Достапни линкови

Неделен печат - ,,Опасни српски инсталации во Македонија"


Изминатава недела неделникот ,,Сега" донесува интервју со поранешниот премиер Љупчо Георгиевски кое го најавува со наслов ,,Опасни српски инсталации во Македонија", а ,,Глобус" на почетната страница објавува - ,,Македонски политичари шпионирале за Бугарија" како најава за книгата на Велизар Енчев.

На насловната страница неделникот ,,Сега,, интервјуто со Љупчо Георгиевски го најавува со интригантен наслов ,,Опасни српски инсталации во Македонија,, за во поднасловот да го цитира поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ: ,, На Никола Груевски историјата му ја пишува Блаже Ристовски, македонскиот Томо Брадина, а дневната политика му ја води Драган Павловиќ-Латас,,. Инаку, Томо Брадина е извесна личност од с.Тресонче, во Македонста енциклопедија застапен во одредницата за преродбениците, а според Георгиевски, наводно, бил агент на Белград. Интервјуто со Георгиевски, главно, е и инспирирано од Македонската енциклопедија, за којашто Георгиевски вели дека е антибугарска, антиалбанска, антигрчка, антинатовска и просрпска, и дека сите личности во неа се одмерени со дневно-политички аршин. Во интервјуто за ,,Сега,, Љупчо Георгиевски оценува дека Груевски е опседнат со еден крајно сомнителен патриотизам и со национализам и смета дека ДПМНЕ целосно е отклонето од изворната идеја на ВМРО со ткн.антиквизација и дека тој не може да се согласи со таквата политика.
Неделникот ,,Глобус,, на насловната страница објавува: ,,Македонски политичари шпионирале за Бугарија,, всушност најава за пошироката статија за книгата ,, Јас бев во разузнувањето,, на Велизар Енчев, долгогодишен дописник од Белград на весникот ,,Отечествен фронт,, и на Бугарската национална телевизија во времето пред и по распаѓањето на СФРЈ, инаку награден за шпионската активност во Македонија и Србија со амбасадорско место во Загреб, при крајот на 90-те години на минатиот век од тогашниот бугарски претседател Петар Стојанов. Во книгата тој опишувал како патувајќи низ земјава создавал мрежа на агенти од пробугарски ориентирани македонски граѓани во повеќе градови и села во Македонија. Неколкумина од тие агенти станале видни македонски политичари, но од разбирливи причини, Енчев во книгата не ги објавува имињата на тие луѓе. Без нивната помош беше невозможно да се наложуваат бугарските интереси во Вардарска Македонија, објаснувал Велизар Енчев во својата автобиографска книга.Тој ја организирал и првата официјална посета на Љупчо Георгиевски и на Доста Димовска на Софија во 1992-та.
Неделникот ,,Форум,, објавува пошироко интервју со Васко Наумовски, вицепремиер за евроинтеграции, а пред скорешното објавување на есенскиот извештај за Македонија. Наумовски, покрај другото, вели дека Европската комисија не е таа што определува датум за преговори. Комисијата или препорачува, или не препорачува почеток на преговорите. Таа ја има улогата да ја процени подготвеноста на државата да влезе во фазата на преговори, врз основа на констатираната подготвеност во повеќе области.Ние не бараме од ЕУ да ни прогледа низ прсти, само да биде фер, го цитира во насловот на интервјуто, неделникот ,,Форум,, вицепремиерот Васко Наумовски.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG