Достапни линкови

Бранко Црвековски, претседател на СДСМ


Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ
Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ

Секое решение за името коешто води кон елиминирање на опасностите од блокада во декември во Брисел, а што е прифатливо за премиерот Груевски ние ќе го поддржиме.

Дали вие како лидер на најголемата опозициска партија во Македонија ќе поддржите евентуален договор меѓу Груевски и Папандреу или меѓу владите на двете земји за името на Република Македонија, а другите прашања поврзани со индентитетот да се решаваат подоцна?

Па, јас лично би посакувал кога би било можно да се дефинира и усогласи целиот пакет. Зошто? Ако прашањето за сложеното име кое би се користело на меѓународен план, кое всушност е најважно за Република Грција биде решено веднаш на почетокот, а прашањето за индетитетот кое е најважно за Република Македонија биде оставено за подоцна, тоа би можело да претставува на одреден начин хендикеп за македонската страна. Меѓутоа, уште еднаш би сакал да го повторам ставот на СДСМ којшто е веќе познат на целата македонска јавност – секое решение коешто води кон елиминирање на опасностите од блокада во декември во Брисел, а што е прифатливо за премиерот Груевски ние ќе го поддржиме.
Branko Crvenkovski
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:30 0:00

Кои се ризиците ако другите прашаања поврзани со идентитетот, односно јазикот и нацијата како и опсегот на употребата се остават да се решаваат подоцна?

Ризикот е во тоа што ние не знаеме за тоа како ќе се постави Грција во моментот кога ќе се разговара на таа тема. Значи, таа би го добила најважното прашање за себе, сложеното име за меѓународна употреба, а сеуште би го задржала правото или можноста низ процесот на преговорите со ЕУ да го употреби правото на вето, или при отворање или затворање на некоја од главите коишто се преговараат. Тоа е еден ризик за којшто треба да бидеме свесни и сметам дека со превентивна дебата на самиот почееток, со еден договор или разговор на таа тема и тоа не само меѓу премиерите или на билатерална основа, туку со некаков договор кој би бил гарантиран и од меѓународната заедница, пред се од ОН, под чиј чадор се водат тие преговори би можеле да се осигураме од тој ризик.

Има ли СДСМ конкретен предлог како да се надмине спорот побрзо ако информациите од македонските владини извори се дека грчката страна сега поставува максималистички барања?

СДСМ не е ниту учесник ниту медијатор во преговорите. Оттука, било каков конкретен предлог кој би произлегол од наша страна не само што не би помогнал, туку да го употребам изразот што владините претставници често го користат би можело и да го загрози процесот или во најмала рака да претставува повод за нови обвинувања од страна на актуелната власт кон СДСМ дека со тоа ја поткопуваме преговарачката позиција на Република Македонија. Со нашата позиција, со нашиот став дека го поддржуваме премирот Груевски во решавањето на овој проблем, ние всушност демонстираме максимална конструктивност, тоа е она што ние можеме да го направиме. Се останато е во рацете на Груевски, се разбира вклучително и целосната одговорност за конечниот исход на овој процес.

Имавте повеќе средби со неколку клучни странски амбасадори во Македонија. Какви барања имаа од вас?

Точно е дека во последно време голем број од странските амбасадори во Република Македонија го посетија седиштето на СДСМ. На тие средби тие не дефинираа барања до СДСМ, ним нашите позиции и ставови им се добро познати, тие ги поздравуваат и поддржуваат. Она за што повеќе се интересираа, сакаа да ги слушнат нашите предвидувања и анализи за развојот на состојбите во државата и се разбира за напредокот кој во меѓувреме е постигнат во процесот на консолидирање и јакнење на СДСМ.

Дали нерешавањето на спорот до 7 декември може да доведе до обиди за уривање на власта кое би тргнало со дистанцирање на Албанците од неа?

Јас сметам дека ова е период во којшто сите, буквално сите во Република Македонија треба да се фокусираме на тоа како во декември во Брисел да постигнеме успех. Да постигнеме победа, да не се соочиме со нов пораз. Имаме голема историска шанса пред нас, со една одлука, со еден потег да станеме и членка на НАТО Алијансата и да ги почнеме преговорите со ЕУ или со други зборови да ја обезбедиме иднината и сигурноста на Република Македонија. Било какви коментари, анализи, дискусии околу можни сценарија после 7 декември во случај на неуспех, според мене, во овој период се контра продуктивно. За тоа – потоа. Да се надеваме дека такво нешто нема да се случи или како што вели една изрека за лошите работи никогаш не е доцна.

Дали договоривте некакви конкретни чекори со лидерот на ДУИ Али Ахмети?

Единствената работа која ја разговаравме со господинот Али Ахмети е токму онаа што и јавно ја соопштивме. Значи, како што реков пред малку, се наоѓаме пред исориска шанса која не смее да се пропушти. И двете партии даваат целосна поддршна на владата на премиерот Груевски за решавање, а не за блокирање на тој процес. Тоа се пораки на охрабрување и сметам дека се апсолутно позитивни и конструктивни. Не стана збор за никакви други сценарија, за никакви бунтови, рушења на владата, црни сценарија, сето тоа што се пласираше во јавноста е резултат и продукт на кујната на ВМРО ДПМНЕ, односно на нивниот пропаганден штаб. Зошто го правеа тоа? Јас не знам. Можеби како вовед на тоа што следеше, а тоа писмото што Груевски го упати до своето членство и со кое повикува на конечна пресметка со сите оние кои не мислат како него. Се разбира, и тоа писмо ќе остане без било каков ефект. Барем во случајот на СДСМ таквите закани само не прават посилни и порешителни.

Дали сте во некакви консултации со лидерот на ДПА Мендух Тачи?

Имав прилика во неколку наврати да се сретнам со господинот Мендух Тачи. Имам намера тоа да го правам и во наредниот период. И не само со него, туку се сретнав и со господинот Имер Селмани. Сметам дека тој тип на комуникација е апсолутно нормален, примерен, потребен и корисен во едно демократско општество. Најмалку што ќе си дозволам е некој друг, а тоа се моите политички противници од ВМРО ДПМНЕ да ми одредуваат со кого треба и со кого може да се среќавам.

Дали изјавата на функционер на ДУИ дека доколку не се реши спорот до 7 декември Албанците ќе влезат сами во НАТО и ЕУ претставува закана за можност од нов конфликт во Македонија или тоа се поединечни изјави кои немаат капацитет?

Тоа беше изјава на еден висок претставник на ДУИ, но сепак поединец. Јас ја оценив веќе претходно како крајно радикална и неприфатлива. Впрочем и самата политичка партија многу брзо после тоа се огради од таа изјава, што е добро и што говори за една свест во самата партија, во ДУИ, дека тоа не е патото којшто би одговарал, било на Македонците било на Албанците во Република Македонија. Но, исто така, треба да бидеме свесни, дека при една подолга блокада на нашите евро атлантски интеграции, можно е, јас не велам дека мора да се случи, но можно е, нашите сограѓани Албанци да почнат се погласно да го поставуваат прашањето до кога заради нерешените историски и идентитетски прашања на македонскиот народ тие ќе ја жртвуваат својата европска и евро атлантска иднина? Тоа не мора да води кон конфликт, но може да претставува еден генератор на постојани тензии, недоразбирања и намалување на меѓусебната доверба. За нас, процесот на евро атлантско интегрирање е исто така битен и значаен, затоа што колку сме поблиску до Брисел, толку повеќе сме интегрирани внатре во македонското општество.

Од каде оптимизам дека ќе ја вратите вашата партија на власт? По три години СДСМ не успеа посериозни да се приближи до гласачите, а последните анкети покажуваат дека вашата партија има низок рејтинг?

Прво, морам да кажам дека СДСМ од изминатите три години е сосема различен од СДСМ кој го создаваме и градиме во овие пет месеци. Се работи за нов СДСМ. Со нова исклучително квалитетна политичка партиска програма. Со многу нови луѓе кои внесоа ентузијазам и енергија во партијата. Со нов начин на функционирање. Ние сме секојдневно низ државата. Ги посетуваме сите градови, населени места, се среќаваме со граѓаните, ги запознаваме со нашите програмски определби. Граѓаните го препознаваат тоа. Поддршката на партијата се зголемува од ден на ден. Верувам дека многу скоро тоа ќе се покаже и на анкетите, говорам за оние објективните анкети. Со еден збор, убеден сум уште повеќе отколку порано дека на следните парламентарни избори СДСМ ќе победи.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG