Достапни линкови

logo-print

(Не)заштитени работнички права?


Стотина наставници беа отпуштени пред почетокот на новата школска година, бројот на работниците во индустријата во јули се намалил за седум и пол проценти во однос на минатиот месец. Колку законот за работни односи и најновите измени, кои ги донесе Владата ги штити правата на работниците? Со оглед на тоа што се менуваат педесетина членови и се воведоа измени во законот за работни односи се укажува на тоа дека треба да се донесе нов закон вели Милан Живковиќ од Сојузот на синдикати на Македонија.

„Сегашните измени што се донесени од Министерството за труд и социјална политика и покрај тоа што се за поздравување во одредени делови, можеме да кажеме дека во целост не се добри за работникот, за правата на работниците и Синдикалното движење во Македонија. Можеме да констатираме дека законот за работни односи треба да се менува, но треба да се направи нов.“

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Раско Мишкоски вели дека законот остварува дел од правата на работниците, но сепак најважни за нивно спроведување се колективните договори.

„Не е само законот за регулирање на правата, многу повеќе се регулираат со колективните договори и затоа ние инсистираме на потпишување на што повеќе договори. Законот е едно, а со колективните договори се регулираат други права.“
Не е само законот за регулирање на правата - ние инсистираме и на попишување колективни договори, тие се најважни

Според професорот по трудово право Осман Кадриу законот досега воопшто не им помогнал на работниците.
„За волја на вистината сегашниот закон за работни односи, па и првиот кој што се донесе во 2005-та година, матичниот закон за работни односи најмалку има одредби со кои се уредуваат и гарантираат правата на работниците.“

Од помош не се ни никои синдикати, кои наместо да работат во полза на работниците тие се политички мотивирани, додава Кадриу.

„Факт е дека сегашната состојба и сегашните однесувања во одделни синдикални организации упатуваат на заклучокот дека и кај нив има политика и политичко дејствување, што сметам дека не е во ред.“

Законот за работни односи е донесен во 2005 година. Со новите измени се предвидува продолжување на рокот на договорот за работното време, намалување на годишниот одмор, укинување на работничката книшка, додека пак работодавачот по прогласување технолошки вишок една година може да не го пополнува работното место.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG