Достапни линкови

logo-print

Хозе Луис Хереро, Амбасадор на ОБСЕ во Македонија


Хозе Луис Хереро, амбасадор на ОБСЕ во Македонија

Хозе Луис Хереро, амбасадор на ОБСЕ во Македонија

Мислам дека меѓуетничките односи полека се подобруваат. Во врска со неколкуте инциденти кои ги имаме видено ваму - таму, сметам дека воопшто не треба да претеруваме со нив. Ќе продолжиме да работиме на развојот на полицијата.

Амбасадоре, дали според Вас, меѓуетничките односи во Македонија се влошуваат, понеколкуте инциденти на меѓуетничка основа?

Сметам дека не е така. Мислам дека меѓуетничките односи полека се подобруваат. Треба само да се присетиме каква беше ситуацијата пред десет години. Може веднаш да се заклучи дека ситуацијата денес е многу подобра и сметам дека не е потребна натамошна дискусија. Сега гледаме инстанци каде луѓето сакаат да одат понатаму и да напредуваат. Исто така гледаме неколку дисфункционалности кои се резултат од давањето на поголеми права на сите заедници. Ќе дадам еден пример. Во образовниот систем гледаме како денес секој ја има можноста да се школува на мајчиниот јазик. Тоа главно важи за двете најголеми заедници, но и останатите заедници исто така имаат вакви загарантирани права. Како резултат, во училиштата гледаме поголема сепарација на ученици, зависно од тоа на кој јазик се образуваат. И ова не е многу позитивно. Тука треба да размислуваме за последиците и да најдеме решенија, со цел на луѓето да им се овозможи да се надградуваат врз спецификите од нивните етнички култури, да учат на нивниот мајчин јазик, но и да се интегрираат со другите заедници на продуктивен начин. Ова е комплициран предизвик кој не се случува само во оваа земја, туку и на многу други места. Инаку во врска со неколкуте инциденти кои ги имаме видено ваму - таму, сметам дека воопшто не треба да претеруваме со нив. Сметам дека власта, опозициските политички партии, заедно со политичките организации кои ги претставуваат сите заедници и организациите на граѓанскиот сектор, треба да создадат чувство на оптимизам.

По неодамнешните апсења на полицајци, дали македонските граѓани губат доверба во полицијата?

Да, ОБСЕ соработува со полицијата во оваа земја, најмногу во 2001 година по конфликтот, кога полицијата повторно се распоредуваше низ земјата и тоа беше мошне успешен потег. Многу сме среќни што се помина добро, но тоа е во минатото. Проблемите со кои се соочува полицијата денес се од друг тип. Фактот што одреден број полицајци беа опфатени од неодамнешната операција за спречување на корупција може да се интерпретира на неколку начини. За мене тоа претставува илустрација на посветеноста при постапките на Министерството за внатрешни работи за прочистување на структурата. Тука има два феномена. Првиот е осознавање дека проблемот постои, и второ, преземање акција за негово решавање. Значи кога во воспоставена демократија има инстанци на јавни службеници кои се гонат кривично, без разлика дали е тоа министерството за внатрешни работи или друг дел на јавната администрација, нормална интерпретација е дека станува збор за здрав демократски систем, бидејќи тие луѓе не се над законот. Мислам дека гледаме како полека но јасно тоа се развива и овде. Повторувам, довербата во полицијата воопшто не е намалена поради операции против оние делови на полицијата кои можеби се корумпирани.

Еден од критериумите од Брисел се однесуваат на јавната администрација. Дали јавната администѕрација се претвора во мал и ефективен систем?


Би сакал да мислам дека е така. Работиме на тоа, не е лесно. Во кој било транзициски режим, како што овде е случај, тоа не е лесно. Има многу елементи кои придонесуваат кон создавање на дисфункционални околности. Овде го имаме интеретничкото прашање. Ова е млада земја, помалку од 20 години стара, во минатото имало еднопартиски систем и има многу инерции кои одат во спротиставени правци. Сметам оти засега е позитивно што има осознавање дека има проблеми поврзани за ефикасноста на јавната администрација. И тука е и потребата за натамошна професионализација на јавната администрација. Има многу случаи во оваа земја кога одлуките не се носат врз основа на проценка, врз основа на професионална компетитивност, кои треба да бидат водечките принципи. Потребно е помалку политизација и повеќе административна рационалност.

Имајки предвид дека приватни компании, како австриски ЕВН имаат проблем со наплата на долгови, дали властите имаат воспоставено контрола низ целата територија на Македонија ?

Станува збор за правен процес кој се уште трае. Имаше процес во суд, беше донесена една одлука, па поинаква одлука беше донесена по поднесените жалби. Не би сакал да зборувам во интерес на кого било. Ние продолжуваме со надгледување на процесот и релативно сме задоволни што имаше различни перцепции меѓу судските власти кои работат на случајот. Како што реков беше донесена првична пресуда, по што имаше поинаква пресуда на апелација. Сега треба да видиме што ќе прават двете страни и како ќе се реши ситуацијата.

Како ја оценувате општата безбедносна состојба во Македонија ?

Сметам дека општата безбедносна состојба изгледа позитивно. Тоа и претходно го имам напоменато и се чини дека таква е и перцепцијата на пријателите на оваа земја и меѓународната заедница. Како и да е, не можеме да ги игнорираме факторите на ризик кои се уште се присутни и мораме да работиме на тоа. Ова е мојата генерална проценка. Сметам дека ова е стабилна и мирна земја. Се случуваат многу малку вистински инциденти и тие се многу мали. Сепак, постојат тековни процеси за кои знаеме дека претставуваат или може да претставуваат ризик.

Што може да очекува земјава од следниот извештај на Европската Комисија во поглед на полицијата и безбедноста ?

Не можам ништо да очекувам од извештајот на Европската комисија. Јас ја претставувам ОБСЕ и тоа воопшто не е во мојот домен. Тоа што можам да го кажам е дека многу делови од работата на ОБСЕ се совпаѓаат со интересите на Европската унија. За земјата кандидат сите сме заинтересирани за развој на добро владеење, за развој на институции на демократска влада и секако заинтересирани сме за одржување на стабилноста. Сметам дека не само ЕУ и ОБСЕ туку и било кој со добра волја е заинтересиран демократијата во земјава да се развива во рамките на мултиетничка коегзистенција и стабилност. Како што реков, постигнат е напредок во многу нешта и останува уште многу да се работи. Споменавме неколку работи. Споменавме дека се уште е отворено прашањето за професионализација на јавната администрација, и најважно, ја спомнавме потребата за подобрување на меѓуетничките односи. Како што гледаме денес, мирната коегзистенција не е доволна. Ни треба повеќе од тоа. Треба да дојдеме до ситуација каде што богатството кое го претставуваат разликите станува продуктивно. Не е доволно луѓето мирно да живеат едни со други. Битно е сите заедно среќно да живеат и да се надградуваат врз база на разликите, со цел да создадат побогата земја. За тоа треба уште многу работа. Како што реков, се уште сме во фаза, се надевам при крај на фазата во која на сите заедници им се гарантираат правата. Се надевам дека полека тоа ќе се оствари. Сега треба да навлеземе во фазата за помирување на двете заедници, главно на двете поголеми заедници за коегзистенцијата да не постои само во книгата на уставот, туку да биде производ на желбите на општеството.



На кои проекти се фокусира ОБСЕ во овој период?

Мислам дека до сега ги имаме поминато главните прашања на кои работевме. Ќе продолжиме да работиме на развојот на полицијата, а ќе работиме и на подготовките за следните избори. Исто така ќе се фокусираме на децентрализацијата и административна рационализација во општините. Сега почнуваме со голем проект и се надевам дека ќе дадеме дополнителен придонес за професионализација на администрацијата. Исто така продолжуваме со работа на полето на владеење на правото, што претставува една клучна активност. Би сакал во иднина заедно со нашите партнери да се фокусираме на суштината на владеењето на правото, имено на независноста на судството. За тоа се потребни напори, и на крај фокус ќе биде ставен врз хармонизирање на меѓуетничките односи.
XS
SM
MD
LG