Достапни линкови

Ракометарките ги почнуваат квалификациите за ЕП


Македонската женска ракометна репрезентација денеска ги почнува натпреварите за квалификација на Европското Првенство што во декември наредната година ќе се оддржи во Данска и Норвешка. Потребно е да бидеме најмалку втори во групата со Хрватска, Холандија и Литванија.

Четири месеци по неуспехот во баражот за СП во Кина, и елиминацијата од Австрија, македонската женска ракометна репрезентација е пред нов предизвик. Денеска нашите сениорки ги почнуваат квалификациите за ЕП кое во декември наредната година ќе се одржи во Данска и Норвешка. За пласман на тој собир и враќање на врвата ракометна сцена треба да бидеме најмалку втори во групата со Хрватска, Холандија и Литванија. Репрезентации кои во никој случај не смеат да се потценат, но селекции против кои, според домашната јавност, можеме да се избориме за визата за Еуро. Тоа е мислење и на членовите на националниот тим, иако селекторот Јошко Петковиќ ја спушта топката:

,,Желбата е присутна. Шансите за пласман на Европското првенство постојат, но составот е многу променет. Сега немаме квалитетен клуб - репрезентација, како во минатото Кометал Ѓорче Петров, а тимот е спој на млади и неколку поискусни ракометарки, кои допрва треба да се воиграат. Тоа можеби ги прави противниците поквалитетни од нас, што секако не значи дека се откажуваме од Еуро. Но, најзначајно е навивачите да бидат трпеливи, а девојките со голема борбеност и со давање на максимумот, верувам, ќе ги исполнат очекувањата."

Изјави Петковиќ. И ракометарките се согласуваат дека финансискиот колапс на поранешниот европски првак Ѓорче Петров, е сериозен проблем за националниот тим. Сепак, тие се уверени дека тоа нема да биде ненадоместлив минус во квалификациите, а голманот Тања Андреева, изјавува:

,,Тоа точно дека негативно влијаеше врз репрезентацијата, но играчите што беа во Кометал си најдоа свои клубови и мислам дека нема да има никаков проблем. Тие не се излезени ниту од форма, ниту од играње."

Вели Андреева, една од неколкуте репрезентативки кои летоска, дресот на единствениот македонски шампион, го заменија токму со оној на тимот од Автокоманда. Колку тоа ќе го намали хендикепот што сега немаме клуб - репрезентација, ќе видиме веќе вечер по 20 часот и 30 минути, против Литванија во салата Кале, но и в недела во Холандија. На овие два меча, за одржување на шансите за пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент, потребна ни е барем една победа. Императив кој, според пикерот Робертина Мечевска, имаме сили да го исполниме.

,,Секогаш ракометарките се борат за победата, ќе видиме, ќе се бориме нормално, па се надеваме на победа и на двата натпревари. Пред се првиот натпревар ни е поважен, бидејќи се игра на домашен терен, ако тргнеме на победа на овој натпревар, потоа можностите ни се отворени за Европското Првенство."

Рече Мечевска, која заедно со колешките од националниот тим, за остварување на целта, бара и голема поддршка од трибините.


XS
SM
MD
LG