Достапни линкови

Дневен печат - Меѓу името и новиот грип


Ширењето на новиот грип и првиот смртен случај во Македонија, се главни теми во македонските медиуми. Како ,,дежурна" тема низ медиумите и натаму остануваат случувањата околу преговорите за името со Грција.

Нови информации, кои доминираат во речиси сите медиуми од минатиот, па до овој четврток се ширењето на новиот грип, првиот смртен случај на еден заболен на Инфективната клиника во Скопје, дали вакцината е делотворна или штетна, зошто не се прогласи епидемија, зошто не се прекине наставата по училиштата, како и за крвничкото претепување на уредникот на таблоидното списание ,,Крема,, Зоран Василевски, што се толкува како уште еден напад врз македонското новинарство и доказ дека во Македонија слободата на печатот и на јавно искажаниот збор се на многу ниско ниво. Дежурната тема, инаку, македонско-грчките преговори за името, домашните партиски препукувања пред бриселскиот Ден Д- 7 декември и потезите на македонскиот државно-владин врв и натаму се тоа – дежурна тема. ,,Утрински,, бара власта да ги отвори картите за името и на јавноста да и' се обратат премиерот, претседателот и преговарачот, а ,,Дневник,, констатира дека преговарачката азбука повторно е на буквата ,,А,, и го пренесува ставот на СДСМ дека премиерот Груевски мора да ја преземе улогата на личност што на преговорите за името ќе им ја даде сериозноста,оти се' поочигледно било дека до 7 декември нема да се дојде до решение.Телевизиите и повеќето дневни весници ја пренесуваат изјавата на шведскиот претседавач со Советот на ЕУ, министерот Карл Билт за ,,Дојче Веле,, на македонски, кој бара од Скопје и од Атина да седнат на директни преговори, а ,,Дневник,, цитира анонимен бриселски дипломат кој и' забележува на власта што преговарачките позиции и стратегии се објавуваат во медиуми блиски до власта, велејќи дека тоа е погубна преговарачка тактика и акт со јасна политичка намера, мислејќи на информациите за последните грчки ставови кои најпрвин беа објавени на некои телевизии што се сметаат за блиски до власта, исто како и изјавата на премиерот дека тоа се максималистички ставови, што предизвика големо бранување во домашната јавност и повторно ги запали страстите. ,,Време,, објави дека неколку невладини организации кои важат за блиски до власта, под името ,,Движење на отпорот,, почнале со протести низ македонските општини за одбрана на уставното име, а чија цел била да испратат порака до светот и до Грција дека Македонија сакала во НАТО и во ЕУ, но дека не е подготвена на прифаќање на понижувачки услови какви што нудела грчката страна. Истиот весник објави дека, на две недели пред 7 декември, државно-владиниот врв почнува дипломатска офанзива со средби и писма во кои ќе бара поддршка за своите ставови. ,,Нова Македонија,, информациите за грчко-македонските работи ги објавува под наслов ,,Сега сите ќе глумат преговори,,и дека Нимиц планирал да ги посети Атина и Скопје со цел да покажел дека преговарачкиот процесс во рамките на ОН е жив. Главно ткн.опозициски настроени медиуми го толкуваат писмото од Груевски во кое тој го повикува членството на неговата партија на мобилизација за, цитирам, ,,последната битка со транзициските политичари до нивното исчезнување,, дека божем случајно се појавило во јавноста и дека тоа значи подготовка за уште едни вонредни парламентарни избори напролет, откако на 7 декември нема да има датум за преговори на Македонија со ЕУ.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG