Достапни линкови

Барак Обама изненаден од Нобеловата награда за мир


Барак Обама

Барак Обама

Добитник на годинешната Нобелова награда за мир е американскиот претседател Барак Обама, е соопштено денеска во Осло. Во образложението се вели дека наградата му се доделува за неговите големи заложби за зајакнување на меѓународната дипломатија и соработката меѓу народите. “Само ретки личности како Обама го преокупираат светското внимание и им даваат надеж на луѓето за подобра иднина. Неговата дипломатија е заснована врз концептот, според кој, оние што се лидери во светот мора да работат врз вредностите што ги споделува мнозинството на светската популација”, нагласува Норвешкиот Нобелов Комитет. Претседавачот со Комитетот, Тјорнборн Јагланд изјави
Комитетот ја имаше предвид големата важност на визијата на Обама и неговото работа за свет без нуклеарно оружје

“Комитетот ја имаше предвид големата важност на визијата на Обама и неговото работа за свет без нуклеарно оружје”.

Обама, како претседател, креираше нова клима во меѓународната политика, а мултилатералната дипломатија повторно има централна позиција со нагласена улога на Обединетите Нации.
Инаку, годинава за престижната Нобелова награда за мир имаше рекордни 205 номинации, а за многумина одлуката за Обама е изненадување. Барак Обама изјави во Вашингтон дека изненаден и смирен од одлуката на Нобеловиот Комитет и оти на наградата не гледа како на признание само за него, туку повеќе како на афирмација на американското лидерство во постигнувањето на аспирациите на луѓето од сите нации.

“Да бидам искрен. Не чувствувам дека заслужувам да бидам во друштво со многумина маркантни личности кои ја добиле оваа награда”.

Во светот главно позитивни реакции за изборот на Обама за годинешен добитник на Нобеловата награда за мир. Шефот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо изјави дека наградата ќе ги охрабри луѓето кои се надеваат на побезбеден свет. Германскиот канцелар Ангела Меркел истакна

“Неговиот повик за свет без нуклеарно оружје е цел која сите ние би требало да се обидеме да ја оствариме”.

Францускиот шеф на дипломатијата Бернар Кушнер нагласи

“Би сакал да му честитам. Сега ќе треба уште повеќе да се докажува”.

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони, на прес конференција во Рим, изјави

“Додека имавме состанок на кабинетот дознавме дека Обама ја доби Нобеловата награда за мир, што предизвика овации. Претседател, добитник на Нобелова награда, ќе биде инвестиција за иднината”.

Поголемиот дел од арапски политичари оценија дека наградата за Обама е заслужена, но повеќе за неговите намери отколку за досега оставреното.
Барак Обама е трет американски претседател, добитник на Нобелова награда за мир за време на мандатот. Прв ја доби Теодор Рузвелт во 1906-та, а потоа Вудроу Вилсон во 1919-та. Џими Картер ја доби наградата како бивш американски претседател во 2002-ра година, а бившиот потпретседател Ал Гор во 2007-ма.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG