Достапни линкови

logo-print

Клучни предизвици за американските интереси


Денис Блер

Денис Блер


Секои 4 години американските разузнавачки служби изготвуваат стратегија која се фокусира врз надворешните предизвици на американските интереси. Оваа година, 4 земји се на врвот на листата, - Иран, Северна Кореја, Русија и Кина. Во извештајот се наведува и дека терористички групи се обидуваат да дојдат до оружје за масовно уништување и да го употребат против Западот.

Според извештајот на директорот на американското разузнавање, Денис Блер, Иран, Северна Кореја, Русија и Кина се најголемите предизвици за американските национални интереси. И додека Иран и Северна Кореја не се изненадување, неочекувано е вбројувањето на Кина и Русија на таа листа. Притоа, се наведува дека Русија и Соединетите Држави имаат заедничка цел , - до обезбедат нивниот нуклеарен арсенал да не дојде во погрешни раце, но исто така дека Москва можеби ќе продолжи да бара начини за зголемување на моќта и влијанието на начин кој нема да биде во интерес на Вашингтон. За Кина е наведено дека е главен конкурент за ресурсите за кои се заинтересирани и Соединетите Држави, како и дека рапидно ја модернизира својата армија. Ентони Крдесмен, поранешен разузнавачки аналитичар, оценува дека ваквите проценки се реални.


“Како што Кина станува една од најголемите светски економии, така се појавуваат вистински предизвици во врска со набавка на минерали, енергија и друго. Тоа не значи дека Кина е непријател или закана, но во секој случај предизвикува загриженост”.

Според Кордесмен, во врска со Русија проблем е што таму сеуште не е стабилизирана економијата и демократскиот систем. Затоа се согласува дека треба постојано да се следи состојбата во Русија.

“Кога гледате на она што е сеуште втора светска нуклеарна и воена сила, клучен извозник на воена технологија и земја со големо меѓународно влијание, а притоа да не гледате како на потенцијален ризик, тоа би било грешка на разузнавачките служби”.

Но, Кордесмен, исто како и за Кина, нагласува дека тоа не значи дека на Русија треба да се гледа како на непријател. Инаку, меѓу другите заклучоци во извештајот на американските разузнавачки служби е дека тие сега многу подобро го разбираат дејствувањето на Ал Каеда и на другите терористички групи, но и дека тие групи сеуште се обидуваат да набават оружје за масовно уништување кое би го искористиле против Западот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG