Достапни линкови

Дневен печат - Најдено ли е решение за името?


Во очекување на средбата меѓу македонскиот и грчкиот премиер Никола Груевски и Јоргос Папандреу, во сите домашни медиуми доминира темата за спорот околу името.

Разбирливо, пред 7 декември, но, уште повеќе пред утрешната средба во грчкиот дел на Преспа меѓу премиерите Груевски и Папандреу, темата име и дали ќе се реши проблемот- доминира во сите домашни медиуми во изминативе 6-7 дена. ,,Дневник,, во долгата статија насловена: ,,Груевски оди во Преспа со вмровската програма,, ја објавува првата изјава на Груевски дадена во средата на еден локален настан во Скопје, откако речиси цела недела медиумите се занимаваат со најавената средба, дека нема големи надежи од неа и дека во јавноста не треба да се креира амбиент на лажни очекувања, алудирајќи, веројатно,на коалициониот партнер ДУИ кој веднаш ја поздрави средбата и сугерураше премиерот да покаже ,,државничка зрелост за да се затвори проблемот,, пишува ,,Дневник,,. ,,Утрински весник,, под наслов ,,Најдено ли е решение за името?,, го цитира германскиот европратеник во Стразбур Јоргос Шацимаркакис дека името е веќе најдено, но останува прашањето за неговото користење. ,,Вечер,, во еден наслов прашува дали со најавената средба во Преспа се менува климата во односите Македонија-Грција, а во друг пишува дека Америка ја поздравува средбата Груевски-Папандреу и ја објавува изјавата на амабасадорот Рикер дека средбата е шанса за напредок во преговорите. ,,Нова Македонија,, е забележливо најнегативно расположена спрема средбата и спрема прашањето за компромис, па во статијата со наслов ,,Пеколно бриселско сценарио за кршење на Македонците,, пишува дека, цитирам, ,,Ако македонските 'коминтерновски копилиња' не може да ја голтнат целата уцена одеднаш, тогаш Брисел ќе им ја сервира на парче,,. Во друг напис со наслов ,,Грција ги урива надежите на Брисел,, истиот весник пишува дека тоа што Атина ја повторува заканата со вето и официјално ги урива надежите на Брисел дека средбата Груевски-Папандреу ќе донесе напредок за решавање на спорот.
Речиси експлозија предизвика објавувањето на видео-снимка од интернет на таканаречените провладини телевизии, Сител, МРТ и Канал 5, на која Љубе Бошковски на српско-хрватски јазик чита извештај за настаните во Љуботен пред истражителите во Хаг, што беше пласирано со коментари дека Бошковски, всушност, сведочел против Јохан Тарчуловски. Хајката ја презедоа и печатените медиуми, при што, во нападите врз Бошковски предничи ,,Вечер,, кој на насловната страница објави негова голема фотографија врз која со црни букви е испишано ,,Предавник,,. Медиумите ја објавија изјавата на Бошковски дека тоа е сценарио на Груевски за да го покрие неуспехот во решавањето на проблемот со Грција и давањето македонска територија при дефинитивното обележување на границата со Косово. Филип Петровски, поранешен активен член на ВМРО-ДПМНЕ кој откако Груевски ја презеде партијата се повлече од политичкиот живот, деновиве, објави ,,Утрински,, застана на страната на Бошковски, стана потпретседателна Обединети за Македонија и изјави дека ,,ќе работиме на тоа да си ја вратиме назад партијата што сега ни е узурпирана,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG