Достапни линкови

По падот на Железната завеса: среќни и разочарани


Берлин, ноември 1989

Берлин, ноември 1989

Дваесет години по падот на Берлинскиот ѕид, луѓето во земјите што некогаш биле зад Железната завеса имаат измешани чувства за промените што демократијата и капитализмот ги донесоа во нивните животи

Истражувањето го спроведе невладиниот Пју Истражувачки центар од Вашингтон и тоа во девет земји од Централна и Источна Европа. Станува збор за: Украина, Русија, Бугарија, Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Литванија, и поранешната Источна Германија. Споредено со идентичното истражување направено во 1991 година, веднаш по падот на комунизмот, може да се заклучи дека генерално, мнозинство од луѓето во овие земји се посреќни сега отколку што биле пред 20 години.

Од друга страна, пак токму тие сега се со помала поддршка за демократијата и капитализмот отколку пред паѓањето на Берлинскиот ѕид. Повеќето од оние под 50 години, се посреќни од настанатите промени отколку постарата генерација. Овој генерациски јаз е најширок во Бугарија и во Русија. Најсреќни луѓе од доаѓањето на демократија се Чесите, Полјаците, и граѓаните на поранешната Источна Германија, додека оние што изразуваат незадоволство се Русите, Украинците, и Бугарите.

Најнесреќни од промените што ги донесе капитализмот се Украинците. Во 1991 година, скоро три четвртини изјавија дека ја поздравуваат демократија, а сега со ваков став се помалку од една третина. Бројките се слични и во Русија, каде што едвај половина од испитаниците позитивно се изразија за демократијата. Во исто време за овие двесет години за половина се зголеми бројот на оние руси кај кои се зголеми националистичкото чувство и сега ги има над 54 насто.
Најсреќни луѓе од доаѓањето на демократија се Чесите, Полјаците, и граѓаните на поранешната Источна Германија, додека оние што изразуваат незадоволство се Русите, Украинците, и Бугарите...


Нешто поголем е процентот, 58 насто, на оние што се согласуваат со изјавата дека е голема несреќа тоа што Советскиот Сојуз веќе не постои, а речиси половина сметаат дека е природно Русија да биде царство. Во Унгарија пак, поддршката за капитализмот пред дваесет години беше 80 насто. Сега таа изнесува 46 проценти. Веднаш зад Унгарија е Украина каде што 62 насто од граѓаните сметаат дека нивните животи биле подобри од пред паѓањето на Железната завеса.

Студијата идентификува и позитивен тренд во регионот, а тоа е намалувањето на етничките непријателства. Имено, сега многу помалку луѓе имаат неповолни ставови за етничките малцинства. Инаку, корупцијата е на врвот на листата на загриженоста кај луѓето во шест од деветте земји опфатени со истражувањето кое беше спроведено во август и септември оваа година.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG