Достапни линкови

Неделен печат – ,,Бумеранг ефект од промоцијата на новите рози"


Продажно месето за весници
Продажно месето за весници

,,Фокус" во најновиот број објавува анализа во која пишува дека наместо СДСМ да ја разбуди опозицијата, власта го крена народот против Црвенковски. ,,Сега" пак, објавува уводник во кој прави пресек на ,,владеењето на актуелната власт со црвени панделки и лопати"

,,Наместо СДСМ да ја разбуди опозицијата, власта го крена народот против Црвенковски,, пишува во насловот на анализата ,,Бумеранг ефект од промоцијата на новите ‘рози’,, неделникот ,,Фокус,, коментирајќи го Конгресот на социјалдемократите, објавувањето на ,,Решенијата за Македонија,, и намерите да се порази актуелната власт. За ,,Фокус,, е прашање на што се надева СДСМ бидејќи смета дека Црвенковски претходно го навел целото свое, како што пишува, комуњарско стадо, да пие вода на вмровската воденица, па аргументира: ,,Дали од оградениот политички кафез во каков што се претвори Македонија, во кој заедно живеат и државни пари трошат синдикалци и интелектуалци, земјоделци и ситносопственици, тајкуни и пензионери, пролетери и волонтери, археолози и спортисти.академици и ученици…некој ќе се охрабри да излезе само поради тоа што во Програмата на СДСМ ќе препознае борба за слобода и за човекови права?,, Неделникот заклучува дека за несреќа на опозицијата на мнозинството од народот засега не му пречи режимот на ВМРО-ДПМНЕ и слепо го следи водачот, а Црвенковски не може да го убеди народот да ги отвори очите, зашто и тој учествуваше во неговото слепило,, завршува ,,Фокус,,.

Уводникот во најновото ,,Сега,,е, всушност, пресек на актуелните потези на Владата и на премиерот Груевски, богати, како што пишува, со црвени панделки и лопати, и е насловен токму така: ,,Бојкот за лопатарски избори!,,. Ако Никола Груевски, пишува ,,Сега,, сака со својот непродуктивен популизам и без вистински резултати експресно да добие уште еден мандат, тоа треба да му се дозволи, но без учество на опозицијата! ,, Ако сака да владее насилнички и апсолутистички,, продолжува неделникот, ,, нека владее, ама не со 60, туку со 120 пратеници!,, ,,Сега,, покрај другото, смета дека во кулоарите веќе се разработуваат можните сценарија за распишување предвремени избори, но препоставува дека тоа не може да се случи пред декември, бидејќи тогаш Советот на министрите треба да ја донесе одлуката дали на Македонија ќе и се определи датум за почеток на пристапните преговори.

Пред есенскиот извештај на Европската комисија за Македонија, неделникот,,Глобус,, ги анализира последните кадровски потези на Владата со испраќањето, за нејзин специјален претставник во Македонската мисија при ЕУ во Брисел, на 34-годишниот Дејан Ѓоршовски, како своевиден лобист за државава пред клучниот момент. Неделникот овој потег го оценува како позитивен со оглед на фактот што Ѓоршовски досега работеше во делегацијата на ЕУ во Скопје, што ќе рече со амбасадорот Фуере и е многу добар познавач на европските механизми и има контакти со потребните луѓе, но смета дека Владата тоа го прави предоцна. Од друга страна, ,,Глобус,, се чуди зошто вицепремиерот Наумовски, во време кога не е најповолно, се решава на повлекување на еден од дипломатите во Мисијата во Брисел, потоа, најавено е враќањето од Приштина на одличниот експерт за европски прашања Тилев, кој беше сменет во времето на Коневска-Трајковска, но,поради тоа, пак, се најавени смени на други квалитетни кадри во Секретаријатот за европски прашања. ,,Глобус,, заклучува дека останува да се види дали сите овие промени се искрен европски импулс на Владата или само козметички зафати во пресрет на есенскиот извештај.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG