 декември во Брисел, и дека контактите и агендата на грчко-македонската средба би ја договарале луѓе блиски на францускиот претседател Саркози! Затоа и Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на Груевски и втор човек во преговарачкиот тим, деновиве, божем приватно, го посети Париз, каде што требало да се сретне со луѓе на францускиот претседател, пишува ,,Форум,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG