Достапни линкови

Грција да не ја блокира Македонија, побарал Јолевски на средбата со Нимиц


Нимиц - Јолевски - Груевски 07.07.09 Скопје
Нимиц - Јолевски - Груевски 07.07.09 Скопје

Посредникот на Обединетите Нации Метју Нимиц, синоќа во Њујорк остварил средба со македонскиот преговарач за името Зоран Јолевски. Амбасадорот Јолевски го запознал Нимиц со македонскиот став во врска со неговите последни предлози, односно, модифицирани идеи од 7-ми јули годинава. Јолевски за Макфакс изјавил дека на средбата повторил оти Македонија е подготвена за наоѓање решение за името кое што ќе се базира врз принципите на меѓународното право и евро-атланските вредности. Тој ги искажал и очекувањата, - Грција да ја почитува времената спогодба и да не ја блокира интеграцијата на Македонија во евро-атланските структури, што би придонело и за создавање поволна атмосфера за решавање на ова прашање.


Ставовите на двете страни и натаму спротиставени

Засега не е познато дали во Њујорк ќе има и заедничка средба на Нимиц со двајцата преговарачи. Грчкиот преговарач Адамантиос Василакис, кој претходно оствари средба со Нимиц, повтори дека без решение на спорот со името, Македонија не треба да се надева на почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Овие позиции ги кажуваме јасно за да нема изненадувања и недоразбирања, изјави Василакис, наведувајки дека решението е сложено име со географска одредница за севкупна употреба. Вчера некои грчки медиуми објавија дека Македонија се согласила со името Северна Република Македонија, што веднаш беше демантирано од македонска страна. Премиерот Никола Груевски вчера изјави дека Грција воопшто не сака да преговара за идентитетските прашања на Македонија, што според него е каменот на сопнување во преговорите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG