Достапни линкови

Вести

Индија ќе може да користи нуклеарна енергија во цивилни цели

Индија и Соединетите Американски Држави ќе го финализираат договорот со кој на Индија ќе и се овозможи пристап до цивилна нуклерна енергија. Ова на заедничка прес конференција го соопштија американскиот претседател Барак Обама и индискиот премиер Манмохан Синг. Синг изјавил дека е убеден оти Вашингтон ќе го спроведе договорот што е можно побрзо. Обама пак, истакнал дека Соединетите Американски Држави сакаат да најдат начин да ги намалат тензиите меѓу Индија и нуклеарно вооружениот сосед Пакистан.

види ги сите денешни вести

Изречен доживотен затвор за свирепото убиство во Кочани

Обвинетиот осуден за доживотен затвор ја уби жртвата со 40-тина убоди со нож (илустрација)
Обвинетиот осуден за доживотен затвор ја уби жртвата со 40-тина убоди со нож (илустрација)

Казна доживотен затвор изрече Основниот суд во Кочани на обвинетиот за убиството на жената која во септември лани 40-тина пати беше прободена со нож.

Обвинетиот признал вина за кривичното дело за кое го товареше обвинителството – „убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин“.

„Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – ’уцена‘ кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, за што постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка“, велат од обвинителството.

Убиството предизвика низа реакции во јавноста, пред сè, од граѓанскиот сектор кој реагираа дека до вакви фемициди доаѓа поради непостапување на институциите.

Истражување на оваа тема насловено „Фемицидот во Северна Македонија – состојба, правна рамка и судска пракса“, во кое се анализирани четири години (од 2018 до 2022), покажува дека во овој период имало 17 постапки за фемицид за 19 кривични дела. Пет од сторителите биле во брак, пет во вонбрачна заедница, четири разведени и тројца неженети. Најголем дел од нив биле невработени. Како жртви се јавуваат нивните сопруги, сегашни или бивши, а потоа следат мајки, баби, или мајки на сопругата.

Мерка притвор од 48 часа за заменик-директорот на косовската полиција во Србија

Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција
Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, соопшти дека врз основа на информациите со кои располага, на заменик генералниот директор на косовската полиција Дејан Јанковиќ му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

Според него, тој е обвинет за уривање на уставниот поредок на Србија.

На прес-конференцијата по седницата на Владата, Свечља рече дека ден претходно „најмалку 1498 граѓани биле приведени, малтретирани, дека некои биле уапсени и испрашувани во врска со нивното минато, врските со ОВК, нивното или учеството на членовите на семејството во ОВК. како и нивните активности во текот на 1998-99 година“, рече тој.

Тој повика на ослободување на Јанковиќ, но и на другите граѓани на Косово кои според неговите информации се во притвор.

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека на Јанковиќ му е одреден притвор до 48 часа.

Како што беше соопштено, притворот на Јанковиќ е определен „за утврдување на фактите и потребните проверки во однос на безбедноста на Република Србија“.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека четворица припадници на косовската полиција биле приведени во средата на 17 април на територијата на Србија при гранична контрола, а еден од нив е приведен.

СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избори

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска иднина, го означија почетокот на кампањата „Нема откажување од иднината“, за претстојните парламентарни избори.

Со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, прати јасна порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.

„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигант до 1300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30 000 денари, минимална од 20 000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.

На настанот, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се осврна и на сработеното во изминатиот мандат на Владата предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, но и ги потенцираше мерките предвидени во програмата на Kоалицијата за европска иднина, опишувајќи ја програмата како реална, остварлива и заклучувајќи дека нема откажување додека секој ред од неа не стане реалност.

Ковачевски најави и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, рече Ковачевски во своето обраќање.

Ковачевски најави целосна реформа на судскиот совет и советот на јавни обвинители, драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Специјалистите, како што ветува СДСМ, ќе добиваат плати до 80 000 денари, општите доктори 120.000 денари, а медицински сестри до 90 000 денари, како и укинување на партиципацијата од 20 отсто за сите граѓани.

ЕУ бара од Република Српска да ги запре нацрт-законите кои го нарушуваат уставниот поредок на БиХ

Armenia-Flags of Armenia and EU, undated
Armenia-Flags of Armenia and EU, undated

Европската Унија го повика раководството на Република Српска да ги запре иницијативите за усвојување закони кои ќе го нарушат уставниот поредок на Босна и Херцеговина и ќе го загрозат нејзиниот европски пат.

Во денешното соопштение, ЕУ предупреди дека Собранието на Република Српска расправа за усвојување на законодавни иницијативи кои ќе го нарушат уставниот поредок на БиХ, функционалноста на нејзините институции и основните слободи и ќе бидат во спротивност со обврските на БиХ на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Очекуваме раководството на ентитетот да ги запре овие законски иницијативи, вклучително, пред сè, нацрт-законите за избори, референдум, имунитет и „странски агенти“, се додава во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

ЕУ нагласува дека мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучително и одлуките на Уставниот суд и меѓународниот идентитет на БиХ и додаваат дека секое дејство против овие принципи ќе предизвика сериозни последици.

Брнабиќ го прифати барањето локалните и белградските избори да се одржат во ист ден

Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија
Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, во четврток (18 април) најави дека локалните избори ќе се одржат на ист ден со изборите во Белград, на 2 јуни.

Таа на прес-конференцијата рече дека за оваа одлука ќе биде потребна измена на Законот за локални избори и оти очекува да распише избори на 21 април. Истакна дека разговорите со опозицијата траеле 17 дена.

Брнабиќ претходно изјави дека барањето на опозициската коалиција Србија против насилството (СПН) за комбинирање на одржувањето на Белград и другите локални избори е неуставно и неприфатливо.

„Ситуацијата во која се наоѓа нашата земја е исклучително тешка. Притисоците се секојдневни, разновидни и континуирани. Во такви услови ни треба што е можно поголема внатрешна стабилност. Доколку околностите во кои се наоѓа Србија беа поинакви, верувам дека мојата и одлуката би била поинаква“, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека ќе продолжи да работи според препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Брнабиќ повтори дека ќе се формираат две работни тела за подобрување на изборните услови.

Според неа, едното работно тело ќе се занимава со измени и дополнувања на сите релевантни закони со кои се применуваат препораките на ОДИХР, а другото ќе врши увид, контрола, надзор над избирачкиот список и по потреба негова ревизија.

Опозицијата на претходните средби изнесе три барања - формирање комисија која ќе го проверува избирачкиот список, отворање на Радио-телевизија Србија за сите учесници на изборите, како и одржување на изборите во Белград и локалните избори во ист ден.

Власта во принцип ги прифати првите две барања, а третото го отфрли, по што опозицијата најави дека не сака да преговара за првите две додека не се прифатат трите барања.

Изборите во Белград беа повторно распишани, бидејќи по гласањето во декември 2023 година, ниту една листа не освои мнозинство за да формира влада во Белград.

Неколку недели по изборите, во Србија се одржаа протести на кои се бараше поништување на изборите и распишување нови под различни услови.

Опозициските коалиции Србија против насилството и НАДА ја обвинија владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија (СНС) за изборна кражба.

На бројни нерегуларности за време на вонредните парламентарни, покраински и локални избори одржани на 17 декември во Србија укажаа и меѓународните и домашните набљудувачки мисии.

Надлежните постојано негираа дека имало посериозни изборни нерегуларности.

Во февруари, Европскиот Парламент усвои резолуција со која бара од властите во Србија да ја олеснат меѓународната истрага за наводните нерегуларности, со посебен осврт на изборите за градското собрание на Белград.

Борел: Земјите-членки на ЕУ треба да ги испратат противракетните системи во Украина

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел

Земјите-членки на Европската Унија треба да ги испратат своите противракетни системи за да се зајакне воздушната одбрана на Украина додека Русија ги напаѓа нејзините градови, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, предупредувајќи дека Европа не може да се потпре само на Вашингтон за помошта за Киев.

Повеќе од две години по почетокот на руската инвазија, Украина се соочува со недостиг на муниција, републиканците во американскиот Конгрес ја блокираат клучната воена помош, а ЕУ не успева да достави доволно муниција навреме.

„Имаме Патриоти, имаме противракетни системи. Мораме да ги извадиме од нашите касарни, каде што се за секој случај, и да ги испратиме во Украина, каде беснее војна“, изјави Борел за новинарите на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите -членки на Г7, кој се одржува на италијанскиот остров Капри.

„Во спротивно, електроенергетскиот систем на Украина ќе биде уништен. А ниту една земја не може да се бори без струја во домовите, во фабриките, за интернетот, за сè“, додаде тој.

Противвоздушната одбрана на Украина е клучно прашање за министрите собрани во Италија, откако Германија вчера апелираше до Европската Унија и НАТО да направат повеќе за да му помогнат на Киев.

„Сигурен сум дека ќе го направиме тоа, но мораме да го направиме брзо“, рече Борел, додавајќи дека жали што „внатрешната политика“ во Соединетите Држави го одложува многу потребниот пакет помош за Украина во вредност од 60,84 милијарди долари.

„Не можеме да зависиме само од САД. Мораме да ја преземеме сопствената одговорност и да престанеме да велиме: „Доволен е САД“, потенцираше високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

СОНК ќе протестира поради доцнењето на мартовската плата на културните работници

Јаким Неделков, претседател на СОНК
Јаким Неделков, претседател на СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) одржа вонредна седница на Советот на која одлучи „утре, 19 април со почеток во 13 часот, пред Министерството за култура да одржат протест поради доцнењето на платите во културата, понижувачкиот однос кон културните работници со неразбирливи обиди да се скрати нивното право за усогласување на платите со постоечките колективни договори и поради крајно понижувачкиот однос на државата кон сопствените културни институции и сопствената култура“.

Претходно, претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција рече дека веројатно ќе донесат одлука за протест, иако е период на избори, а ако проблемот се продлабочи, рече, веројатно ќе донесат одлука и за генерален штрајк во установите од културата.

На прес-конференцијата, на која присуствуваа и вработени во културата, СОНК изрази незадоволство од доцнењето на платата за март која, според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат до 15-ти односно до 10-ти во месецот.

Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државата, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто. Пресметките се изготвени од установите за култура, но нема одобрување од Министерството за финансии и покрај ветувањата на ресорната министерка.

„Иако министерката излезе и кажа дека ќе нема проблем со платите, во дејноста култура сепак има проблем за исплата на мартовските плати. Проблемот датира уште од октомври лани за септемвриската плата, кога вработените во културата добија решенија за плата со ограничена важечка вредност. Тоа значеше дека до март ќе важат тие решенија, од март ќе се применува систематизацијата минимална плата по коефициент, не сметајќи ги во меѓувреме зголемувањето на платите за 10 проценти по основ на Општ колективен договор. Тоа ни беше јасен сигнал што може да се случи во април за мартовската плата и, еве, навистина, нашата загриженост и реакции беа оправдани во однос на тоа што Министерството за култура на чело со министерката за култура имаа план, стратегија и цел платите наместо 12,55 проценти да се зголемат само за 2,5 проценти“, истакна Неделков.

Според него, веројатно Министерството за култура и не направило соодветен план за користење на средствата и, како што рече, „веројатно од таа причина Министерството за финансии не одобрува зголемени плати за над 12 проценти, толку колку што е зголемувањето на минималната плата во оваа година“.

Посочи дека имаат поведено и судски постапки во врска со промена на решенијата издадени од установите за култура, со цел како што рече, „да не се случи ова што се случи со мартовската плата“.

Најавата за протест на културните работници се случува во период на зголемени протести во многу сектори во земјава. Деновиве протестираа здравствените работници, специјализантите, вработените во Национални шуми, во Македонски пошти итн.

Османи: Србија држи во заложништво петмина косовски полицајци

Косовската претседателка Вјоса Османи
Косовската претседателка Вјоса Османи

Косовската претседателка Вјоса Османи во четврток (18 април) изјави дека петмина косовски полицајци се држат како „заложници“ во Србија, наведувајќи дека тоа е „шовинистичко злосторство“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља изјави дека во Рашка, Србија „без никакво објаснување“ се приведени четворица полицајци и заменик директорот на косовската полиција од српската заедница Дејан Јанковиќ.

Тој рече дека овој чин на Србија е преседан „помеѓу многуте акции и напади врз полицијата на Косово“.

„Ова е директен напад на Србија врз припадниците на сопствената заедница, српската заедница во косовската полиција кои наоѓаат волја и храброст да се приклучат на заедничкиот пат насочен кон услугата и безбедноста на сите граѓани и стабилноста на нашата земја“, рече Свечља на свеченото доделување дипломи на полициските кадети.

На церемонијата на доделување дипломи за кадетите на косовската полиција, Османи ја повика меѓународната заедница да дејствува по ова прашање.

„Ги повикуваме сите наши сојузници да го кренат својот глас и да ги зајакнат напорите да се запрат овие шовинистички ѕверства и акции против нашите граѓани и нашата полиција. Убеден сум дека денешната заклетва на сите овие кадети, оваа мултиетничка група е најмоќниот одговор“, рече Османи.

Министерството за внатрешни работи на Косово доцна во средата соопшти дека српските власти го држат заменик директорот на косовската полиција и уште четворица полицајци.

Косовскoто Министерство за внатрешни работи соопшти и дека заменик-директорот на полицијата од српска националност, Дејан Јанковиќ, од средата наутро е „во притвор без никакво објаснување“.

Јанковиќ, кој е од општина Штрпце, една од шесте општини со српско мнозинство јужно од Ибар, бил запрен на границата со Србија, Јариње, на северот на Косово и испратен на интервју во Рашка, во југозападно од Србија.

За ова прашање Радио Слободна Европа се обрати до Министерството за внатрешни работи на Србија, но одговор засега не доби.

Претходно, српското Министерство за внатрешни работи ги отфрли обвинувањата за приведување автобуси со државјани на Косово. Во соопштението беше наведено дека српската полиција никого не привела и не спречила влез и минување низ Србија, а во тек е само „засилена контрола на сите патници“.

Сепак, Министерството за надворешни работи на Косово извести дека стотици косовски граѓани биле приведени и испрашувани „без никакво објаснување“ во средата.

Министерството ги повика граѓаните на Косово „по секоја цена“ да избегнуваат патување низ Србија и додаваат дека за ова прашање се обратиле до Европската Унија и земјите од Квинта – САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија.

Над 20 слаби земјотреси регистрирани во Турција

илустрација
илустрација

Во турскиот град Токат денеска се регистрирани повеќе од 20 земјотреси, а најсилните беа со интензитет од 4,7 и 4,1 степени според Рихтеровата скала.

Најсилниот земјотрес бил во еден часот и шест минути по полноќ на длабочина од 9,97 километри, а вториот во два часот и 35 минути на длабочина од седум километри, соопшти турска Служба за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД).

Гувернерот на Токат, Нуман Хатипоглу изјави дека земјотресите не предизвикале жртви и материјална штета.

Лани во силниот земјотрес на Турција загинаа повеќе од 50000 луѓе во Турција и 6000 во Сирија.

Ердоган за големиот број жртви во земјотресот ги обвини градежните претприемачи кои им плаќале на локалните инспектори за да можат да користат евтини материјали и незаконски да доградуваат катови на зградите.

Критичарите на Ердоган одговараат дека повеќето од големите градежни компании во земјата се тесно поврзани со владејачката партија АКП.

Уапсени две лица во Германија под сомнение дека шпионирале за Русија

илустрација
илустрација

Две лица со двојно германско и руско државјанство се уапсени во Германија под сомнение дека планирале саботажи, вклучително и против воени објекти на САД, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопштија германските обвинители.

„Властите ги претресоа домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска разузнавачка агенција“, се вели во соопштението.

Еден од осомничените, идентификуван од властите како Дитер С., од октомври 2023 година разговарал за можни заговори со лице поврзано со руското разузнавање, се вели во соопштението. Дитер С. бил подготвен да изврши бомбашки напади и подметнување пожари врз воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, прецизираше обвинителството.

Според магазинот Шпигел, објектите ја вклучувале воената база Графенвоер во јужната провинција Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да користат американски тенкови Абрамс.

Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањата за коментар.

„Акциите беа особено насочени кон поткопување на воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG