Достапни линкови

Обесштетување за борците на ОНА?


Али Ахмети, претседател на ДУИ
Али Ахмети, претседател на ДУИ

Министерот за труд и социјала Џелал Бајрами изјави дека се започнати преговорите за ВМРО ДПМНЕ за обесштетување на припадниците на ОНА. Владеачката партија молчи, а здруженијата на бранителите од воениот конфликт силно негодуваат

Здруженијата на бранителите од воениот конфликт во 2001 година велат дека за нив е неприфатливо какво било обесштетување на поранешни припадници на ОНА, повредени во конфиктот или пак на семејствата на загинатите членови на ОНА.

Министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами, деновиве изјави дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за обесштетување на припадниците на ОНА се започнати. Тој изјави дека се надева оти до крајот на годинава ќе се најде решение што ќе биде прифатливо и за Владата и за таа категорија граѓани. Сепак, борците на ОНА, веројатно нема да се обесштетуваат со посебен закон, туку решението ќе се бара во веќе постојните закони.
Претседателот на здржужението Достоинство, Стојанче Ангелов вели дека нема да дозволат државата да ги обесштети оние кои ја нападнаа истата таа држава. Ангелов вели дека немаат ништо против семејствата на загинатите припадници на ОНА и воените инвалиди од нивните редови да добијат праведна оштета, но од оние за кои што се бореле, а не од државата.

,,Доколку државата макар и на само еден припадник на ОНА му даде било какви бенефиции поради неговото учесетво во конфликтот во 2001 година, на тој начин државата ќе ја легализира нивната борба и ќе го легализира користењето на оружје за постигнување политички цели."

Премиерот Никола Груевски
Тој посочува дека наредната недела, Централното собрание на Здружението ќе одлучува за наредните чекори. Сепак, Ангелов смета дека владата нема да дозволи материјално згрижување на борците на ОНА.

Идентичен став по ова прашање има и претседателот на здружението „Бранител 2001“ од Куманово, Предраг Петрушевски. Немаме ништо против обесштетување на цивилните жртви од конфликтот, вели Петрушевски.

,,Додека припадниците на ОНА кои учествувале во овој конфликт, контра нас, тиа бараат исти права, со тоа не можеме да се сложиме."

Петрушевски вели дека здружението се уште не одлучувало за понатамошните чекори.

,,Ќе ни остане само голема горчина и изгубена верба во државата и институциите. Лично јас не можам сам ништо да преземам, а понатамошните чекори ќе се координираат со сите здруженија."

Опозициските партии од албанскиот политички блок обвинуваат дека ДУИ сака да го реши ова прашање на срамен начин, изедначувајќи ги повредените и загинати борци на ОНА со жртви од сообраќајна несреќа. За СДСМ, пак, обесштетувањето на припадниците на ОНА е доказ дека премиерот Никола Груевски не ја зборува вистината со тоа што прво го негираше мајскиот договор со ДУИ, а сега, како што велат, го исполнува договореното. Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, молчат дали за нив е прифатливо обесштетувањето на припадниците на ОНА.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG