Достапни линкови

До кога економска криза?


Фабрика
Фабрика

Владата презема мерки за да го олесни работењето на фирмите во услови на криза, но сепак домашните стопанственици се жалат дека работата оди тешко и чекаат на поволните кредити од европските фондови со цел влез на толку потребниот свеж капитал. Владата оптимистички најавува излез од кризата до крајот на годинава.

Македонија годинава е на трето место во сцетот по спроведените реформи за водење бизнис, според извештајот на Светската банка „Doing Business“. Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека овој резултат се должи на спроведените економски и политички реформи, додавајки дека определбата на владата да продолжи со реформите е потврдена со овој „одличен резултат“. Една од клучните реформи кои власта ги спроведе за подобрување на бизнисот, според упатените и приватосопствениците, е воведувањето на рамен данок и многубројни даночни олеснувања за компаниите во услови на криза. Според упатените, воведувањето на рамниот данок заедно со останатите олеснувања се поволни за фирмите. За Роман Пападимитров од Фондот за развој на човечки ресурси било какви олеснувања за фирмите се поволни:

„Моето видување е дека ова што се прави е добро. Значи било каква мерка што се презема за да им се помогне на малите и средни претпријатија е добродојдена, меѓутоа она што кај мене создава некаков сомнеж е тоа што нема некаков тек на активностите, нема некаква координација или овие мерки да се во некаков пакет.“

Пападимитров забележува дека олеснувањата за фирмите бавно се спроведуваат.
Значи било каква мерка што се презема за да им се помогне на малите и средни претпријатија е добродојдена, меѓутоа она што кај мене создава некаков сомнеж е тоа што нема некаков тек на активностите


„Се презема една мерка, на пример се најавуваат некакви фондови дека ќе бидат возможни за малите и средни претпријатија кои што сеуште не се активни, некакви даночни олеснувања итн. Значи не се оди координирано, не се прави една добра програма која што од друга страна пак доста доцни, значи многу земји веќе најавуваат дека излегуваат од кризата, додека ние еве во четвртиот квартал од годината дури сега споменуваме некакви мерки и олеснувања, а според мене ова требаше да се случи во вториот квартал.“

Од приватните компании нагласуваат дека во услови на криза тешко се работи. Директорот на Бовин, Ѓорги Тренев вели дека за сега најбитно е влез на свеж капитал во компаниите, посочувајки ги поволните кредити од европските фондови кои допрва треба да се операционализираат.

„Верувам дека во најскоро време ќе бидат достапни и тоа верувам дека многу ќе помогне за работењето на малите и средни претпријатија бидејќи сите во овој период се соочуваме со тешкотии од аспект на неопходните обртни средства за секојдневно функционирање на претпријатијата.“

Упатените велат дека за државата е битно да ги наплаќа даноците, со цел да го полни Буџетот. Шенај Џаџимустафа од Центарот за економски анализи вели дека надлежните треба да воведат построга контрола за наплата на даноците и да го стимулираат приватниот сектор:

„Добро е што пониските даночни стапки влијаат да се намали даночната евазија, значи тоа е одбегнувањето на плаќањето на данок, од друга страна што треба да направи државата е да ја зајакне контролата и санкциите против оние кои што не ги плаќаат даноците со цел да може да се полни буџетот онака како што се планира. Имајќи во предвид дека самата економска криза ги погоди микроструктурите, а тоа се бизнисите, самите претпријатија значаен дел имаат навистина проблеми во работењето, па така ако имаат помалку работа тоа сигурно значи дека ќе плаќаат и помалку данок, значи немате даночна основа за да платите данок. Значи ако претпријатието не работи, или имаат помал обем на работа, автоматски помалку приходи по основ на даноци ќе влезат во буџетот.“
Добро е што пониските даночни стапки влијаат да се намали даночната евазија, значи тоа е одбегнувањето на плаќањето на данок, од друга страна што треба да направи државата е да ја зајакне контролата и санкциите против оние кои што не ги плаќаат даноците со цел да може да се полни буџетот онака како што се планира


Од опозицијата, пак не ја исклучуваат можноста за зголемување на одредени давачки кон државата. Зоран Јовановски од опозициската СДСМ вели дека во услови на криза и намален економски раст, за финансирање на буџетот Владата има можност или да се задолжи или да ги зголеми побарувањата од фирмите и граѓаните:

„Видете секој дефицит во буџетот мора од некаде да се финансира. Тој ќе се финансира или од домашни или од надворешни извори. Ако одлуката е да биде финансирањето од домашни извори, тогаш една од опциите која што и останува на владата за финансирање на таквиот дефицит е и зголемување на даноците. Така што таа можност не е исклучена.“

Од Министерството за Финансии, од друга страна, тврдат дека економијата ќе се опорави. Од таму имаат оптимистички прогнози за македонската економија. Министерот за Финансии Зоран Ставрески вели дека Бруто Домашниот Производ најпрвин ќе бележи пад, но состојбата ќе почне да се опоравува во четвртиот квартал од годинава:

„Проекциите во овој момент се дека БДП до крајот на годинава ќе оствари вкупно негативна стапка од 0,6%, дека во третиот квартал ќе биде негативен, но во четвриот квартал очекуваме македонската економија да излезе од рецесијата и да почне да закрепнува, при што поосетно тоа ќе се почувствува и во продолжение во текот на 2010 година.“

Дел од граѓаните веќе се жалат за високи давачки кон државата. Прилепчани се бунат за високите сметки за данок на имот. Жителите на Прилеп се жалат дека сумите се многу поголеми од лани кога данокот беше зголемен за 200 проценти. Прилепчанецот Димко Андоновски вели дека годинава плаќа дупло повисок данок од лани.

„Големи сметки преку 200 посто. Јас плаќав 300 денари, а сега плаќам 500 денари. Каде го има тоа.“

И додека фирмите плаќаат рамен данок од 10 проценти, граѓаните од годинава почнаа да земаат пари по системот на бруто плати. Согласно системот, повеќе од една четвртина од бруто приходот на работникот и се плаќа на државата во форма на придонеси. Просечната бруто плата е утврдена на 27.507 денари. Од овој износ се пресметува чиста плата во висина од 18.426 денари. Останатиот дел од приходот на граѓаните оди за придонес за пензиско и инвалидско осигурување за што се одбиваат 19 проценти или 5.226 денари од бруто приходот. Просечниот работник плаќа околу 2.000 за здравствено осигурување, или 7,5 проценти. Нешто повеќе од 1700 денари од просечната бруто плата се издвојуваат за придонес за осигурување во случај на невработеност, дополнително здравствено осигурување и персонален данок. Се на се, за плата од 18.426 денари, 9082 денари се плаќаат за придонеси. Со стариот систем, за исплата на нето плата од околу 15.000 денари, државата добиваше нешто повеќе од 9.000 денари. Лилјана Јанкуловска, раководител на секторот за економски односи при Сојузот на Синдикатите, вели дека со воведувањето на системот бруто плати, реално има олеснување за работниците:

„Реално имаме зголемување на платите во Македонија за 20,4% но, тоа е се поради воведувањето на системот на бруто плата, односно вградувањето на храната и превозот на платата на работникот. Но, она што нечини во овој сегмент е тоа што сите работници не ја добија храната и превозот во нивните плати и тоа за жал е онаму каде што платите на работниците се дури најниски, а тоа е
Реално имаме зголемување на платите во Македонија за 20,4% но, тоа е се поради воведувањето на системот на бруто плата, односно вградувањето на храната и превозот на платата на работникот
приватниот сектор, односно стопанството. За жал во овие дејности, во оваа област, платите на работниците не се зголемија колку што очекуваме, туку работодавачите или воопшто не ја калкулираа во износот на платата, или ја калкулираа во помал износ или пак, отидоа на решението што и законот им го дава да им плаќаат превоз, односно само висината на превозот влезе во платата на работникот, а додека износот на храната се обезбеди преку обезбедување на топол оброк.“

Јанкуловска забележува дека и покрај тоа што е воведен систем на бруто плати, проблем претставува фактот што во земјава се уште има работници кои работат за чист приход од 2.000 денари месечно.

„Имаме работници по дејности каде што во просек земаат по 6 000 денари плата, што значи таму ако ја земеме вредноста на храната и превозот и вредноста што како плата треба да ја остварува произлегува дека тие работници работат за 2 000 денари, а другото им е храна и превоз.“

Вели Јанкуловска.
XS
SM
MD
LG