Достапни линкови

Зоран Стефановски, претседател на Советот за радиодифузија


Зоран Стефановски, претседател на Советот за радиодифузија

Зоран Стефановски, претседател на Советот за радиодифузија

Јас би рекол дека шансите се големи да се загрози независноста на медиумите, бидејќи како прво рекламирањето, владините реклами, не одат рамномерно на сите медиуми, прво и основно. Значи одат кон одредени медиуми, со повеќе средства и повеќе време, за разлика од тоа што во други медиуми воопшто и не се појавуваат тие реклами

Г-дине Стефановски дали преку рекламирањето на телевизиите, Владата и политичките партии ја загрозуваат независноста на електронските медиуми?

Па, јас би рекол дека шансите се големи да се загрози независноста на медиумите, бидејќи како прво рекламирањето, владините реклами, не одат рамномерно на сите медиуми, прво и основно. Значи одат кон одредени медиуми, со повеќе средства и повеќе време, за разлика од тоа што во други медиуми воопшто и не се појавуваат тие реклами. Самото рекламирање кое што трае 365 дена во година, значи тоа се огромни средства, Владата на Република Македонија за жал е еден од најголемите маркетиншки субјекти во оваа држава, самите тие средства кои што влегуваат сугерираат дека може да постои опасност од нарушување на независноста и како што кажавте да влијае и на професионалноста на тие медиуми.

Што може Советот за радиодифузија да направи како тело, може ли некако да реагира?

Многу малку, да не кажам воопшто неможе да реагира. Уредувачката политика е простор каде што Советот не се меша, второ е маркетингот, таму не можеме да влијаеме. Тие се комерцијални радиодифузери и тие најнормално си имаат своја политика која се однесува на маркетингот, неможеме да влијаеме. Ние можеме да влијаеме на јавната свест во државата, бидејќи сепак тоа се буџетски средства и се издвојуваат за кампањи кои најчесто не се од јавен интерес, туку се кампањи како резултат на активностите на Владата на РМ. Така што реално неможеме да влијаеме, но можеме да ги критикуваме и да ги осудиме.

Политичките партии исто така имаат законска можност да донираат пари за медиумите. Дали се размислува за менување на оваа законска одредба?

Секако, тоа е интересно прашање и многу актуелно во моментов. Ние веднаш по изборите и за време на самите избори, кога беше донесен новиот изборен законик реагиравме на тој член каде што се дефинирани донациите во изборниот законик. Сметам дека тука се отвара голем простор за манипулации, тоа не е додефинирано прашање. Значи, таа разлика помеѓу вистинската цена и платената цена, разликата преставува донација. Сега кој на кого му дава донација, како таа донација ќе се одрази врз политичкиот субјект кој учествува во политичката кампања, дали даа донација важи за сите? Тоа се многу важни прашања и сметаме дека тоа мора да се дефинира максимално брзо и максимално строго со голема контрола врз овој дел, ако воопшто постои понатаму, бидејќи отвара, само по себе, простор за манипулации и отвара сомнеж дека може да дојде до злоупотреба или корумпирање на самите медиуми од страна на одредена политичка партија. Вие знаете, само да споменам дека, за време на изборна кампања Владата на Република Македонија, ниту пак единиците за локална самоуправа, не смеат да трошат буџетски пари за реклами. Значи тие неможат на истиов начин како 365 дена во годината што се одвива кампањата, не смеаат во тој период. Така да доколку некој медиуми ги добил парите претходно, нели со донација, би можел дел од тие средства да ги оправда.

Во изминативе неколку години во земјава се отворија повеќе електронски медиуми. Дали тоа придонесе кон поголемо професионално работење на медиумите?

Во Република Македонија неизбежно влегоа нови платформи како и секаде. Значи новата технологија не не изостави и нас како држава. За жал, искрено ќе ви кажам, јас лично сметам дека тоа не придонесе за зголемување на квалитетот. Пред се поради тоа што сите медиуми се обидуваат со купена програма да ја придобијат својата публика, многу малку размислуваат за сопствена продукција. Телевизија која што нема сопствена продукција неможе да смета на некоја голема и блескава иднина. Сепак треба да се издвојат повеќе средства и да се работи многу повеќе на сопствената продукција.

Дали од ЕУ досега имало негативни забелешки за состојбите во електронските медиуми?

Да. Мислам дека една од забелешките ја споменавме, тоа се владините кампањи кои што се цело време присутни, понатаму забелешки има во поглед на сопствеништвото во одредени медиуми. Значи од аспект на мешање на политиката во независноста на медиумите, имаме медиуми кои што можеби не се сопственост на тоа лице што е во политиката, но се сопственост на лица кои што се блиски до него. Така што самата таа сопственост и да речам политичко инволвирање на тие личности, што ги става под знак прашалник, независноста и објективноста на медиумиуте. Значи треба да се допрецизира во законот, кои лица и кои лица поврзани со нив, неможат да бидат оснивачи на медиум, од аспект да се избегне поврзаноста на било кој медиум со било која политичка партија.

Дали овие забелешки се доволно сериозни? Дали би можеле да ја спречат Македонија на патот кон евроинтеграциите?

Не, не напротив, мислам дека се работи за конкретни забелешки кои на конкретен начин се решаваат. Ние веќе инициравме измена и дополнување на законот за радиодифузна дејност, значи самите почнавме да предлагаме измени, работиме се разбира заедно со Министерството и со други институции инволвирани во оваа област, но работиме и на изборниот законик. Во сите тие измени што сакаме да ги направиме се работи за допрецизирање и за избегнување на тие вакум простори што ги има во нашите закони, во законите кои што на одреден начин не поврзуваат и нас како Совет. Сметам дека со таквите законски измени ќе се дорегулира, ќе се допрецизираат некои прашања, но сметам дека генерално, како што и овој испит го полагавме годинава, тоа беа претседателските и локалните избори, значи ги положивме и како медиуми и како регулатор, а оценките кои што ги добивме беа навистина извонредни, едни од најдобрите што сме ги добиле досега. Сепак тоа не треба да не залаже, имаме уште многу работа и сметам дека со одредени измени во законот, веќе наредните избори уште поспремно и попрофесионално ќе ја завршиме својата работа.

Дали Советот е задоволен од наплатата на радиодифузната такса? Дали сметате дека постои отпор од населението кон оваа давачка?

Не, не сме задоволни ниту ние, а уште помалку Јавниот сервис кој што има, прво, обврска да ја собира радиодифузната такса, а од друга страна има потреба од таа радиодифузна такса. Сега за сега, со активностите кои што се покренати се собираат само средства од правните лица, додека физичките лица, односно домаќинствата сеуште не се дојдени на ред, можам да кажам. Не сум сигурен дека оваа идеја за собирање на радиодифузната такса, ретроактивно, значи за изминатата година, е баш среќно избрана, бидејќи сметам дека ќе создаде отпор и веќе создава отпор кај граѓаните иако сметам дека е сосема оправдана, бидејќи обврската е една година наназад, за плаќање на такса. Таксата е јавна давачка, кај граѓаните постои забуна. Таксата е јавна давачка со која што не се плаќа Македонската Телевизија, се финансира целиот радиодифузен сегмент. Значи предавателите и врските, односно македонската радиодифузија, во мал процент и Советот за радиодифузија, во најголем процент и Македонската телевизија. Јавниот сервис е неопходност, јавниот сервис треба да биде наша гордост и наше најнезависно медиумско тело, односно најнезависен електронски медиум, бидејќи без тој медиум ние не ќе можеме да исполниме еден од условите, кои што никој не го споменува сега, за влез во Европската Унија. Исто така сметам дека треба да се направат напори и ги правиме тие напори, бидејќи веќе одржуваме состаноци, Советот за радиодифузија и МРТВ на кои што се обидуваме преку законски измени да ја засилиме улогата на органите и телата во МРТВ и да го најдеме оној најсигурен и најефикасен начин за наплата на радиодифузната такса. Македонската телевизија треба да има стабилен и независен извор на финансирање.

Кога сме веќе кај Македонската телевизија, минатата година се создаде законска можност за ставање под стачај и евентуална ликвидација на јавниот сервис. Дали таквата можност сеуште постои?

Тоа наиде на големи отпори. Видете, не доаѓа во превид да се донесе во стечај или ликвидација, јавен сервис. Така што таа идеа е апсолутно не прифатлива ниту кај нас, ниту пак од страна на европските претставници кои што го кажаа тоа јавно, така што таа идеа е потполно напуштена и ми се чини дека нема повторно да се покрене таа идеа.
XS
SM
MD
LG