Достапни линкови

Денко Малески, Професор


Денко Малески, професор
Денко Малески, професор

Не гледам апсолутно никаква можност прашањето за името да се затвори во рок од шест недели, бидејќи прашањето е премногу сериозно. Ние сме во една нова фаза на спорот со Грција кога проблемот сега има и додатна тежина, со проблемот на дистинкција помеѓу идентитетите.

Професоре постои ли можност до декември да дојдеме до решение за проблемот со името?

Не гледам апсолутно никаква можност тоа прашање да се затвори во рок од шест недели, бидејќи прашањето е премногу сериозно. Ние сме во една нова фаза на спорот со Грција кога проблемот иницијален, почетен, врзан за дистинкција помеѓу државата Република Македонија и грчката провинција Македонија, сега има додатна тежина со проблемот на дистинкција помеѓу идентитетите: Кој е македонскиот идентитет? Тоа успеавме да го направиме така што влетавме во стапицата на антиквизација, а такви проблеми, разрешување на идентитески теми се работа на една подолгорочен напор не само на политиката, туку и на општеството во целина.

Што ако тоа не се случи. Постои ли каква и да е можност да добиеме датум за преговори без да дојдеме до решение за името?

Во крајна инстанца ние нема да можеме да станеме членка на ЕУ, без да го решиме овој проблем, тоа е ставот на Грција, дали тоа тие ќе го направат, веднаш сега на состанокот во декември, мислам да, постои и можност да се одложи целата работа доколку тоа го процени ЕУ за да ни се даде уште време, меѓутоа тој проблем на надворешен притисок е едно нешто, второ е нашата воља, нашата спремност, сериозно, искрено да се зафатиме со решавање на проблемот што предполага една внатрешна поинаква ситуација на соработка, на обединување, на барање излез, на заборавање на тие политички подметнувања кои што често се користат во вакви деликатни теми.
Denko Malevski
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:22 0:00

Мислите дека е невозможно да се добие датумот за преговори, доколку не излеземе со некаква барем добра воља или што?

Нешто сериозно треба да се случи, веројатно, а и самиот датум не е гаранција за членство, бидејќи во секое од тие поглавја, незнам колку пати може земјата членка Грција, да не блокира. Меѓутоа она што е многу интересно: Како ние заборавивме на НАТО? Оддеднаш НАТО не е важен, а секогаш во овие проблематични земји прво се инститира на влез во безбедносната структура, па потоа се оди кон европска интеграција. Ние тоа го оставивме како, па ете добро не не сакаа во НАТО, просто е запрепастувачки како заборавивме така голема награда за Македонија и сега се концентрираме на ова второво. Меѓутоа ова второво го правиме на идентичен начин како политика. Со иста реторика, идентична реторика, како пред НАТО самитот. Ние се обидуваме да ги исполниме сите услови, ние ќе работиме на условите, ние веруваме во Европа, во правото и слободите на Европа итн, ама неможеме да ја разбереме реалната политика на меѓународните односи кои што велат ова: Не очекувајте како држава од нас, да одиме дотаму во поддршка со вашата политика, која што ќе ги загрози наш
ите односи со една наша членка, партнер земја. И тоа е тој ,,железен" закон на меѓународната политика, дека сојузите се формираат да си ги бранат интересите на своите членки пред се, а не на оние кои што се дојдени и да не заборавиме, затоа е и битката да се влезе во сојузот од страна на Македонија, за и ние да добиеме една таква помоќна позиција заедно со другите. Но, тоа неможеме да го оствариме без да ја разбереме таа реалност и без да најдеме излез за неа.

Зошто тогаш Европската Комисија ја донесе таа техничка одлука да даде препорака за добивање датум? Има ли политика во сето тоа, да се изразам со јазикот на европските дипломати, охрабрувањето да дојдеме до решение за името?

Извештајот во еден дел е признание за работата на Владата и на некои претходни кои што работеле во таа насока, но во еден друг дел е сериозен притисок врз владата на Македонија, а имено еве Ви пружаме рака, Ве молиме помогнете ни, да ви помогнеме, пробајте да најдете решение за овој проблем. Ништо по јасно од тоа неможе да се каже, и мислам дека тука е она во кое што можеби ќе се направи најголемата грешка од страна на нашата Влада, едноставно да го прокнижи ова како свој успех, без да ја разбере втората димензија, притисокот и тогаш може да влеземе во уште проблематични ситуации.

Се зборува за некаква тајна дипломатија, ќе се очекуваат ли нови предлози? Кои се тие нови потези и чекори кои што сега може да ги очекуваме на планот на решавањето на проблемот?

Мислам дека се залудни тие шпекулации за некакви големи пробиви преку тајна дипломатија, директни преговори, затоа што проблемот е јасен, проблемот е многу тежок, бара целото општество да се соочи со него, бара институциите, интелегенцијата да не бегаат од проблемот, јавноста, печатот, медиумите, да учествуваат на еден конструктивен начин во сето тоа, бидејќи ова е претежок проблем само за политичката елита на Македонија и тоа не целата политичка елитка кој знаеме тешко гради единство, туку за врвот на владеачката партија. Тоа е претежок проблем и тоа тие неможат да го извлечат, побрзо ќе оди државата во некаква криза, отколку што тие ќе се жртвуваат. Бидејќи станува збор за една комплетна ревизија на нашата домашна и надворешна политика, ни трошка од национализам, ни трошка од иредентизам, еден модерен поглед на Европа, на човекови права за нашите луѓе преку границата, без никакви фантазии за една Македонија, од три дела, пак ќе биде цела и такви глупости, кои што ќе не воведат само во невољи и кои што неможат да се остварат и не остваруваат ништо освен подобра позиција на оние кои што ја водат домашната политика да останат на власт.

Што е тоа што сега ќе инцира нови потези, ќе се чека ли нов предлог, или како стојат сега позициите, како Вие тоа го гледате?

Па, имам впечаток дека пред одењето на администрацијата на Џорџ Буш, беше постигната некаква согласност околу последниот предлог на Нимиц, меѓу неколку страни кои учествуваат во спорот, Македонија, Грција, па и Американците на некој начин, а тоа е во две фази да се реши проблемот, тоа е она што стои на хартија. Имено, во првата фаза да се реши прашањето за името, да остане отворено барање решение за името на јазикот и името на нацијата, тука имаше две позиции истакнати и дури потоа да се дојде до она што се нарекува финален договор, бидејќи Вие знаете дека 1995 година потпишавме времена спогодба или привремена, додека не се реши главниот проблем. Главниот проблем беше името, а сега стана и проблем за дефинирање на јазикот и на нацијата со некаква додавка и тоа ја прави сложена ситуацијата и тоа е веројатно начинот на кој што ќе се решава проблемот во две фази. Кое решение е најдобро, тоа треба да се мисли многу сериозно, ама само во моментот кога ќе биде јасно секому дека без компромис неможеме веќе напред.
XS
SM
MD
LG