Достапни линкови

logo-print

Падот на Берлинскиот ѕид го отвори патот до обединета Европа


Светски лидери, поранешни и сегашни, им се придружија на илјадниците германци на синоќешната централна прослава на еден од најзначајните настани во распаѓањето на комунизмот во Источна Европа пред 20 години, падот на Берлинскиот ѕид.

Поранешниот полски опозиционен лидер и претседател Лех Валенса со уривањето на првото домино во редот на илјадници други, симболично го означи паѓањето на Ѕидот кој 28 години го делеше Берлин. Тука имаше уште една симболика: се почна со полското
движење Солидарност чија активност го поттикна крајот на комунизмот во Источна Европа. Две години потоа дојде и до распаѓањето на Советскиот сојуз. Домаќин на прославите во Берлин беше германската канцеларка Ангела Меркел која порасна во Источна Германија и која беше меѓу оние првите што пред дваесет години го минаа Берлинскиот ѕид.

,,Падот на Берлинскиот ѕид значеше и конечен крај на Студената војна. Со тоа почна ерата на единство, правда и слобода во Германија, но и во цела Европа.,,

Изјави Меркел која заедно со американскиот државен секретар Хилари Клинтон и со лидерите на Франција, Британија и Русија претходно симболично ја минаа Бранденбуршката порта која скоро три децении беше зад ѕидот, на ничија земја. Американскиот претседател Барак Обама не присуствуваше не прославите, туку преку видео снимка порача:

,,Деветти ноември 1989 секогаш ќе остане запаметен во Соединетите држави. Како и многу други американци, никогаш нема да ги заборавам сликите од луѓето кои го уриваат ѕидот. Нема појасна осуда од тоа за тиранијата и посилна афирмација за слободата.,,
Падот на Берлинскиот ѕид значеше и конечен крај на Студената војна. Со тоа почна ерата на единство, правда и слобода во Германија, но и во цела Европа...


Рускиот претседател Дмитри Медведев ја потенцираше улогата на Советскиот сојуз кој со тогашните реформи ги намали стегите со кои во своја сфера ги држеше земјите од Источна Европа. Според рускиот лидер, ќе треба уште многу да се направи за да се избришат старите линии на поделба во Европа.

,,Би сакал да кажам тука во Берлин дека сите ние се надеваме оти го надминавме периодот на конфронтации. Транзицијата кон мултиполарен свет е многу важна за сите земји во Европа и светот.,,

Изјави Медведев. Државниот секретар Хилари Клинтон пак, им оддаде признание на источно германците:

,,И вечерва се потсетуваме на германците од двете страни на ѕидот, особено на оние од Исток кои конечно порачаа: Доста е. Слободата е наше вродено право и ќе ја земеме со свои раце.,,
Берлинскиот ѕид како најмоќен симбол на Студената војна падна по уличните демонстрации по што тогашната источно германска влада на 9 ти ноември пред дваесет години им дозволи на граѓаните да патуваат на Запад.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG