Достапни линкови

САД сакаат безбедна Европа, која се проширува


Џо Бајден, интервју за РСЕ

Џо Бајден, интервју за РСЕ

Американскиот потпретседател Џо Бајден, во интервјуто за Радио Слободна Европа, изрази надеж дека за време на европската турнеја, во минатата недела, успеал да ги отстрани страхувањата на државите од Источна Европа, дека подобрувањето на односите меѓу Вашингтон и Москва, ќе биде на нивна штета. Бајден додаде дека Соединетите Држави нема да дозволат Русија да спречува некои земји да влегуваат во сојузи по свој избор.

Соединетите Држави не ги занемаруваат своите сојузници во Европа и обидите за подобрување на односите со Русија нема да бидат на штета на ниедна држава, изјави потпретседателот Џо Бајден.

“Ние сакаме да ги ресетираме односите, но ние нема да ја избришеме и меморијата. Ставивме јасно до знаење, и јас јасно кажав, постојат принципи за кои нема преговори. Вашингтон нема да толерира каков било обид на Москва да го шири своето влијание или пак да става вето за желбата на некоја држава да се приклучува во сојузи”.


Бајден, по посетата на Варшава, Букурешт и Прага, изјави дека овие земји се согласиле да бидат дел од новиот американски анти-ракетен систем. Тој додаде дека светските обврски на Соединетите Држави и фокусирањето врз земји како Северна Кореја, Иран и Пакистан, не значи дека администрацијата на Барак Обама ја занемарува Источна Европа.

“Мојата порака е едноставна, зошто ние сакаме да останеме целосно инволвирани во Европа. Бидејки, за да се соочиме со другите обврски, потребна ни е безбедна и слободна Европа, која се проширува”.

Во врска со идниот развој во Русија, Бајден смета дека сега е еден од клучните моменти во историјата, каде што таа треба да реши за својата идна улога.

“Моите очекувања се дека Русија ќе реши во наредната декада дека нејзин интерес е поголема интеграција”.

Бајден изрази уверување дека Москва ќе ја напушти авторитарната улога и конфронтирачката меѓународна политика, која преовладуваше во минатата деценија. Во врска со Авганистан, американскиот потпретседател ги отфрли како неточни информациите во некои медиуми дека специјалниот пратеник Ричард Холбрук не е добредојден во Кабул, а му оддаде признание и на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, кој се согласи на одржување втор круг од претседателските избори.
Бајден оцени дека во Пакистан има прогрес во битката против талибанците и припадниците на Ал Каеда и оти Соединетите Држави ќе продолжат да му помагаат на Пакистан, но оти нема планови за испраќање на воени сили. Во врска со преговорите со Иран за неговата нуклеарна програма, Џо Бајден изјави дека Вашингтон притоа нема да ги игнорира човековите права и демократијата.

“Веруваме дека поголемиот дел од луѓето во Иран се пријателски спрема Соединетите Држави и тие минуваат низ тежок период на одлуки како да се справат со сопствената влада. Но, интерес на светот, на иранскиот народ и на Европа е Иран да не произведе нуклеарно оружје”.

Изјави американскиот потпретседател Џо Бајден во интервјуто за Радио Слободна Европа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG